Букбокс гледаше

„Бранот" (Die Welle, 2008)

Каде се границите на нашата природна потреба за потчинување на авторитет и припадност на група? Колкав е нашиот капацитет за нанесување зло во име на овие „повисоки добра"? Тоа се темите со коишто се занимава oвој филм, правен според реален социјален експеримент, чии резултати се применливи и сега и тука.

Рајнер е средношколски наставник, кој со неговата Рамоунс маица уште во првата сцена сигнализира дека е кул, неконвенционален, и оттаму омилен на учениците. Тој, заради своите ставови и младешко минато, се пријавува да држи еднонеделен курс на тема „анархија", но дознава дека негов постар колега, кој делува како тежок бирократ и конзервативец, му го зел предметот пред нос. Нему му останува да се нафати за нешто што навидум не му лежи - курс за природата на автократијата.

На негово (и на наше) изненадување, неговите претходно незаинтересирани и цинични ученици уште по првиот час покажуваат необичен интерес за таквиот вид општествено уредување кое ним - на Германците - им е историско бреме за коешто и нема смисла повеќе да се дискутира, бидејќи „никогаш не може да се повтори". Но пред да изговорите „Хајл Рајнер" структурата и поведението на групата ученици почнува да ги добива контурите токму на едно такво мини-автократско општество: по само два дена веќе е воспоставена јасна граница помеѓу оние „внатре" групата и оние „надвор", таа добива свое име („Бранот"), симбол, униформа (бела кошула и фармерки), па дури и невербален телесен поздрав (јасна алузија на високо кренатата нацистичка рака).

Рајнер, или г-дин Венгер како што тој бара да го викаат учениците кои додека му се обраќаат на час мора и да стојат, најпрвин има најдобра намера - со ваквиот „мета" пристап да им покаже колку е тенка границата помеѓу теориската дискусија за диктатурата и речиси несвесното слизнување во неа, особено под притисок на авторитет и чувството на заедништво. Иако некои од позрелите ученици забележуваат дека работата полека се отргнува од контрола, тој ги игнорира сигналите, и самиот фасциниран од она што се случува. А се случува вистински бран - „децата" го исцртуваат симболот низ целиот град, сами си печатат бели маички со истото лого, организираат свои забави и почнуваат да се конфронтираат со оние меѓу нив кои се сомневаат во проектот или кои не припаѓаат кон нивната група (особено со „анархистите").

Кога тој сепак сфаќа дека мора да стави крај на нешто коешто веќе не успева да го контролира, тоа завршува трагично - еден ученик е ранет, а оној којшто во него пука извршува самоубиство. Рајнер е уапсен, и длабоко потресен од крајот на она што требаше да биде само „показна" школска вежба. Но дали „Бранот" со тоа навистина ќе се смири?

Филмот е правен според реален школски експеримент наречен „Третиот бран", спроведен во средно училиште во северна Калифорнија во април 1967, од страна на Рон Џоунс, професор по историја. Предавајќи современа светска историја, тој имал проблем да им објасни на неговите ученици како дошло до тоа германскиот народ да потпадне под влијание на нацистите, па одлучил да спроведе неколку вежби фокусирајќи се на групниот идентитет и на дисциплината. Исто како и во филмот, биле потребни само пет дена за „движењето" да привлече стотици приврзаници и да излезе од контрола. И исто како и филмскиот наставник, и овој на крај успева да ги собере учениците на едно место, привлекувајќи ги со покана за наводно бирање претседателски кандидат од Третиот бран. На собирот тој всушност им ја објаснил вистинската природа на движењето како експеримент за фашизам, и им пуштил документарец за злосторствата извршени од нацистичка Германија.

Во интервју за Гардијан од 2008 поранешните ученици на Џоунс се сеќаваат на ова искуство како застрашувачко, особено затоа што сè на почетокот изгледало забавно и лефтерно. На голем број од нив овој настан им создал доживотна јанѕа од припаѓање на големи групи „попалени" луѓе по некоја идеја, и чувство дека нацизмот како сензибилитет не е нешто што може да им се случи само на други луѓе, и на некое друго место.

Каде се границите на нашата природна потреба за потчинување на авторитет и припадност на група? Од друга страна, колкав е нашиот капацитет за зло, направено во нивно име? Долгорочно изложени на него, стануваме десензибилизирани, и тогаш кога го нанесуваме, и кога ни е нанесено. Тој бран доаѓа незабележливо, и носи сè пред себе - кога е веќе доцна можеме само да се чудиме, како не сме го чуле неговиот татнеж порано.

Поврзан текст: Вознемирувачкиот експеримент на Милграм

16 март 2015 - 08:34