Букбокс читанка

„4 3 2 1“ од Пол Остер

Во текот на годината има момент кога ме фаќа шубе што бројот на изгледани филмови и серии (и текстови напишани за нив) е неколкукратно поголем од оној на прочитани книги. Ама затоа лете балансот во личната вселена колку-толку се воспоставува. Овој пат со книга од 866 страници.

4 3 2 1 од Пол Остер беше објавена на почетокот на 2017, и тоа беше негов прв роман по „Сансет парк“ од 2010. Го пишувал три години, седум дена во неделата, на рака. И најверојатно бил и подолг пред конечната верзија од осумстотини и нешто страници.

Книгата е приказна за главниот лик, Арчи Фергусон, која по првото, воведно поглавје, понатаму се разгранува во четири различни насоки. Во сите нив Арчи е со истата генетска конституција, и со истиот дедо по таткова линија кој на 19 години од Минск, па преку Хамбург, Варшава и Берлин, со брод наречен „Кинеската кралица“, го поминал Атлантикот и пристигнал во Њујорк. Но Исак Резникоф, како што гласело неговото име, заради недоразбирање со службениците на Елис Ајленд станува Ичабод Фергусон. Токму ова - случајноста на именувањето кое излегува дека е судбина - станува парабола за бесконечниот број (во овој случај ограничен на четири) можни верзии на еден живот, поврзан со голем број други животи кои притоа исто така се менуваат.

Со оглед на тоа што почетната точка е 1900, низ приказната за предците на Арчи и неговите четири отелотворувања, книгата е во голема мерка и роман за 20 тиот век, особено оној американскиот. Сепак, овие настани се во позадината на турбулентните приватни животи на главниот лик, кој во некои од верзиите згаснуваат прерано за тој да го посведочи и крајот на векот.

Сето ова звучи многу едноставно за следење доколку ја знаете логиката на книгата однапред. Но доколку не сте љубители на читање осврти и на книжевни спојлери пред самите да се фатите за книгата, тогаш оваа навистина може да ве зафркне. Не затоа што таа е занаетчиски лошо изработена, туку затоа што никому (уреднички) не му текнало да му обезбеди на читателот барем основни насоки, во форма на шема, или барем содржина со бројот на страницата на која почнуваат верзиите. Така, се фаќате дека до половина книга не ви е јасно што е што, а таканаречените „објаснувања“ кои сепак решавате да ги побарате на интернет уште повеќе ве збунуваат.

Затоа, еве за оние кои ќе решат да ја читаат книгата, еден многу прост водич кој ќе ви заштеди недели одгатнување на структурата. Првата бројка е број на поглавјето, а втората е бројот на верзијата на животот на Арчи.

1-7.1 (седум поглавја за првиот живот)
1-2.2 (две поглавја за вториот, затоа што - спојлер - Арчи брзо умира)
1-6.3 (шест поглавја за третиот живот)
1-7.4 (седум поглавја за четвртиот живот)

Ова во книгата изгледа сосема поинаку, и редоследот оди 1.1, 1.2, 1.3...така што кога ќе стигнете до, да речеме, 4.3 веќе имате заборавено што се случувало во 3.3 и морате да се враќате. А враќањето не е лесно бидејќи прво, како што спомнав, книгата нема нумерирана содржина, и второ, дизајнот на книгата, односно на сечењето на страниците, е онакво (демек) кул, нерамномерно (види слика горе), што прави проблем при нивното вртење (се вртат по десет одеднаш).

И ќе мислев дека ова е само мој проблем да не се слични забелешките и на други читатели и критичари, кои сепак (барем оние на чии осврти наидов) не нудат асален клуч за читање на книгата, како оној погоре. Доколку го знаете однапред, тогаш времето вложено во читањето на романов навистина се исплати, што и да значи „исплати“ во ваков контекст. Затоа што на крајот станува јасно и мета-нивото на книгата, која е за пишувањето книги, измислувањето ликови и за авторот како нивен Бог - оној кој ја одредува нивната судбина кога одлучува како ќе се развиваат тие во неговото дело. Останува прашањето - кој е тогаш авторот, колку е и тој вграден во нивните приказни? Којa од нив е неговата?

„Што се случи со писателот на кого му предвидуваа Нобелова?“, гласи насловот на една неблагонаклона критика на книгата на Остер, која сугерира дека тој некогаш бил голем автор, а сега опаѓа. Не би рекла - тој само бира еден од можните патишта на неговата фикција, која се развива во побарокна и епска. Куриозитет, на пример, за кој се станува свесен релативно доцна во читањето, е што во целата книга - роман - од 866 страници - Остер нема ниту еден дијалог или директен говор! За тоа богами треба да имаш јадено сомуни книжевен леб, а не фаст фуд.

Прилог: шема (содржи спојлери), што си ја правев да ми биде појасно:

Илина, Букбокс

Претходно: Осврт за „Зимски дневник“ на Пол Остер

26 август 2018 - 13:41