Букбокс читанка

„Девет ноќи“ од Бернардо Карваљо

2 август 1939. Млад американски етнолог, еден од „перјаниците“ на неговата генерација, пулен на славните професори Франц Боас и Рут Бенедикт, извршува самоубиство во амазонските прашуми. Прашањето до денес останува нерасчистено - зошто?

Прилично е необично што дури и меѓу професионалните етнолози има малкумина кои воопшто чуле за Бјуел Квејн и неговата трагична судбина. Необично е затоа што етнолозите во принцип се интересираат за лични приказни, на стари луѓе, домородци, припадници на „егзотични“ култури, на секој којшто има нешто да каже од интерес за нивните проучувања. Но или нивните колеги не спаѓаат во ваквите „егзотични“ субјекти, или пак приказната за Квејн некаде по пат била табуизирана во рамки на еснафот. Можеби за како хорор приказна да не ги плаши уште неиспилените во професијата, или затоа што некој некогаш се почувствувал виновен за нејзиниот крај.

Бернардо Карваљо, бразилски автор, кој нема директна врска со етнологијата, одлучил да ја раскаже, низ роман кој комбинира документарни податоци, фиктивни исповеди на луѓе кои дошле во допир со Квејн во текот на неговиот престој меѓу бразилските племиња и личните истражувања на Карваљо, рамни на детективски. Главната нарација се обидува да ги реконструира настаните кои довеле до самоубиството на Квејн длабоко во бразилската џунгла, а онаа втората, напишана во курзив, се состои од мистериозни писма напишани од извесен Маноел Перна, инженер, кој имал можност да разговара со Квејн во текот на девет клучни ноќи пред самоубиството. Тие писма стануваат тестаментални посланија до оној (замислен/измислен) лик кој по многу години ќе се охрабри повторно да го отвори случајот.

Вистинскиот Бјуел Халвор Квејн, роден 1912, бил син на релативно имотни родители-интелектуалци. Татко му, лекар, бил ко-основач на најголемата болница во Северна Дакота и прв кој во САД употребил новокаин за локална анестезија. Мајка му пак ја отворила првата акушерска клиника во државата и била голем борец за искоренување на туберклозата.

Квејн, откако матурирал, на 16 годишна возраст работел на градењето железница низ Канада, а потоа почнал да патува - Европа, Африка, Палестина. Се запишал на факултет во 1929, но после само една година повторно не го држело место па заминал за Шангај, каде работел како морнар на парен брод. Честите патувања почнал да ги комбинира и со студиите по етнологија. Франц Боас, таткото на модерната антропологија, бил декан на одделението каде што студирал, истовремено и ментор на Квејн, а бил во постојана соработка и со славните Маргарет Мид и Рут Бенедикт, кои во него гледале потенцијален наследник.

Откако магистрирал заминал најпрвин за Фиџи каде го проучувал фолклорот на островјаните. На таа тема и докторирал на Универзитетот Колумбија. Веднаш потоа заминува за Бразил. Таму слуша за Трумаите, индијанско племе кое немало претходен контакт со белци. Откако добива грант од фондацијата Рокфелер, се одлучува на подолг престој меѓу припадниците на ова племе.

Но уште од почетокот неговото истражување било исполнето со фрустрации. Ништо не се одвивало како што посакувал. Властите - недоверливи кон странци - неколку пати го апселе, му ги следеле преписките, и не му дозволувале да работи на посакуваната територија. Кога еднаш тргнал во џунглата, најголемото кану, со сите продукти, му потонало. Но тој не се откажал додека не стигнал со селото на Трумаите. По три месеци лековите и храната почнале да му се трошат и морал да се врати во „цивилизација“. Таму бил повторно уапсен и му било забрането да се врати кај племето. Наместо тоа бил префрлен кај Индијанците од племето Крахо.

Крахо не му биле толку интересни на Квејн, затоа што биле „меки и имале чести контакти со надворешниот свет“. Сепак, сакал да им го регистрира јазикот кому му се заканувало исчезнување токму од наведените причини. Додека работел таму племињата почнале да заболуваат од некаква болест. Заболел и Квејн, а тоа го дознаваме од писмо до бразилски службеник во кој вели: „Умирам од заразна болест. Барам од вас да не ги проучувате околностите на мојата смрт. Ќе извршам самоубиство“.

На 2 август 1939 Квејн навистина се обесил, наводно за да ги спаси членовите на Крахо од ширењето на болеста. Неговото последно барање било сите негови документи да бидат испратени до Националниот музеј. Постхумно е објавена неговата студија, „Индијанците Трумаи од централен Бразил“. Инцијативата за истрага на околностите на смртта која ја покренале неговите родители не вродила со резултат. Официјално, се работело за самоубиство заради болест.

Но книгата на Карваљо е многу посложена. Според неа Квејн оставил седум писма во кои има индикации и за други можни причини за фаталниот крај, на пример ментална нестабилност, депресија, алкохолизам. Според оние кои имале допир со него тој зборувал и за некаква сопруга, и дека таа го изневерила со неговиот сопствен брат. Па сепак, податоци дека тој некогаш бил женет, или дека имал брат, не постојат. Исто така, оние кои го пронашле телото сведочеле дека Квејн не бил просто обесен, туку дека неговото тело изгледало како тој подолго време пред да настапи смртта да се самоповредувал, заради што практично искрварел до смрт.

Половина век подоцна, врз вистината за Квејн се уште виси дебел превез, кој Карваљо се обидува да го крене, но кој истовремено на моменти го вшмукува во мракот. Романот е практично мета-истражување и автореферентна етнографија, за едно некогашно истражување, и за писател кој за да го напише романот, мора да ги проживее истите околности во кој работел и истражуваниот етнограф. И притоа да внимава да не полуди и самиот.

Што е Вистина во сиот тој хаос на документи, гласови, интуитивно насетени нешта, фикции, апла лаги и недоречености? Можеби токму од овие причини етнолошката фела до сега не чепнала во оваа приказна, ниту пак ја препорачува на студентите, иако тие во ваквиот трилер сигурно би пронашле интересно четиво - затоа што ако не можеш да дознаеш што му се случувало на „свој“ човек на терен, што останува со вистината за другите?

Храбра и убаво напишана книга, која сепак ќе им биде интересна не само на оние на кои далечните земји и тамошни народи им се предизвик за истражување, туку и на оние во потрага по добра, иако на моменти горчлива и тешка авантура, базирана на реални настани.

Илина, Букбокс

ПС. Од сите прашања кои ни останаа неразјаснети во книгата, едно му упатуваме на македонскиот преведувач. Кој е тој „Сесила Б. Де Мила“?:)

21 април 2018 - 14:53