Блајнд Вили Џонсон, или човекот чија песна патува низ вселената

Во пресрет на 70 годишнината од смртта на Блајнд Вили Џонсон, неколкумина познати музичари меѓу кои Том Вејтс и Шинед О'Конор се согласија да направат свои верзии од неговите песни. Парите за проектот беа многу бргу собрани преку Кикстартер, што само покажува дека музиката на Џонсон е се уште жива. Но кој бил тој всушност?

НАСА неодамна потврди дека човештвото го има напуштено сончевиот систем по 36 годишно патување на нејзиното летало Војаџер 1 низ вселената. На него има 12-инчен позлатен диск, со музиката на Бах и Моцарт, и со уште една снимка - „Темна беше ноќта, студена беше земјата" од слепиот Вили Џонсон. Но долу на нашата планета неговиот придонес кон музиката како да е подзаборавен, па спомнатиот проект ќе се обиде да ја исправи таа неправда.

„Пеењето и просјачењето се двете единствени нешта кои може да ги прави слеп човек, ако сака да живее чесно", изјавил Блајнд Вили, кој намерно минал на улица поголем дел од животот. Таа, како што пишува Драган Амброзиќ во белградско Време, му била единствениот „стејџ". Не се родил слеп туку на седум години го губи видот кога неговата маќеа, случајно или намерно, му прска киселина во очи. Неговото слепило, комбинирано со музичкиот талент, подоцна семејството го користело за тој да заработи некој долар свирејќи, и тоа во прво време само на оптегната жица, со помош на џепно ноже!

Вили сепак најмногу сакал да стане баптистички свештеник, кој преку песна ќе ја пренесува божјата вистина. Со неговиот „лажен бас" и техниката на тн. ботлнек свирење на гитара, тој ги оживувал познатите христијански приказни, но давајќи им таков тон како тие да се одвиваат во моментот на американските улици. Токму затоа некои го нарекуваат прва улична ѕвезда, или верски човек со поп мисија.

Прв пат снимил песна за Колумбија рекордс во 1927, со хонорар вообичаен за тоа време, од 25 долари. Подоцна ќе сними уште 29 песни, кои се сметаат за „митолошка основа на идниот рокенрол". Иако голем број од песните имале расна тематика, тие добро поминувале и кај белците. Но по ова тој веќе никогаш не бил ангажиран од дискографска компанија. Станал повторно актуелен дури во 1952, кога неговата John The Revalator била вкучена во антологијата American Folk Music, што довело до прва компилација со негови снимки, која дефинитивно го вратила во светот, „токму на време за Дилан да го ископира".

Негови песни имаат обработено и Лед Цепелин, Ерик Клептон, Грејтфул Дед и да, Боб Дилан. Темата од Dark was the night...е основа за незаборавната инструменталка во филмот на Вендерс, Париз, Тексас. Еве ја таа песна, една од ретките во која м'мкањето и воздивнувањето кажуваат за човечката самотија повеќе од зборови.

27 август 2015 - 13:32