Скандал во Србија

Чисти глупости како висока наука

Додека услугите на „професионалните професори" стануваат сè побарани на пазарот на изработка магистерски и докторски работи, истите тие мака мачат да си ги задржат работните места и да напредуваат со титулите. Белградска „Политика" објави спектакуларен пример кој покажува до каде дошла работата во измислување „научни" текстови.

Оние кои го вадат лебот од академски труд и работат на некои од високообразовните институции знаат дека верификуваните научни резултати, објавени во што е можно попрестижни стручни списанија од соодветната област, се услов за напредување во повисоки универзитетски звања. Некому тоа му оди полесно - или е навистина добар во тоа што го работи, или има развиена мрежа на колеги низ светот кои соработуваат и разменуваат услуги, или има доволно пари да плати за објавување во списанијата кои го наплаќаат рецензирањето и објавувањето, или сето горенаведено заедно. Но во некои списанија ако платиш можеш да објавиш без да бидеш рецензиран, и практично што сакаш. Тоа го покажува последниот скандал кого во „Политика" го откри Душан Теодоровиќ, универзитетски професор и дописен член на Српската академија на науки, во текст под наслов „Каша-попара од англиски фрази како научен труд".

Се работи за следново: српски професори од Универзитетот во Белград кои се занимаваат со металургија, пронашле такво опскурно списание во Романија, со звучно име „Metalurgia International", кое објавува текстови за пари, а кое во библиографиите им се брои како странско научно списание. На ваков начин се објавени куп глупости, кои се далеку под каков и да е критериум кој важи во „нормалните" списанија од оваа област. Изнервирани но и инспирирани од овој факт, тројца „мускетари" - Драган Ѓуриќ, Борис Делибашиќ и Стевица Радишиќ, потпишани со сосема малку изменети имиња, објавуваат текст во Metalurgia International кој е потполно измислен! И не само тоа, сосе текстот испратиле и фотографија со лажни мустаќи и перики, што на секој макар и малку заинтересиран уредник би му бил јасен знак дека тука се работи за местенка.

Самиот текст е хаос од англиски фрази но напишан во стил на кој вообичаено се пишуваат научни статии, со спомнување на термини од информатика, зачинето со статистики за образовното ниво на жените, нешто религија и хистограми, и да, се спомнува и Европската Унија. Во брилијантната компилација како релевантен цитиран автор се наведува дури и дизниевиот Шиљо, кои своите научни резултати ги објавил во научното списание - „Микијев забавник"! Истовремено, се спомнува и користење на резултати од великаните на светската наука Бернули и Лаплас, одамна нели мртви, кои во овој случај се објавени во - 2012 и 2013! А сега и насловот на текстот: „Евалуација на трансформативните херменеутички хеуристики за процесирање на случајни податоци". Учено, нели?

Бидејќи никој во уредништвото на списанието немал замерки, текстот си е објавен. Ништо подобри не се додуше ни другите текстови објавени во истиот број на списанието, кои не се пародии: нов метод за брзо вадење квадратен корен, проблеми со снабдување со цвеќе на територија на Бангладеш и развој на туризмот во Црна Гора. Чисто дрво од металургија!

После успешното објавување на овој труд во високото образование во Србија веќе ништо не смее да биде како до сега - завршува текстот во „Политика", барајќи санкции за оние кои ќе се обидат да протуркаат статија во списание од ваков тип како „научен". Ние пак велиме - неговиот импакт фактор (фактор на влијание во научната јавност) после овој настан треба да се зголеми, затоа што тоа, парадоксално, довело до големо откритие - дека она што се сервира како наука, знае да биде и чиста глупост.

13 септември 2013 - 09:08