Чија е музиката со која се отвара Евровизија?

Повеќе од 60 години Евровизискиот натпревар официјално се отвара со мелодија која сигурно сте ја слушнале, но можеби не сте знаеле дека е од доцниот 17 век, и е свечена песна за победа на една европска војска, над друга.

Во доцниот седумнаесети век, барокниот композитор Марк-Антоан Шарпентие (портрет подолу) напишал грандиозен полифоничен мотет - вокална композиција во неколку делови, со зборови. Тој се состоел од шест дела, но од нив денес се сочувани само четири. Оној кој го слушаме на почетокот на секоја Евровизија е првиот, прелудиумот Те Деум, односно „Марш во рондо“.

Свечената композиција била изведена во знак на прослава на француската победа во битката кај Стенкерки (јужна Холандија, 50 километри од Брисел) од август 1692, дел од таканаречената „деветгодишна војна“, во која Французите ја поразиле заедничката војска на Англија, Шкотска, Холандија и Германија. Што е малку иронично, земајќи предвид дека Евровизија би требало да ја слави сплотеноста на државите на европско тло.

Аранжманот на композицијата кого го слушаме на почетокот на секој натпревар е на Гај Ламберт, француски органист од 20 век, познат по своите транскрипции на музиката на Шарпентие. Тој е користен повеќе од шеесет години, од првата Евровизија во Лугано, Швајцарија, одржана на 24 мај 1956.

Всушност истата композиција се користи за различни преноси на Европската радиодифузна унија, на пример пред Виенскиот новогодишен концерт и пред други настани.

Оваа година Израелската филхармонија постираше видео пред натпреварот, во кое изведуваат „ремикс“ на Те Деум, со неколку традиционални инструменти кои ги нема во оригиналот - тарабука, уд и мали промени во мелодијата кои му даваат на делото елегантен блискоисточен шмек.

20 мај 2019 - 09:14