Букбокс читанка

„Дом со нула отпад“ од Беа Џонсон (и интервју со преведувачката)

Дали може да замислите во тек на една година вие и вашето семејство да произведувате само една тегла отпад? На оваа авторка тоа ѝ успева, таму некаде во Америка. Но и кај нас има луѓе кои се обидуваат ако не нула, а тогаш барем да прават помалку ѓубре.

„Секое излегување
колата ја полниме
со ќеси ѓубре
да не го фрламе
во селската река.
Цел пат до Сливница
ни труе
на расипана паштета.

Добрите намери
се поплочани
со јака смрдеа“

Песнава спаѓа во жанрот „жива вистина“. Дури кога ќе поминеш одмор на место во кое нема организирано собирање отпад сфаќаш какво ѓубре од луѓе сме. Наместо homo sapiens, нашиот вид оправдано може да се вика homo purgamentum (човек-ѓубре) – таков кој трупајќи отпад околу себе и самиот некако ги попримил квалитетите на евтините пластики, непотребните амбалажи, целофанчиња и цевки, без кои лесно би можел, ама нејќе, или не знае дека може.

Приказната за загадувањето често се изедначува со физичкото трупање отпад или штетните честички во воздухот. Притоа се заборава еден многу поважен аспект: обидот за намалување на ѓубрето, најпрвин во сопствениот простор, а потоа и вон портите на домот, е всушност донкихотовска борба против хаосот и нередот, во име на поредокот, убавината и доброто. Затоа што злобните коментари на социјалните мрежи, лажните вести и визуелното загадување се подеднакво опасен „отпад“. Но од некаде мора да се почне. На пример – од себе.

Пораката за преводот на книгата „Дом со нула отпад“ во сандаче ми стигна одамна, заедно со поканата да присуствувам на нејзината промоција. Сомничава дека станува збор за уште едно „проектче“ на некоја невладина, која за неговото изведување ќе произведе повеќе отпад отколку што ќе спречи негово создавање, љубезно заобиколив. Но Андријана беше упорна, и тоа со добра причина. Кога конечно ја добив книгата сфатив за што всушност станува збор: дека таа не е само нејзина преведувачка, туку и еден од иницијаторите на идејата за нула отпад во Македонија, која – и ова е најважното – и самата се обидува да живее според овие принципи. Ова станува јасно од благодарноста на почетокот на книгата, не напишана од авторката туку од преведувачката, кон издавачот, лекторите, поддржувачите, семејството, практика која е невообичаена, но укажува на страста и посветеноста на целиот проект, кој наместо „проектче“ во моите очи одеднаш прерасна во „проектиште“.

Поднасловот на книгата е „Водич за поедноставување на живеењето“. Поедноставување? Во Македонија? Земја во која е сложено да им објасниш на продавачите да не ти даваат ќеса? Во која на прашањето „што ви треба за детето, да не ви купуваме глупости за роденден?“ добиваш само навидум благонаклон одговор „ништо, ништо, не се трошете“, кој не ти го решава проблемот бидејќи секако треба нешто да однесеш – да, завиткано во целофан и со етикета? Во која те гледаат како лудак кога ако пазариш сирење или маслинки си носиш сад од дома? Не, ништо тука не е едноставно. Но не значи дека не може да биде, со малку челични нерви и подобра организација. Па како живееле нашите стари илјадници години? Со млеко во тетрапак?

И на Беа Џонсон таму некаде во Америка не ѝ било сосема лесно. Иако навидум со многу подобро поставен систем, и таа морала да вози километри за да купи нешто рефус или да врти куп телефони за да разбере каде се рециклира одреден вид стакло, од предмет кој се скршил. Но продажба на голема куќа и нејзина замена со помала и ги отворило очите – одеднаш сфатила колку многу предмети не им се потребни, на неа и на нејзиното четворочлено семејство, и колку им е поубаво (и поевтино) во помал простор. Она што почнало како скромен проект на „деклатеринг“ наскоро прераснало во сериозен потфат на намалување отпад, за семејството Џонсон да стигне до една тегла ѓубре годишно!

Нејзината книга е полна со корисни совети, рецепти за домашно приготвени бонбони, козметички средства, „бабини лекови“ и пренамена на постоечки предмети. Дали на пример сте знаеле дека можете дома да направите кармин, од цвекло? Или дека исечените нокти и коса можат да послужат, заедно со другиот органски отпад, за правење ѓубриво за саксии?

Некои од овие насоки се тотално неприменливи кај нас („купувај пиво на точење од локалната пиварница“ – аха, ок; „не прифаќај фискални сметки“ – нели законски мора да ја земеш?; „користи алат од колаборативна алатотека“ – нема таква кај нас, освен институцијата „позајми на комшија кој потоа не враќа“). Но некои поопшти принципи и тоа како можат да го олеснат животот. На пример овие, за избор на тоа што да задржиш а што да фрлиш: Дали може да се употребува или е застарено? Дали редовно го користам? Дали имам две такви? Дали го загрозува здравјето на моето семејство? Дали го чувам поради чувство на вина? Дали го чувам бидејќи „сите имаат такво“? Вреди ли времето кое го поминувам чистејќи го? Може ли да се реупотреби?. Кога еден по еден предметите ќе ви поминат низ раце поставувајќи ги овие прашања, на крај гарантираме нема да останат многу.

Како поискусна во справувањето со отпадот, на Андријана и поставивме неколку прашања за предизвиците со кои се соочува.

При читањето на книгата станува очигледно дека ти не се јавуваш само во својство на нејзин преведувач, туку и нешто многу повеќе од тоа - иницијатор, промотор, можеби дури и активист за идејата за нула отпад. Може ли да ни опишеш како изгледа вашето домаќинство и какви се вашите дневни навики, купувањето намирници и фрлањето ѓубре (ако го има)?

Андријана Папиќ Манчева: Ми се чини дека прво се навлеков на идејата, и тоа толку многу што уста не затворав за нула отпад, па дури потоа засукав ракави за да ја преведам книгата. По речиси една година зборување и активно набљудување и анализирање на најблиското опкружување, со маж ми решивме да пробаме да ги смениме навиките, малку по малку. Би рекла дека нашето домаќинство е прилично типично за семејство со мало дете, но потрошувачките навики дефинитивно не ни се истите за разлика од пред година-две.

Еве зошто: пазариме со платнени торби и пластични садови или тегли зашто тежнееме да купуваме главно рефусни намирници и производи, вклучително и сјај за садови на точење и производи без пластична амбалажа (пр. прашок за перење алишта во картонска амбалажа, тоалетна хартија на парче). Пластичниот го заменив со метален брич, влошките со револуционерната менструална чашка, шампонот во шише со сапун кој го користиме и за тело и за коса. Ги баталивме алуминиумската фолија, хартиените бришачи за раце, најлонските кеси за ѓубре и кесињата за замрзнување, ластичињата, хартијата за печење, а најголемиот дел од средствата за чистење ги заменивме со оцет и рефус сода бикарбона. Постојано трагам по нови поодржливи алтернативи за производите кои и натаму се достапни само во амбалажа – што во практика досега значи правење домашна паста за заби, стик и крем за тело или испробување рецепти за тестенини. Одењето во шопинг веќе одамна не ни е искушение, а ослободувањето на домашниот простор од вишокот и непотребното ми станува нова пасија. Органскиот отпад од кујната се трудиме да го претвориме во компост и да и` го вратиме на природата. Нула отпад не постои во буквалната смисла на зборот зашто живееме во свет каде што „купувам, значи постојам“, но постои во смисла на постојано тежнеење да се намалат јаглеродниот отпечаток, потребата од материјални нешта и ѓубрето.

Колку е возможно да се живее според принципите наведени во неа во Македонија, каде човек мора да се објаснува ако не сака да земе обична ќеса, а камоли ако се појави во редица во супер-маркет со стаклени садови за да му измерат нешто рефус? Како ја оценуваш генералната клима околу ова прашање (што е најлошото а што е најдоброто што ти се случило откако се обидуваш да живееш со помалку отпад)?

Додека првпат ја читав книгата на плажа, пиејќи нес-кафе од пластичната сламка во пластична чаша, се сеќавам, ме обзема шок и не ми се веруваше како е возможно дури тогаш првпат да слушам за нула отпад. Следно, не ми се веруваше дека навистина баш секаде може да се живее според „петте златни правила“ како што тврди Беа Џонсон. Арно ама, не можев да седам мирна и почнав „од нула“. И сфатив дека не е едноставно, барем не на почетокот, токму поради фактот што продавачите не те ни дослушуваат кога ќе им кажеш „и без кеса“, но не е невозможно – само треба тоа „без кеса“ да го повториш повеќе пати!

Има денови кога преполните контејнери и расфрланото ѓубре наоколу ме обесхрабруваат и денови кога без проблем ќе ми го измерат сирењето без да употребат двослојна хартија за една употреба. Штом еднаш човек ќе почне да ги освестува личните постапки и да ги менува навиките, ми се чини, нема враќање. И не само што нема враќање, туку нема ни застанување. И не сум единствената кај нас што го има искусено ова. За мене нула отпад значи и излегување од личната зона на комфорот, вежбање трпеливост и доследност на она во што верувам дури и кога ќе сфатам дека сум заборавила да го замолам келнерот да не става сламка во сокот на ќерка ми. А едно од најубавите нешта што ми ги донесе се нови луѓе, истомисленици, кои ми даваат елан кога нештата изгледаат безнадежно.

Авторката Беа Џонсон била два пати во Македонија. Дали можеби искоментирала во однос на она што го гледала околу себе, како стоиме со (не)културата на справување со отпад во споредба со други контексти каде што била?

На пат од аеродром до Скопје за минатогодишната промоција на книгата памтам дека не очекуваше толку зелени предели, а додека муабетевме во Градскиот парк прокоментира дека не е изненадена што и кај нас има толку многу отпушоци од цигари. По толку одржани говори тукуречи низ целиот свет, ми се чини дека има видено сешто, но и натаму цврсто верува дека како потрошувачи можеме да влијаеме врз понудата на пазарот – самата ја потврдува моќта на поединецот, но факт е дека како и за сè, така и за ова е потребна масовност. Како за почеток, добро би ни дошло масовно фрлање на ѓубрето таму каде што му е местото.

Една од пораките на книгата, а и логичен потег ако човек не сака непотребни предмети дома, е да не се примаат подарци. Ова ми се чини како еден од најтешките принципи за одржување, барем во нашата средина, каде се смета за срамота да не примиш подарок, или да го предадеш понатаму, особено од блиски. Какви се твоите искуства во врска со ова?

Ми се чини дека никогаш нема да заборавам со колкава леснотија Беа Џонсон ја одби преносната метална закачалка за ташна што пред мои очи сакаа да и` ја подарат како практичен сувенир од Скопје. Беше пријатно изненадена што некој забележал дека ташната нон-стоп ја остава на земја, но беше логично да го одбие подарокот зашто едноставно не и` требаше. И немаше простор за лутење. Башка, беше спакувано во целофанче што засекогаш ќе постои на планетава.
Неприфаќањето подароци ми е еден од најголемите предизвици, особено затоа што подароците се секогаш завиткани во добронамерност. Во секој случај, мислам дека направив значаен исчекор пред некое време кога решив дека ќе им ги подарувам на блиски или на непознати сите оние нешта што не ми се допаѓаат или што се квалитетни и внимателно одбрани, но едноставно не ги користам. Има и такви што се толку неквалитетни што никому не би му ги подарила. Нејсе, ова оди бавно зашто настојувам ваквите работи да им ги дадам на луѓе на кои навистина би им требале.

Бидејќи и самата авторка вели дека во целава работа може и да се забега (како кога почнала да бара мов како замена за тоалет хартија), каде ја имаш поставено ти „црвената линија“? Дали желбата за нула отпад ти има направено повеќе нервоза, кога ќе излезеш вон својот дом? Дали дури сега почна да забележуваш колку има отпад наоколу?

Кога ќе погледнам наназад ми се чини дека отсекогаш сум забележувала колку отпад има наоколу, но со книгата почнав да забележувам колку од сиот тој отпад би можело воопшто да не постои доколку сме посвесни потрошувачи. На почетокот просто се фрустрирав зашто знаев дека можам да направам многу повеќе од тоа само да го фрлам ѓубрето во канта, а откако конечно прифатив дека треба време за да стигнам до таа една тегла ѓубре што ја полни Беа Џонсон годишно, помалку се прекорувам и себеси и најблиските и пољубезно им објаснувам на продавачите дека не треба да се секираат што марулата ќе ми ја наводени платнената торба. Откако ќерка ми ги откри лижавчињата и киндер-јајцата, јасно ми стана дека црвените линии допрва ќе треба да ги поместувам. Па сфатив дека само од себе можам да очекувам доследно да ги почитувам, со надеж дека еден ден ќе ѝ дојде природно со себе да ги понесе термосот, торбата и платненото марамче пред излегување. Во моментов, не попуштам за хелиумските балони и психички се спремам да пробам да живеам со реупотребливи пелени во следните година-две.

***

И за крај, како поттик кој произлезе од читањето на книгата и муабетите со Андријана (и неодамнешна работилница за градинарство во Ботаничката градина на ПМФ), две работи: во сабота, 6.04, од 12 часот до целосна чистка, пред цвеќарницата „Оксиџен фактори“ (на сама Партизанска, спроти Симпо) ќе бидат достапни предмети (облека, обувки, книги, тракатанци) за слободно земање. Согласно принципите на книгата, не ги земајте само затоа што се „гага“ туку ако стварно ви вршат работа.

Второ, конечно семејно се мотивиравме да направиме самоделски компостер во дворот. Одговорното фрлање ѓубре може да почне!

„Дом со нула отпад“ е достапна во книжарниците во центарот на градот и преку Фејсбук профилот „Од нула до нула“.

Илина, Букбокс

5 април 2019 - 10:10