Букбокс читанка

АНТОЛОГИЈА НА СОЛЗИТЕ – збирка поезија посветена на кромидот

Вчера, замаена од горештините, брзајќи да не загорат пржените тиквички и да не се стопли пивото, дур со насолзени очи го сечев кромидот за салата - се пресеков. Черчил би позавидел на перфектниот драматуршки спој на крвтта, потта и солзите, кои тој им ги ветуваше на Британците.

Само во мојата кујна поводот за нив не беше Втората светска војна, туку еден обичен, стар...кромид.

Тоа и ме потсети на книгата, збирка песни посветени на кромидот и со него поврзаните солзи. Кога неодамна ми ја подарија, ми се извинија што е целата извиткана, бидејќи врз неа истуриле – вода! И покрај овој скриен талент, да поттикнува мистериозни совпаѓања и да гради алегории, овој зеленчук е веројатно последното нешто за коешто би помислиле дека е возможно да се направи поетска антологија. И тоа таква која ќе содржи песни од Маларме, преку Неруда, до Шимборска, Ерика Јонг и Силвија Плат. Кои се тие својства кои од кромидот прават моќен поетски симбол, кој очигледно им се видел интересен на многумина?

„Кромидот нема средиште. Ако го пресечете, нема да најдете средишна точка. Кромидот има цел. Целта на кромидот е нов кромид" – вака гласи мотото кое често го слушавме за време на одржувањето на фестивалот на документарен филм МакеДокс, издавач на оваа антологија, чие лого е токму кромидот. Неговата фрактална структура, во која секое делче од пресекот се огледува во следното, и на тој начин „раѓа" нов кромид, одлично ја одразува идејата за континуитетот и меѓусебната поврзаност на целината и деловите, ослободена од хиерархиската подреденост на центарот наспроти периферијата. Ниту еден дел од кромидот не е помалку кромид од останатите, би забележал некој зен мудрец, алудирајќи и на човечкото во човекот, чие битие сепак не е толку совршено колку она „непротивречното", геометриски симетричното и естетски доследното начело на кромидот. „Кромидот е столб на демократијата во шопската салата", напиша некој неодамна на Твитер (@cecenik), укажувајќи и на неговата гастрономска неприкосновеност во кулинарството на овие простори – ренде може и да немет, ама кромид мора да се најдит.

Да се пронајдат и спојат на едно место преводите и оригиналите на 12 песни за кромидот од исто толку познати светски автори и не е така лесно, ама на приредувачот Иван Џепаровски тоа му успеало. За него една десетка, со буковец и - кромид! И за предговорот во кој наведува бројни уметнички, културолошки и филозофски толкувања на оваа „храна за сиромашните". Познавам луѓе кои го одбегнуваат по секоја цена, „за да не мирисале". Нив воочи летните Олимписки игри ги потсетуваме: древните атлети пиеле сок од кромид и ги премачкувале телата со неговите (олимписки?) кругови. Капетанот Џејмс Кук не сакал да тргне на патување пред екипажот на неговиот брод да изеде неколку кила кромид – тој знаел дека витаминот Ц содржан во него ќе ја спречи појавата на скорбут. Во Франција, позната по кулинарството но и по бакнежите, постои регистриран култ „Обожувачи на кромидот". Руските цркви имаат куполи во форма на кромид – веројатно затоа што тој, со неговите концентрични кругови, асоцира на вечноста. Сепак, најинтересна анегдота во врска со кромидот ми е наследство од баба ми, и звучи како типичен виц за русокоси. Кога таа и' објаснувала на некоја комшивка, дека за да не и' солзат очите е најдобро кромидот да го сече под вода, комшивката прашала: а како тогаш ќе дишам?

Во прилог две крајно минималистички но прекрасни песни содржани во збирката, на основачот на францускиот симболизам Маларме, и на Ронит Бергман, музичарка и поетеса од Израел, која во мометов живее во Македонија. Книгата се делеше бесплатно во текот на неодамнешното издание на Македокс, но можеби се уште може некаде да се најде. Макар и полиена со вода.

(* текстов е пишуван со девет прсти)

Продавачот на лук и кромид

Од здодевните посети
Со мирис на лук се бранам
Тагата во солзи свети
Кромид кога сечкам сам.

(превод Ана Димишковска и Иван Џепаровски)

Вреќа со десет кила кромид

Штом ја видов вреќата со кромид, што ја донесе од пазар
Си помислив
Ох, уште
Колку ли многу ќе плачеме оваа зима?

(превод од англиски Елизабета Шелева)

13 јули 2012 - 08:24