Нова книга

Бункер: архитектура за крај на светот

Неговото име потекнува од стар шведски збор кое значи „штици кои се користат за заштита на бродски товар“. Ако го толкуваме како обезбедена архитектонска структура, често под земја, чија намена е заштита на луѓето или на скапоцени предмети во тек на криза, тогаш бункерот е најстариот тип објект направен од луѓе.

Во Кападокија во централна Турција има 22 подземни населби направени од Хетитите, 1200 години п.н.е. Тие биле градени во време кога империјата на овој народ почнала да слабее, како начин на одбрана. Во најдлабокиот комплекс, Деринкују, живееле над 20,000 луѓе.

Но зборот „бункер“ сепак има модерна нота. Како што тоа го објаснува Бредли Герет во новата книга „Бункер: градба за крајот на светот“ (Bunker: Building for the End Times), неговиот развој се должи на подемот на воздухопловството, што пак довело до тоа бојното поле да стане тридимензионално, и да подразбира барање засолниште и во длабочина. И покрај тоа што Студената војна е завршена, владите на различни земји се уште градат бункери, за секој случај: кинеските градежници неодамна комплетирале комплекс од 23,000 метри квадратни во Џибути.

Но овие грандиозни, често тајни манифестации на официјалниот страв, не се главниот фокус на книгата. Герет е најзаинтересиран за приватни бункери и за луѓето кои ги градат, како Роберт Вичино, основачот на Вивос Груп, кој го купил познатиот Бурлингтон бункер во Британија, изграден во доцните 1950-ти како подземен град, кој можел да прими 4000 вработени во централната власт во случај на нуклеарен напад, во тек на најмалку три месеци во комплетна изолација од светот. Патем, за да не биде клаустрофобичен, тој бил декориран со мурали насликани од уметницата Олга Леман, која ги украсила ѕидовите со сцени од сирени, морнари, праисториски чудовишта и циркуски акробати. Неговиот нов сопственик, спомнатиот Вичино, има намера да направи светски синџир на „одмаралишта во време на апокалипса“. А тековната пандемија му оди во прилог.

Герет ги нарекува овие луѓе „трговци со шубе“ - а зборот „шубе“ е намерно одбран, бидејќи наспроти стравот таа нема одреден објект или фокус. Често не знаеме од каде точно ни потекнува шубе-то, но нè јаде од внатре, и нè мотивира да преземаме чекори кои наводно ќе ни го стишаат тоа чувство. Едно од нив е да трупаме залихи и од своите сопствени домови да правиме „бункери“. Или, во поекстремни случаи, да станеме дел од една цела супкултура на „сурвивалисти“ или „препери“, на кои до скоро им се потсмевавме. Сепак, оваа книга не ги слави нивните напори, туку повеќе ги прикажува во едно депресивно светло - дека тоа се луѓе кои на еден или на друг начин се откажале од општеството, кои немаат доверба дека тоа ќе ги заштити, па оттаму сметаат дека се приморани да ги земат работите во свои раце. И да изградат бункери, не само физички, туку и во нивните глави.

извор

8 јули 2020 - 12:22