Букбокс читанка

150 години од раѓањето на Антон Павлович Чехов (29.01.1860- 15.07.1904)

Неколку месеци пред да умре од туберклоза Чехов му рекол на писателот Иван Буњин дека луѓето ќе го читаат најмногу седум години по неговата смрт. „Зошто седум?", прашал Буњин. „Е добро де, седум и пол", попуштил скромниот Чехов. 106 години по неговата смрт и 150 од неговото раѓање заклучуваме - добро е што не се обложил.

Класичната руска литература стереотипно се поврзува со некакви епски трагедии, дебели томови со тврди корици во кои доминираат описи на непрегледната руска степа и напатената „словенска душа". Но руската и словенската литература воопшто се исто толку познати и по фарсата, апсурдот и иронијата - типичните стилски оружја на подјармените во тоталитарните општества. Чехов е одличен пример за користењето на овие жанрови на еден неинвазивен, дури нежен начин.

Неговото исмејување на малограѓанскиот морал: корумпираните државни чиновници, самопрогласените интелектуалци, провинциските моќници, нечесните жени и нивните уште поневерни сопрузи, се сепак длабоко хумани. Тој нетипично ги завршува неговите дела, без очекуваното 'гранде финале', со тоа одбивајќи да претендира на некаква поучност, занимавајќи се со човечката природа без да ѝ суди. Некаде при крајот на неговиот живот Олга Книпер, неговата сопруга, го прашала - Што е смислата на животот? „Тоа", рекол Чехов во манирот на вистински зен-мајстор, „е како да прашаш што е морков. Морковот е само тоа и ништо друго." Човекот во делата на Чехов е тоа што е. И ништо друго.

Токму оваа карактеристика на неговото творештво инспирирала голем број славни творци - од Вирџинија Вулф, Џејмс Џојс, Тенеси Вилјамс, Рејмонд Карвер до Буковски и Боб Дилан (албумот на Дилан од '75 Blood on Tracks е инспириран од кратките раскази на Чехов). Фарсичноста во неговите дела, особено во расказите, како да не можела да го одмине и неговиот живот, поточно неговиот крај. Откако Чехов ја испил последната чаша шампањ и тивко згаснал, неговиот ковчег бил транспортиран во Москва во товарен вагон на кој пишувало „свежи остриги", за потоа погребната поворка случајно да се замеша со онаа на некојси Генерал Лекер, кого го погребувале истиот ден - голем број од оние кои го следеле ковчегот на Чехов по грешка почнале да одат по воениот оркестар на генералот.

Максим Горки по тој повод згрозено изјавил - „Ете како ги третираме нашите најголеми уметници". Но Чехов сигурно би се забавувал. И би напишал уште некој одличен расказ.

29 јануари 2010 - 00:00