Букбокс читанка

„12 правила за животот: противотров за хаосот“ од Џордан Питерсон

Книга за самопомош, за поединци, но и за цела една култура. Опис на еден поглед на свет, со кого не мора целосно да се согласувате, но кој е сепак одважен чин на човек, кој со она оружје со коешто располага - својот ум и искуство - излегол на интелектуалното и животно боиште.

Пораснат и челичен во кочан студените пустелии на Северна Алберта, Питерсон има правено акробации со спортски авион, пловено со тркачка едрилица околу островот Алкатраз, испитувано кратер од метеорит во Аризона со група астронаути и изградено церемонијален храм на племето Квагу’л на горниот спрат од својот дом во Торонто, откако бил инициран во ова племе. Работел и како мијач на садови, бармен, готвач, одгледувач на пчели, работник во пилана и на железница. Им предавал митологија на адвокати, доктори и бизнисмени, бил советник на секретарот за одржлив развој на Обединетите нации, а како клинички психолог им помагал на пациенти со депресија, опсесивно-компулсивни нарушувања и шизофренија.

Вака гласи дел од биографијата на авторот, наведена на последната страница на „12 правила за животот“. Во неа додуша згодно е прескокната неговата интернет слава и контроверзни јавни настапи, а тој е опишан само како „модерен кажувач на вистини“. Во моментов тој тие вистини им ги кажува на 1.006,968 јутјуб претплатници, 584.000 следбеници на Твитер, и на неколку илјади најпосветени фанови (читај: ученици), кои секој месец му праќаат пари - 50 долари за да му поставите прашање на онлајн сесија, и 200 долари месечно за еднократен приватен чет во траење од 45 минути. Последен пат, пред тој да одлучи да не ја прикажува јавно сумата која ја добива преку донации, таа изнесуваше 60.000 долари месечно, само од овие извори. Без онлајн пакетите за самопроценка за тип на личност и „самоавторство“, кои тој исто така ги наплаќа.

Сосема е можно да ги знаете сите овие детали за овој 55-годишен канадски психолог, културен критичар и професор по психологија кога ќе посегнете по неговата книга, само втора во неговата инаку релативно долга кариера, а прва наменета за поширока публика. Всушност, сосема е можно токму тие детали и да ве поттикнале да ја отворите. Ако е така, тешко дека некој би можел да ве убеди да не судите за неа по јавните настапи на нејзиниот автор. Не затоа што тука има нешто недоследно или контрадикторно, туку затоа што второто е многу поагресивен терен, подинамичен и полеплив за етикети од секаков вид. „Суди за книгава по корицата, но не суди според коментарите на интернет“, би требало да пишува на неа. Залудно.

А тие - коментарите - се толку поларизирани што дури и за помалку упатените е јасно дека тоа, заедно со бројките, e знак дека тука се случува нешто не само интересно, туку и важно. Нешто што можеби укажува на состојбата не само на авторот и на оние кои реагираат на неговите ставови, туку и на моменталната состојба на работите во светот воопшто.

Тешко е да се наведе краток список на сето она за што е обвинет Питерсон во текот на последнава година, особено од оние кои себеси се идентификуваат со интелектуалната левица. Токму оние кои тој ги нарекува авторитарци-парадери активисти за социјална правда. Односно оние кои него го нарекуваат сексист, алт-рајт конзервативец, па дури и Хитлер. Во видеото од 2016 кое го направи славен, тој се кара со неколкумина трансродови студенти околу употребата на лични заменки. Еден од нив го обвинува Питерсон за непријателство кон оваа заедница, затоа што одбива да користи законски наметнати родово неутрални заменки. Тој пак, во бела кошула со (машки) завиткани ракави до лакт и црвени трегери (во еден момент со спори движења ја вади и краватата) изгледа како некој кому му е смачено од целиот политичко коректен булшит и е подготвен дури и физички да се пресмета со оние кои го дрват на оваа тема. Видеото има 3 милиона и петстотини илјади прегледи и скоро 50.000 коментари.

Обидувајќи се не да ги минимизирам, но барем за момент да ги ставам на страна вон-книшките елементи на ликот и делото на Питерсон, ќе се обидам да објаснам што во неговата книга може да биде не само привлечно, туку и корисно за оние кои можеби не се согласуваат баш со сето она што тој кажува (а кажува многу). И истовремено што е она што би можело да ги одбие, па заедно со водата така да ја исфрлат и полезноста.

Питерсон е клинички психолог. Негова работа е да дијагностицира што не е во ред со неговите пациенти и да им понуди алатки со кои тие самите ќе преземат контрола и ќе воспостават ред од хаосот во нивните животи. Оваа книга изгледа како упросечнет избор на совети за - според Питерсон - не само поквалитетен живот на луѓе со проблеми, туку на секој поединец кој се соочува со ништожноста на постоењето. Тоа - дека животот е куп порази, мракови, грозотии, мачнини - низ книгата се повторува толку често што ви иде да му се издерете: „Аман, ок е, разбравме!“ Но важно е, затоа што тргнувајќи од таа стартна позиција, секој напор за работите да бидат поинакви (не само подносливи, туку и навистина добри) станува вистински подвиг.

На маката се познаваат јунаците, вели Питерсон, и притоа нуди 12 правила, на кои не можеме да им најдеме никаква замерка. „Третирај се себеси како некој за кого си одговорен да му помогнеш“, „Биди прецизен во изразувањето“, „Претпостави дека твојот соговорник знае нешто што ти не знаеш“, „Погали мачка кога ќе ја сретнеш на улица“. Образложенијата за секое од нив вклучуваат мешавина на референци (главно Фројд, Јунг и Ниче), приказни на негови пациенти и лична исповед. Чести се навраќања и на Светото писмо (особено на Стариот завет), како текст низ кој може да се следи пра-шемата на меѓучовечките односи, како треба да биде (иако не секогаш и како било или е).

Овој дел на читателите-атеисти може да им пречи затоа што дискурсот, иако воздржан, сепак делува како промотивен во однос на религијата. „Не можеш да целиш кон ништо ако си комплетно недисциплиниран и без некој кој ќе те води“, вели Питерсон на тема религија, прогласувајќи ја (особено, но не и ексклузивно христијанската) за добар начин да се „аутсорсира“ сопствениот здрав разум - ако не знаеш што е добро, убаво и разумно, тогаш таа е тука за тоа да ти го каже, макар и на ниво на „така велат старите“. Без ограничувања нема приказна, а без добро структурирана приказна нема Битие, е неговиот суров (?) заклучок, кој оди контра сите обиди на постмодерната да прогласи сè за игра и да го деконструира секој обид за цврста структура, хиерархија, па и за наметнување список правила како овој.

Ова е првиот но не и најголем трн во окото на либералите. Второто е оправдувањето на физичкото казнување деца (макар и со благо тепкање по задникот), а третото и веројатно најсериозно е тоталното отфрлање на можноста родот да е социјална а не биолошка категорија. Иако многу попитома од неговите јавни настапи на оваа тема, книгата содржи делови каде токму социјалниот притисок кон мажите да се однесуваат „помеко“, односно „женски“ е обвинет за современата криза на машкоста. „Кога мекоста и безопасноста ќе станат единствените свесно прифатливи вредности, тогаш грубоста и доминацијата ќе станат потсвесно фасцинантни. Ако мажите бидат премногу притискани да се феминизираат, тие ќе станат многу позаинтересирани за сурова, фашистичка политичка идеологија“, вели тој, наведувајќи ги како пример актуелните подеми на радикално десните партии дури и во такви умерени и либерални места како Холандија, Шведска и Норвешка.

Токму ваквите делови прават целата книга на Питерсон од страна на неблагонкалоните критичари да се толкува како „ода на машкоста“, а сите совети како упатени кон неговите со-мажи(шта). Алузиите на архетипски приказни за мажи-херои во неа го надополнуваат ваквиот впечаток. Не е ни чудно оттаму што една од придавките на критиката за опис на неговите совети е англиското hectoring. Во пежоративно значење на „обраќање на некого со понижувачки тон, малтретирање“, таа во себе го содржи името на јунакот Хектор, синот на кралот Пријам и кралицата Хекуба, најголемиот тројански воин. Истовремено и херој, и некој кој со понижувачки тон им се обраќа на неистомислениците, нему сепак не може да му се одрече храброста да го каже она што го мисли, често со тон кој граничи со патетика, но и (во последните твитер испади) со бес, кој изгледа како симптом на некакво подлабоко психолошко растројство, на кои не се имуни ни клинички психолози. Во едно од видеата каде Питерсон зборува во камера за кризата на Западниот свет во компјутерската камера, одеднаш, без видлива причина, тој почнува да плаче. Во најмала рака необичната слика на возрасен маж кој јавно рони солзи заради метафизички причини потсетува на добро познатата приказна за Ниче, кој доживеал нервен слом кога видел како некој тепа коњ на улица.

На крај, она заради што кога ќе ја завршите книгата сте задоволни што сте ѝ посветиле должно внимание е што и таа ви го има истото посветено вам. Не се чувствувате манипулирани, „возени“, заведувано. Чувствувате дека ова е искрен (што и да значи „искрен“ во денешниов свет) опис на еден поглед на свет, со кого не мора целосно да се согласувате, но кој е сепак одважен чин на човек кој со она оружје со коешто располага - својот ум и искуство - излегол на интелектуалното и животно боиште. Работите, дека тука станува збор не само за академски акробации туку и за длабоко животни ставови, стануваат појасни кога Питерсон при крајот на книгата ја раскажува нивната семејна одисеја со ќерката Микаила и нејзиниот детски реуматичен артритис, кој подразбирал огромни болки, лекарства за нивно смирување кои ја надминувале границата на дозволени за деца, вградување вештачки коски и зглобови, бескрајни падови и подеми, физиотерапии, семејни кризи и родителски очај. Годината кога е напишана книгата таа родила девојче, а Џордан станал дедо. Така завршува „12 правила“ - со зборовите „Нештата се добри. Засега.“

Илина, Букбокс

Претходно за Питерсон на офф.нет тука

4 април 2018 - 11:58