Осмомартовска букбокс читанка

„Машкост“ од Харви Менсфилд

Во пресрет на Денот на жената, со нескриено задоволство го одбележуваме исправањето на една историска неправда – отсуството на згодни и доволно разголени мажи на насловната на овој сајт!

Иако без илузија дека со ваков скромен прилог долгорочно ќе ја нивелираме родовата застапеност на нашиот омилен медиум, и со целосна емпатија кон естетските и други преференци на уредниците на истиот, на денот на жената проговараме за згазените права и подјармената положба на современиот – маж!

Не, не е иронија. Истражувања од различни дисциплини и краишта на светот покажуваат дека, и биолошки и социјално, положбата на мажот од моментот на „осве(с)тувањето" на неговата поубава половина се влошила. Сериозни медицински списанија излегуваат со загрижувачки вести (кои упростени до нас стигнуваат преку рубриките „Здравје" во дневните весници), според кои современите мажи имаат повисока стапка на морталитет од нивните предци, умираат во просек пет години порано од жените, страдаат од импотенција, а во опаѓање е особено нивниот фертилитет.

Книгата на Харви Менсфилд (колку соодветно презиме) „Машкост" (Manliness), една од ретките студии посветени на ова прашање во современата антропологија и филозофија (авторот предава политичка филозофија на Харвард), покажува дека и на психолошко поле ситуацијата не е подобра – иако формално се залага за родово неутрално општество, во кое дали сте маж или жена не треба да влијае врз вашите животни шанси и избори, западната култура на новите околности ја има прилагодено само женската половина, овозможувајќи ѝ да има кариера паралелно со имањето дом и семејство. За некои жени тоа практично значи дупла работа – дојди дома, соблечи бизнис сакото, и фати се за тенџерето. Но за други тоа значи поделба, а не уште поголемо трупање на обврските. Нивните мажи, изненадени од ваквата ситуација за кои не биле информисани од нивните истополови предци, сега се на мака – да ја земат правосмукалката в раце, да научат да везат и штиркаат, или едноставно да си останат ергени?

Доколку имате пари ситуацијата лесно се решава – земате жена која ќе ви ја врши домашната работа, и така компензирате за отсуството на „вистинска" домаќинка во семејството. Но тоа не ја менува суштината на прашањето, а тоа е како различните полови се снаоѓаат во променетите општествени околности, и дали е тоа на нечија (машка) штета. На жените кои ги познавам изгледа како да им оди добро – ги има во политиката, медиумите, трговијата, дури и меѓу таксистите. Се уште родово не-неутрализирана, Македонија со тоа на некој начин им оди во прилог, ем се уште ви го придржуваат капутот и вратата и не се осудуваат толку лесно физички да ве нападнат ако споро уфрлате во прва на семафор, ем најчесто (арам да им е на исклучоците) ве третираат како професионално рамноправни.

Паметните и згодни жени, пафтајќи со долгите трепки и подместувајќи си ги кратките здолништа, пред очи им ги земаат работните места и парите на нивните машки колеги. Користејќи ги сите борбени средства кои им стојат на располагање, кого удрат со штикла не жалат. Но тоа и не е толку различно од начинот на кој се однесувале и нашите прабаби. Задоени со стереотипната претстава за „патријархалноста" на нашите заедници, и смерноста на Калеш Анѓа или Бисера, забораваме на механизмите на женската субкултура кои ним отсекогаш им стоеле на располагање – оговарањето, сплеткарењето, магијата, сексуалната уцена, женската солидарност, лукавоста, и сето останато што се подразбира под „женска беља". Харизматични жени во турско знаеле да бидат дури и селски старешини (примери со име и презиме: Стамена Гулиманоска во Голо Брдо, Софија Марковска во Галичник итн.) Во независна Македонија две жени до сега се на чело на „најмажественото" министерстерство за внатрешни работи. Остана уште функцијата „министер" политички коректно да се кажува во женски род, па битката да е целосно извојувана.

Студијата на Мансфилд оттаму е апологија на еден род, најмажевен од машкиот, кој според него наскоро ќе изумре како птицата додо. „Машкоста" (или уште повеќе – мажественоста) во биолошка смисла отсекогаш подразбирала доза на агресивност, самодоверба и подготвеност за превземање ризици. Додека жените седеле дома и чекале крај запалениот оган, мажите биле оние кои требало да ја уловат вечерата. Историски, идејата за Кременко кој со камен боздоган ја онесвестува избраничката во напад на љубов еволуира во онаа за коњаникот-џентлмен („строг, али правичан"), кој е некаква средина меѓу напасник и мекуш. Но Хемфри Богарт или Џон Вејн, чии ликови за половина планета се се уште парадигматично „мажествени", одамна се мртви. Ете нè заглавени со Бред Пит и Џастин Бибер - секоја чест на Бред, ама тој на Анџелина (особено во нејзиното Лара Крофт издание) може вода да ѝ носи. Можете ли да го замислите како бавно каскајќи кон зајдисонцето на сец плука, пали цигара и го изговара она антологиското „A man's gotta do, what a man's gotta do"? Каква цигара, каков коњ...Мене одма пред очи ми е како преповива едно од неговите шест деца.

Единствено што можеме да сугерираме воочи Прочка е жените да им простат на мажите за историски нанесените неправди, а мажите пак да се помират со нивната нова, шизофрена улога. Со џогер во една и француски клуч во другата рака, со набилдани мускули и нежно срце, купувајќи им скап подарок на нивните Амазонки, тие можат само да воздивнат – а мен'с гота ду, уат а мен'с гота ду.

8 март 2011 - 00:00