Биографија за почит: Дејвид Ќелавиот Орел

Некролозите кои излегоа по неговата смрт го опишуваат како „актерот од Игра со волците". Но појавувањето во филмот со Кевин Костнер изгледа било најнеинтересното нешто што го направил овој човек.

Дејвид, или како што гласи неговото индијанско име, Ќелавиот Орел, почина на 97 години. Во неговиот долг и исклучително богат живот бил сè и сешто - танцувал (и салонски и традиционални Лакота танци), бил музичар, племенски поглавица, актер, каскадер, воен херој, а заработувал и како јавач на родео.

Танцувал со Мерлин Монро. Возел тркачки коли. Се спуштил со падобран на првата линија на фронтот во Нормандија во текот на Втората светска војна. Играл професионална кошарка. Бил водач не само на неговото племе, туку и на Обединетите домородни нации.

Најмногу од сè, тој бил мост помеѓу сегашноста и минатото - човек кој во своето детство слушал приказни од преживеани од битката кај Литл Бигхорн.

Во времето кога се родил, 1919, тој не можел да биде жител на САД, па такво право на граѓанство добил кога имал 5 години, кога властите конечно дозволиле и домородното население да може да аплицира за државјанство. Дедо му се бил поглавицата Белиот Бик, роднина на Бикот Kој Седи, и еден од водачите во спомнатата битка.

Прозборел лакота кога имал 12, но го минал детството и тинејџерските години учејќи на англиски, спортувајќи и натпреварувајќи се во родео. Во Втората светска војна, во која доживеал и тешки ранувања, се заљубил во учителката по танцување по име Пени Ретбрн. По завршувањето на војната се венчале и станале многу јака танцова двојка, шампиони на неколку познати натпревари.

Пени била бремена со првото дете кога починала во сообраќајка. Ќелавиот Орел бил скршен. Но наместо да се самоубие, почнал да живее опасно. Се натпреварувал во јавање бикови, се тркал со коли, станал познат каскадер и настапувал како родео изведувач под името „Чипс Ворнер", затоа што „народот не сакал индијански имиња“. Во филмовите Индијанците главно биле убивани или убивале, но надвор од нив Ќелавиот Орел се обидувал да им ја пренесе на луѓето домородната американска историја и нивниот начин на живот.

При големиот број турнеи се сретнал со втората голема љубов во животот - белгиската актерка Џоси Кестеман. Ја излажал дека живее во пештера во јужна Дакота, за да ја тестира дали ќе дојде. Таа го сторила тоа - живееле на ранч со коњи во чејенски резерват, изгледале неколку нивни деца, но и неколку посвоиле.

Во актерството го памтат најмногу по улогата во „Танц со волците", но на 95 години тој конечно ја добил и првата главна улога, во независниот филм „Ниту волк, ниту куче". Еден од неговите пријатели вели дека ако мора да го опише Дејвид, зборот би бил „танака", што на лакота значи бафало.

Трејлер за неговиот последен филм

29 јули 2016 - 08:33