Букбокс читанка

100 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ЛАВ НИКОЛАЕВИЧ ТОЛСТОЈ (20. ноември 1910, железничка станица Астапово)

Што ќе беше литературата без годишнини? Без нив класичните автори немаше да бидат реиздавани, немаше да бидат снимани нови филмови посветени на нивните дела и животи, немаше да има нови биографии кои содржат дотогаш непознати пикантерии, културните рубрики на весниците ќе беа празни, спомените на некои важни настани избледени.

Годишнините се единствената врска која ја има нашата современа култура, со меморија на златна рипка, со сопственото минато.

Додека „Западот", но и земји како Куба и Мексико, веќе ја одбележуваат 100. годишнината од смртта на големиот руски писател, во неговата родна земја - штурци. Русија е обвинета за бришење на сопственото книжевно минато откако се виде дека Кремљ нема абер од организирање каква и да е манифестација посветена на „првата поп ѕвезда" на светската литература. Режисерот на новиот филм за Ана Каренина, во кој глумат врвни руски актери, веќе една година не може да најде дистрибутер. Наспроти тоа, американскиот филм „Последната станица" (2009) која ги опишува последните мигови од животот на Толстој е номиниран за Златен глобус, а главните глумци - Хелен Мирен (ја игра жената на Толстој, Софија) и Кристофер Пламер (го игра Толстој), се номинирани за Оскар за главна женска односно споредна машка улога за 2010.

Напуштањето на советските традиции на грандиозни книжевни годишнини, и соц-реалистичката канонизација на Толстој, се можните причини за ваквото бледо одбележување од страна на 'органите'. Единствено Владимир Толстој, правнукот на Лав, планира да организира мала академска конференција на семејниот имот и неформален собир на почитувачите на делото на неговиот предок. Додека на 'запад' се објавуваат или преобјавуваат преводи, теориски анализи, па дури и сосема неочекувани деконструкции на делата на Толстој (за Андроидната Каренина, за која веќе известивме, тука) руските издавачи се жалат на тоа дека луѓето читаат 'западно ѓубре', и иако формално ги почитуваат руските класици, всушност никогаш не ги отвориле нивните книги. Да си класик значи да си општо место. А општите места се најчесто празни.

Приказната за Толстој е многу посложена отколку што изгледа на прв поглед. Тој всушност никогаш не се сметал себеси просто за „романописец" - пишувањето му било начин за пласирање идеи, метод на истражување, замена за она „научното", базирано врз разум и статистики. „Се запишав на курс за брзо читање, и ја прочитав Војна и мир за 20 минути. Се работи за Русија." - велеше Вуди Ален, подбивајќи се со стереотипите поврзани со Толстој и другите руски класици, кои подразбираат голем број страници, досадни описи на битки и психолошки состојби на главните јунаци. Ако Толстој не е (само) романописец, тогаш што е?

Еден од најдобрите есеи посветен на ликот и делот на Толстој кој сме го прочитале е оној на Исаја Берлин, кој него го третира пред се' како - историчар. Отфрлајќи ја традиционалната историска парадигма, која се занимава исклучиво со хронолошкиот след на настани поврзани со политичката и воената историја, со војсководците, принцовите и кралевите, Толстој всушност се обидува да ја релативизира историската „вистина" нудејќи го погледот „од долу"на историските настани (од аспект на обичните луѓе, селаните, слугите, војниците, жените), во кои дотогашните „објекти" на историјата стануваат нејзини активни субјекти. Особено видлив во Војна и мир, но и во другите дела кои се занимаваат со руската реалност на 19. век, овој став на Толстој е еден од клучните за толкувањето на неговиот уметнички опус, но и на неговиот светоглед, кој при крајот на животот ќе се профилира како анархо-пацифистички. Неговите идеи за ненасилен, пасивен отпор и ставањето акцент врз етичките аспекти на религијата (на секоја, па и на христијанството), ќе извршат големо влијание врз мислители како Мартин Лутер Кинг и Ганди.

Последните денови од својот живот Толстој ги минал на пат, откако со нарушено здравје избегал од домот во Јасна Пољана, од притисоците на жена му која по секоја цена сакала да ги задржи правата врз имотот и делата, од кои Толстој сакал да се откаже во име на селанството. Му се слошува на железничката станица Астапово, во јужна Русија. Во текот на неколкуте дена колку што престојува во куќата на шефот на станицата, таму се собираат новинари од целиот свет, кои преку телеграми известуваат за здравјето на големиот писател во светските медиуми. Желбата конечно да живее како аскет-номад, не му се остварува. Умира на 20. ноември 1910, на 82 години.

Во прилог извадок од есејот на Исаја Берлин, посветен на Толстоевото разбирање на историјата. Што е задачата на историчарот? Да ги опише најважните моменти од субјективното искуство - личните животи на луѓето, мислите, знаењето, поезијата, музиката, љубовта, пријателството, омразата, страстите, од кои според Толстој се состои реалниот живот. Ако е така, тогаш Толстој секако е и историчар.

„Ежот и лисицата: есеј за Толстоевото сфаќање на историјата"
Исаја Берлин

Толстоевиот интерес за историјата кај него се појавил рано. Изгледа дека тој бил поврзан не со минатото како такво, туку со желбата да се навлезе во примарните причини, да се разбере како и зошто работите се случуваат онака како што се случуваат а не поинаку, од незадоволството од постоечките објаснувања кои не објаснуваат, и го оставаат умот незадоволен, од тенденцијата да се сомнева и да става под знак прашање, и доколку е потребно, да се отфрли сето она кое не го одговара прашањето во целост, да се длаби до коренот на секоја појава, по секоја цена.

Ова беше ставот на Толстој низ целиот негов живот, и тој секако не е симптом ниту на некакво мафтосување, ниту на површност. Таквиот став беше придружен со неизлечива љубов кон конкретното, емпириското, она што може да се потврди, а истовремено со инстинктивна недоверба кон апстрактното, недопирливото, натприродното - накратко, се работи за рана тенденција кон научниот и позитивистичкиот пристап, непријателски настроен кон романтицизмот, апстрактните формулации, метафизиката. Секогаш и во секоја ситуација тој бараше 'тврди' факти - тежнееше по она кое може да биде дофатено и потврдено преку нормалниот интелект, некорумпиран од теории кои немаат врска со видливата реалност, или од други светски мистерии, било тие да се теолошки, поетски или метафизички.

Него го мачеа проблеми кои ги мачат младите во секоја генерација, доброто и злото, потеклото и целта на универзумот и неговите жители, причините на она што се случува; но одговорите кои ги даваа теолозите и метафизичарите му се чинеа апсурдни, можеби заради зборовите со кои беа формулирани - зборови кои немаа никаква очигледна врска со секојдневниот свет на обичниот, здрав разум, кон кого тој ревносно се приклонуваше, дури и пред да стане свесен за она што го прави, дека е самиот реален. Историјата, само историјата, е збир на конкретни настани во време и простор - збир на вистински искуства, на реални мажи и жени, и нивната врска едни со други, во реална, тридимензионална, емпириски искусена, физичка околина - ова самото ја содржеше вистината, материјалот од кој можат да бидат конструирани одговорите....Што треба да се стори? Како треба да се живее? Зошто сме тука? Што треба да бидеме, и што да чиниме? Проучувањето на историските врски и барањето емпириски одговори на овие проклети прашања (фраза која стана клише во 19. вековна Русија, а се однесува на оние централни морални и општествени прашања за кои секој чесен човек, особено секој писател, мора еднаш да стане свесен, и потоа да се соочи со изборот дали да се бори или да им сврти грб на другите, свесен за неговата одговорност за она што го прави), се споија во едно во Толстоевиот ум, и тоа е живо прикажано во неговите рани писма и дневници.

Во неговите рани дневници наоѓаме референци за неговите обиди да ги спореди Указите на Катарина Велика (инструкции до нејзините правни експерти) со делови од Монтескје, врз кои, како што тврдела Катарина, биле засновани Указите. Тој го чита Хјум и Тиер, како и Русо, Стерн и Дикенс. Обземен е од мислата дека филозофските принципи можат да бидат разбрани само преку нивниот конкретен израз во историјата. „Да се пишува вистинска историја на сегашна Европа: ете цел за еден цел човечки живот", вели тој. Или: „Лисјата на дрвото нè воодушевуваат повеќе од корењата", но последицата од ова е еден површен поглед на светот.

Но паралелно со ова постои едно акутно чувство на разочараност, чувство дека историјата, онака како што е напишана од историчарите, тврди нешта кои не може да ги задоволи бидејќи, како и метафизичката филозофија, се прави дека е нешто кое што не е - наука која е способна да дојде до заклучоци кои се сигурни. Со оглед на тоа што луѓето не можат да ги разрешат филозофските прашања преку принципи на разумот, тие се обидуваат да го сторат тоа историски. Но историјата е 'една од најназадните науки - наука која ја има загубено вистинската цел'. Причината за ова е тоа што историјата никогаш нема ниту пак може да ги разреши големите прашања кои го мачат човекот во секоја генерација. Во текот на барањето одговори на овие прашања луѓето акумулираат знаење за факти кои се нижат едни по други со текот на времето: но ова е само нуспојава, еден вид 'споредно прашање' кое - и ова е грешка - се проучува како цел самото по себе. Одново, 'историјата никогаш нема да ни ги разоткрие врските и времето кога тие се појавуваат помеѓу науката, уметноста и моралот, помеѓу доброто и злото, религијата и граѓанските доблести. Она што таа ќе ни го каже (и тоа неточно) е од каде дошле Хуните, каде живееле, кој ги поставил основите на нивната моќ итн. Според неговиот пријател Назариев, зимата 1846 Толстој изјавил дека „историјата не е ништо друго туку збир на приказни и бескорисни тривијалности, помешани со маса непотребни цифри и лични имиња. Смртта на Игор, змијата која го каснала Олег - што е сето тоа освен бабини деветини? Кој сака да знае за Ивановиот втор брак со ќерката на Темрјук, кој бил склучен на 21. август 1562, и за тоа дека неговиот четврт брак, за Ана Алексеевна Колтовскаја, се случил во 1572..?".

Историјата не открива причини; таа претставува само празно редење на необјаснети настани. „Се' се вглавува во стандарден калап измислен од историчарите: царот Иван Грозни, за кој предава во моментов професорот Иванов, по 1560 одеднаш се трансформира од мудар и доблесен човек, во луд и суров тиранин. Како? Зошто? - Не смеете ни да го поставите ова прашање..". Половина век подоцна, во 1908, тој му изјавува на Гусев: „Историјата би била одлична работа, само да е точна." Ставот дека историјата може (и треба) да биде научна е општо место во 19. век, но бројот на оние кои го интерпретираат терминот 'наука' во смисла на природна наука, а потоа се прашуваат себеси дали историјата може да се трансформира во наука во оваа специфична смисла, не е голем. Најбескомпромисната политика беше онаа на Огист Конт, кој следејќи го неговиот ментор, Сен-Симон, се обиде да ја претвори историјата во социологија, со такви фантастични последици на кои тука и не мора да се осврнуваме. Карл Маркс беше веројатно еден од ретките мислители кој ја сфати неговата програма сериозно; тој го направи најхрабриот, иако и еден од најнеуспешните обиди да ги открие генералните закони кои ја раководат историската еволуција, заснован врз тогаш актуелната аналогија со биологијата и анатомијата, толку триумфално трансформирана согласно Дарвиновите нови еволутивни теории. Како и Маркс (за кој во времето на пишувањето на Војна и мир секако не знаел ништо), и Толстој јасно гледал дека доколку историјата е наука, тогаш мора да е можно да се откријат и да се формулираат збир вистинити закони на историјата кои, во содејство со податоците од емпириските набљудувања, би ја предвиделе иднината, онолку колку што е тоа можно во геологијата или астрономијата. Но тој увидел, појасно од Маркс и неговите следбеници, дека ова всушност не било постигнато, и го искажал тоа со неговиот вообичаен догматски тон, засилувајќи ги сопствените тези со аргументи дизајнирани така за да покажат дека можност да се постигне оваа цел едноставно не постои; истовремено остварувањето на оваа научна надеж би го прекинала човечкиот живот каков што го познаваме: 'Ако дозволиме дека човечкиот живот може да биде раководен од разум, можноста за живот (односно за спонтана активност која вклучува свест за слободната волја) е уништена."

Но она што го мачеше Толстој не беше само 'ненаучната' природа на историјата - дека без оглед на тоа колку скрупулозна е техниката на историското истражување тоа не може да открие цврсти закони, какви што се подразбираат во рамки дури и на најнеразвиените природни науки. Одејќи понатаму, тој смета дека не може да го оправда очигледниот случаен избор на материјал, и не помалку случајното акцентирање на ова или она место, карактеристично за сето историско пишување. Тој се жали дека иако факторите кои го одредуваат животот на човештвото се разновидни, историчарите од нив издвојуваат само еден аспект, да речеме политички или економски, и го претставуваат како примарен, како ефикасна причина на општествена промена; но потоа, што е со религијата, кои се 'духовните' фактори и големиот број други аспекти - буквално неброено мноштво - од кои се причинети сите настани? Како можеме да го одбегнеме заклучокот дека постоечките историии го претставуваат она што Толстој го нарекува 'веројатно само 0.01% од елементите кои всушност ја сочинуваат реалната историја на луѓето?' Историјата, како што вообичаено се пишува, обично ги вклучува 'политичките' - јавни - настани како најзначајни, додека духовните - внатрешните - настани се главно заборавени; но реално тому тие - внатрешните настани - се оние најреалните, најдиректно поврзани со искуството на човечките суштества; тие, и само тие, се она од што се состои на крајот на краиштата животот; оттаму рутинските политички историчари зборуваат површни глупости.

Во текот на 1850-тите Толстој бил опседнат од желбата да напише историски роман, при што една од главните цели му била да ја соочи 'реалната' текстура на животот, онаа на поединците и на заедниците, со 'нереалната' слика претставена од историчарите. На страниците на Војна и мир ние постојано сме соочени со острата разлика помеѓу 'реалноста'- она што навистина се случило - и искривувачкиот медиум преку кој тоа што се случило подоцна ќе биде претставено во официјалните верзии кои и' се нудат на јавноста, како и она на што ќе се сеќаваат самите актери, предавничките умови. Толстој постојано ги става ликовите на Војна и мир во ситуации во кои ова станува особено очигледно.

Николај Ростов при битката кај Аустерлиц гледа храбар воин, принцот Багратион, како јава со придружбата кон селото Шенграберн, додека непријателот напредува: ниту тој ниту неговите војници, ниту офицерите кои галопираат кон него со пораки, ниту кој и да е друг, е, или може да биде, свесен за тоа што точно се случува, ниту пак каде, ниту зошто; хаосот на битката не станува појасен, или фактички или во умовите на руските офицери, заради појавата на Багратион. И покрај тоа, неговото пристигнување ги поттикнува потчинетите; неговата храброст, спокојство, самото негово присуство создава илузија чија прва жртва е самиот тој, имено, дека она што се случува е на некој начин поврзано со неговата вештина, неговите планови, дека неговиот авторитет е она кое на некој начин го одредува курсот на битката, и ова, самото по себе, има значаен ефект врз генералниот морал околу него. Она што подоцна ќе биде напишано за овој настан секако ќе му го припише секој чин и настан на руската страна токму нему и на неговите маани и доблести; заслугите или незаслугите, победата или поразот, сето тоа ќе му припадне нему, иако секому му е јасно дека тој има помалку врска со водењето и исходот на битката отколку понизните, непознати војници кои барем вршат некакво вистинско војување, односно пукаат едни во други, се рануваат, убиваат, напредуваат, се повлекуваат итн.

...Токму ова е најголемата илузија која Толстој се обидува да ја разбие: дека поединците можат, со употреба на нивни сопствени ресурси, да ги разберат и да го контролираат текот на настаните. Оние кои веруваат во ова прават огромна грешка. И рамо до рамо со овие јавни фигури - овие површни, самобендисани луѓе, полусвесни за сопствената измама, кои зборуваат, очајно пишуваат и бесцелно се обидуваат да го сочуваат образот и да ги одбегнат очигледните вистини - рамо до рамо со оваа софистицирана машинерија за прикривање на спектаклот на човечката немоќ и неважност и слепило лежи вистинскиот свет, изворот на живот кои луѓето го разбираат, придржувањето до обичните детали на секојдневното постоење. Кога Толстој го споредува овој реален живот - вистинското, секојдневно, 'живо' искуство на поединците - со панорамскиот поглед на историчарите, за него станува јасно што е реалност, а што кохерентна, понекогаш елегантна, но секогаш фиктивна конструкција. Толстој е веројатно првиот кој го прави прославеното обвинување, кое половина век подоцна Вирџинија Вулф ќе го упати кон јавните пророци од нејзината генерација - Шо, Велс и Арнолд Бенет - слепи материјалисти кои не разбираат од што навистина се состои животот, кои погрешно ги сметаат неговите надворешни несреќи, неважните аспекти кои лежат вон поединечната душа - за таканаречени економски, политички реалности - затоа што единственото нешто кое е вистинско е поединечното искуство, специфичната врска на поединците, боите, мирисите, вкусовите, звуците и движењата, љубоморите, љубовта, омразите, страстите, ретките мигови на просветление, моментите на трансформација, вообичаениот секојдневен тек на приватни податоци кои го сочинуваат сето она кое постои - тоа е реалноста.

Што е тогаш задачата на историчарот? Да ги опише најважните моменти од субјективното искуство - личните животи на луѓето, 'мислите, знаењето, поезијата, музиката, љубовта, пријателството, омразата, страстите' од кои според Толстој се состои реалниот живот, и само тоа.

(од антологијата есеи на Исаја Берлин The Proper Study of Mankind, 1997, превод И.Ј.) 

19 ноември 2010 - 00:00