Заштитни механизми на телото и на душата

Болката и досадата се корисни

Андреас Елпидору е професор по филозофија на Универзитетот Лусвил во Кентаки. Неговата книга која ќе излезе во 2016 се вика „Физикализмот и магијата на свеста", а во неа, меѓу другото, тој се занимава со споредбата на здодевноста и болката. Обете, вели тој, еволутивно ни овозможуваат не само да опстанеме, туку и подобро да живееме.

Цели 19 месеци во текот на 1920-тите, два пати дневно, американскиот забавувач Едвард Х. Гибсон се качувал на сцена и изведувал животно загрозувачка рутина. „Човечкото перниче за игли", како што го нарекувале, замолувал некој од публиката да го избоцка со 50 иглички каде и да е на телото, освен во стомакот и препоните.

Гибсон „страдал" од ретко пореметување - недостаток на болка. Освен повремени главоболки, него никогаш ништо не го здоболело. Кога се изгорел на печка на гас, само мирисот на неговата кожа бил знакот дека нешто се случува. За малку немало да забележи дека нешто не е во ред ни кога секира му паднала на колено, ниту пак кога во момент на лутина си го скршил носот од пијано. Медицинската литература опишува вакви луѓе кои издржуваат тешки повреди без да чувствуваат ништо. Но отсуството на болка нив ги прави не Супермени, туку напротив, невнимателни и ранливи. Ретко кој од нив доживува старост.

Тоа ја покажува еволутивната смисла на болката, која парадоксално, претставува наш заштитен механизам. Уште еден таков механизам, овој пат психолошки, е досадата. Во историјата на идеите таа секако имала свои бранители - англискиот филозоф Бертранд Расел ѝ има посветено и книга, „Во чест на безделништвото", во која тврди дека способноста да се издржи досада е суштински услов за среќен живот. Поетот Јозеф Бродски во неговиот поздравен говор на генерацијата 1989 на колеџот Дартмут, ја нарекол здодевноста 'прозорец кон бесконечноста на времето', кој ни овозможува да се соочиме со нашето постоење и бесмислата на нашите дејства.

Но исто како што и болката е всушност сигнален механизам, кој нè информира кога им штетиме на нашите тела, така и постојаната досада е сигнал дека нешто не е во ред со нашата околина или нашиот начин на живот. Замислете живот ослободен од здодевност? Тоа не значи дека не постојат досадни работи, туку само дека ние не сме способни да ги детектираме. Ништо за нас тогаш не би било досадно, ни едно те исто предавање слушнато по сто пати, ни безработно кмишење во канцеларија.

Досадата е резултат на јаз помеѓу потребата за стимулација и нејзино отсуство, или како што вели Толстој - желба за желби. Кога се бавиме со рутински активности нам ни недостасува новитет и разновидност, нешто што можеме да го постигнеме само ако го мрднеме задникот и направиме нешто во врска со тоа.

Здодевноста, оттаму, е некаков внатрешен аларм. Тој сигнализира празнина, отсуство, ситуација која не нè исполнува и која за нас нема значење. На долг рок ова може да фрустрира и да ни го смени чувството за течење на времето, но и да нè затапи, особено ако ваквите ситуации се случуваат често и речиси без оглед на она со што се занимаваме. Но исто како што повеќето луѓе не чувствуваат хронична болка, така не сите кои искусуваат досада се под нејзина постојана пресија.

Како што чувството на болка нè мотивира да си го смениме однесувањето за да си го заштитиме телото, така и чувството на здодевност треба да нè мотивира да земеме да правиме нешто друго, нешто што не е здодевно. Притоа, не ни кажува што е тоа, туку ние самите треба да си го измислиме. Забелешка: ц'цкањето на мобилен секогаш кога не знаеме што со себе не е решение, туку само прикривање на проблемот. Дали кога ќе се повредите прво што правите е да посегнете по телефонот за да си играте на него?

10 август 2015 - 09:49