Букбокс читанка

„КРАЈОТ НА ЕДНА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА“ од Греам Грин

Краевите се секогаш поинтересни од почетоците. Крајот подразбира некакво сведување, заокружување, резимирање. Можеби не се сеќавате како и кога нешто почнало, но ако го преживеете, знаете да го препознаете крајот.

Во фаталните љубовни приказни тој се насетува уште пред нештата да се случат – сè ви вели да се свртите и да заминете, но нозете ви тежат, телото ви се поддава, а умот ви се мати. Наскоро сте толку длабоко нурнати во врската, што вие и Тој (или Таа) од неа правите своја еколошка ниша, свој свет, во кој не важат физичките закони. Неколку часа можат да минат како минути, не ви е потребна храна и вода, сосема е неважно дали надвор врне или пече сонце, и дали во регионот има земјотрес или граѓанска војна. Навлечени на љубовта како на дрога вие, спротивно на стереотипното уверување, не сте ни најмалку заслепени – само не сте тука.

Во паралелниот универзум кој го градите, вашите сетила, вклучително и она за вид, се изострени до болка. Стравот од смртта и вчудоневиденоста од љубовта, прават верник и од најголемиот атеист. Токму затоа тие – смртта и љубовта – се толку блиски. Тазе вљубените формираат посебна секта, со свои симболи, речник и тикови. Дури и кога се сами на нивното лице трепери блага насмевка, ја користат и најдалечната асоцијација да го споменат омиленото име, постојано го проверуваат мобилниот, и почнуваат да ги игнорираат пријателите. Оние кои некогаш силно љубеле, и се изгореле од тој оган, не се толку лесно препознатливи – нивната енергија е стишана, дури и спокојна, како кај хронично болните. На нивните некогашни 'колеги' – заљубените – гледаат со симпатии но и со сожалување, бидејќи знаат што ги чека. Без оглед на годините, нивниот чекор е забавен, а погледот често се губи. Не, тие не се несреќни. Повеќе посветени од скршени, тие само се прашуваат: дали е вистина дека само еднаш се љуби, а „све је остало варка".

Честитајќи му го роденденот на Греам Грин (2. октомври 1994), не можеме а да не му го изразиме нашето сочувство (со–чувство) што е припадник на вторите. Некој меланхолично седи на клупа на кеј дури дува есенскиот ветар и гледа во една точка, а некој својата љубовна мака ја канализира преку пишување. Не знаеме ништо за приватниот живот на Грин, но човек кој не поминал низ голготата на невозвратената или трагична љубов не може да биде толку убедлив. Тој не само што мајсторски ги слика сите нијанси на чувства кои ваквата љубов ги предизвикува кај едниот од партнерите (љубовникот, писателот, еден од тројцата главни ликови во романот, кој е можеби автобиографски), туку е исто толку вешт во портретирањето на жената, и нејзиниот маж – третиот во љубовниот тријаголник.

Приказната е крајно интересна: загрижениот маж и напуштениот љубовник се здружуваат за да ја следат и за да откријат дали ним саканата ги изневерува со некој трет! Во еден сложен сплет на љубомори, омрази, недоверби и да, многу љубов, излегува дека нејзиниот трет е никој друг туку – Бог. Заветувајќи се дека ќе ја прекине забранетата врска, а истовремено несреќна во бракот, таа мора да најде потпора во нешто поголемо од сите нив, кое ќе ѝ помогне да истрае. Како изгледа крајот на оваа љубовна врска нема да ви откријам. Само ќе ви кажам – подгответе ги паломите.

Врз основа на оваа книга е направен и истоимениот филм на Нил Џордан, со Ралф Фајнс и Џулијан Мур во главните улоги. Сепак, прочитајте ја книгата пред да го гледате филмот. Не дозволувајте режисерот прв да ви каже како да си ги замислите. А многумина веројатно ќе се замислат себеси...

2 октомври 2010 - 00:00