А вие што ќе правите на старост?

Чак Бери има нов албум на 90 години

По 38 години, ова ќе биде првиот албум со нова музика на Бери, кој ќе се вика едноставно - „Чак“.

Вчера, 18.10, на неговиот 90-ти роденден, Чак Бери објави детали за новиот материјал, кој ќе биде издаден под етикетата на Дуалтон, а е снимен во Сент Луис, родниот град на музичарот. Тоа е „малку“ задоцнето продолжение на „Рок ит“, кој излезе во далечната 1979.

Албумот е посветен на сопругата на Бери во последниве 58 години, Телмета, со дисклејмер дека најверојатно ќе ѝ биде последен.

„Оваа плоча ја посветувам на мојата сакана Тоди. Драга, стареам! Работев на материјалов многу долго. Сега можам да одморам“.

Со него на албумот свират и неговите деца Чарлс Бери џуниор и Ингрид, на гитара и хармоника, како и бројни музичари кои имаат настапувано со него повеќе од две децении во Блубери Хил, клубот на Бери во Сент Луис. Спроти местото е поставена два и пол метарска статуа на Бери, а има и зошто - неговата музика одиграла клучно значење во формирањето на естетиката на Ролинг Стоунс и на Битлси, а колку и да сте млади сигурно сте чуле за „Џони Би Гуд“, „Рол овер Бетовен“ или „Рокенрол мјузик“, револуционерни звуци кои во доцните 190-ти и раните 1960-ти ги фрлале тинејџерите во делириум.

За разлика од неговите современици, како Мади Вотерс ил Хаули’ Вулф, Бери пишувал песни кои ги артикулирале грижите на тогашните млади, а не ноќниот живот на возрасните, што правело неговите песни да се прифатливи за радио станиците. Иронично е што човекот кој помогна во борба против расизмот преку уметноста беше самиот долго време жртва на „Џим Кроу“, збир закони кои ја промовирале сегрегацијата и различните правила за белците и црнците, особено на југот на САД (терминот доаѓа од навредлив сленг израз за Афро-американците). Во моментот кога го издал првиот сингл („Мејбелин“), во 195, тој имал 29 години и веќе имал лежено неколку години во затвор за кражба на кола, иако било очигледно дека користел лажен пиштол. Неговата подоцнежна популарност помеѓу младите белци не била секогаш пријатна - во 1959 во Мисисипи ѝ возвратил бакнеж на бела девојка, и бил затворен за „нарушување на мирот“, како и натеран да му ги даде на шерифот 700-те долари кои ги заработил таа вечер.

Неговиот револуционерен стил немал само врска со музиката, туку и со сценските движења - до тогаш никој не правел физички акробации дур свирел на гитара. А Бери си имал и посебен „од“ како патка, многу пред „мунвок“ на Џексон.

Кога Кит Ричардс го прими во Рокенрол халата на славните во 1986 призна дека го има симнато секој потез на Бери. Можеби на новиот албум ќе најде уште за земање.

19 октомври 2016 - 08:48