Букбокс читанка

„БЕЛИОТ ТИГАР“ од Аравинд Адига

Кога ја прашав мојата пријателка Каша, Полјакиња мажена за Швајцарец која долго време живееше во Македонија, да ми го опише нејзиниот нов дом - Индија, таа после краток чет с'спенс (оние секунди кои изгледаат ко часови, особено ако соговорникот ви куца бавно), рече: „Прочитај ја Белиот тигар. Сè ќе ти стане јасно".

Повеќемина кои ја посетиле Индија реагираат слично. Со пренадразнети сетила, но во недостаток на зборови, ве упатуваат на други референци за да ви ја доловат таа неповторлива атмосфера. Без оглед на мотивите на патувањето, едно е сигурно - од Индија никој не се вратил рамнодушен. Големи гужви, полуголи деца кои ве тегнат за ракав, маларични комарци, свети крави и презачинета храна. И среде сето тоа млади, пицнати индијски бизнисмени, кои во паралелниот свет на новата Индија ја минуваат улицата како да се среде Брисел.

Колку стереотипи има за оваа земја? Ниту еден, како да вели Адига - сè е жива вистина. Или барем така му изгледа на еден Индиец, роден во Мадрас во 1974, но растен во Австралија и школуван на Колумбија и на Оксфорд. Ако сте забележале и на нашите 'иселеници' - интелектуалци честопати им се случува истото. Повеќето никогаш не престануваат да ја сакаат својата земја, но стануваат речиси гневни кога зборуваат за неа. И нè обвинуваат нас, закрепостените, кои сме само цинични но се уште не и доволно лути, дека сме виновни за она што не (ни) чини. Отприлика така звучи и описот на Индија на Адига - безмилосно. Оттаму не е ни чудно што иако се стекна со светска слава откако ја доби Букеровата награда минатата година за овој инаку негов прв (да, прв роман), во Индија не го сакаат. И нас не ни чинеше раскантаниот автобус во „Пред дождот"...

„Белиот тигар" може да се чита на повеќе нивоа. Првото - никому ништо: трилер-акција во кој еден слуга го убива својот господар за потоа да стане сличен нему. Второто - класична бајка: херојот, лик од маргините на општеството, мора да мине низ голготата на Темнината, за низ тој обред на премин, кој вклучува убиство на 'чудовиштето', да стигне до неговиот нов статус, до светлината на велеградот. Трето - политичко-економски манифест, трактат за колонијализмот и односите Исток-Запад, дури и пророштво за тоа каде оди Индија и земјите слични на неа. Четврто...
Како и да го свртите, страниците на книгава се вртат самите. Од неа ве заплиснува мирисот на шафранот, чадот од гатовите крај Инд, звуците на 'ооом' помешани со извиците на возачите на рикшите. И некоја силна волја за живот: „Белиот човек се има потрошено со користење мобилни телефони и дрога, иднината на светот е кај жолтите и црните", вели Адига. Како посебен вид, Балканци, можеби ќе се провлечеме...

28 септември 2009 - 00:00