Букбокс читанка

„Допир од далечина: Иан Кертис и Џој дивижн“ од Дебора Кертис

Неодамнешната промоција на македонското издание на оваа книга почна со спојлер - дека главниот лик се има самоубиено. Но и целата книга како да е еден голем спојлер за сите оние кои во младоста беа (или кој знае, можеби уште се) хипнотизирани од прерано згаснатиот младешки гениј на Иан Кертис.

Понекогаш читањето (авто)биографија за нам познат и драг уметник само ја дополнува позитивната слика за него, отвара нови хоризонти во толкувањето на она што го работел, по што чувствата од гледање/слушање на неговите дела стануваат уште поинтензивни. За сите оние растени на „Џој дивижн“, во времето кога да носиш црно значеше дека сигурно ги слушаш, а за оние од Скопје и дека излегуваш кај Картерот во „Лондонче“ или во „Ван Гог“, еден голем спојлер - ова не е таква книга. Или барем не е доколку некој сака да ја сочува сликата за херојскиот, намачен лик на Кертис, засилена со фактот за неговото самоубиство во 1980, на само 23 години.

Со мешавина на панк, дарк и меланхолија, „Џој дивижн“ беше пионер на њу вејв-от. Останатите членови по смртта на вокалот Кертис го формираа Њу ордер и додадоа повеќе електроника на постоечкиот жанр. Обата бенда станаа извор на инспирација на куп музика што следеше - Рејдиохед, Кјур, Д Килерс, У2. Но оваа книга само делумно се допира до музичката приказна. Напишана од сопругата на Кертис, Дебора, издадена најпрвин во 1995, а потоа уште еднаш во 2014 со нов вовед од тапанарот на бендот, Стивен Морис, таа е биографија напишана во прво лице од девојката која тивко помагала но и страдала додека Јан се приближувал до славата (и до смртта), и додека, наместо да ги спојува, љубовта ги разделувала.

Според нејзините описи, Иан бил комплициран и тежок човек. Да, намачен, заради честите напади на епилепсија и семејните финансиски и други проблеми, но исто така и мачен за околината - посесивен контрол фрик, кој знаел да биде и насилен. Иако тој фигурира како главен лик на приказната, онаа паралелната, за Дебора која се грижи за сметките, храната и ќерката додека останатите се бават со својата уметност, дроги и метафизички демони, е многу поинтересна. Затоа што за овие стории, на луѓето интимно поврзани со славните личности, ретко дознаваме, а и тогаш кога тие пишуваат мемоари често знаат да преувеличуваат или да ги менуваат фактите за истите да постигнат поголем комерцијален аспект.

Оваа (авто)биографија е поинаква, затоа што не делува ниту како долго одложуван „споменик“ на ликот и делото на Јан, но ни како спротивната крајност, „ривенџ-мемоар“ на жена која долго време била малтретирана - не смеела на пример да се шминка ниту да носи „провокативна“ облека - додека нејзиниот харизматичен маж самиот имал паралелна врска. Нејзината нарација делува балансирано и, со оглед на изминатото време, веќе не многу луто. Повеќе се работи за тага што Иан не ја вклучил во она што му било најважно - во неговиот музички свет. Книгата претставува обид за едно такво накнадно вклучување, иако според зборовите на Дебора, „ако некој се убие, тој секогаш го има последниот збор“.

На крајот на книгата се поместени и сите стихови на Иан, неговите песни кои се веројатно и неговото најголемо наследство. Помеѓу нив и „Пренос“, од која е земен и насловот не книгата:

Слушни ја тишината, остави ја да ѕвони
уплашени од сонцето, темнозелени очи.
Ќе уживаме во овој ноќен живот,
оставени на слепото уништување,
чекајќи да ни се врати видот.

И ќе продолжиме како ништо да не ни фали,
и ќе се криеме од овие дни во кои останавме сами,
ќе останеме на исто место, само да се потроши времето,
Допир од далечина,
С
è подалеку како изминува времето.

Македонското издание е на Конгресен центар, во превод на музичкиот критичар Ненад Георгиевски, а стиховите во препев на Милан Дамјановски.

Претходно: Како е да си мајка на рок ѕвезда

16 декември 2017 - 12:43