Kратката историја на термин кој денес ни изгледа нормален

„Бели луѓе“ е израз од 17 век?

Иако денес тоа ни изгледа очигледно, разликата помеѓу „белите“ и оние другите во расна смисла не постоела отсекогаш. Што е и некако логично знаејќи колку долго тие не доаѓале во допир. Концептот „бели луѓе“ всушност го измислил еден - белец.

Томас Мидлтон, англиски драмски писател и поет од крајот на 16 и почетокот на 17 век, во неговата драма „Триумф на вистината“ чија премиера се одржала на 29 октомври 1613, прв пат го спомнува терминот „белци“. Тој прв пат се изговара од лик на африкански крал кој гледа кон англиската публика и вели: „Гледам возбуда на лицата на овие бели луѓе, љубопитност и чудни погледи“. Според Аеон, токму ова е првиот пример на европски автор кој своите со-Европејци ги означува со овој термин.

Ова ја потврдува идејата на историчарот Нел Ирвин Пејнтер, кој во книгата „Историја на белите луѓе“ (2010) вели дека „расата е идеја, а не факт“. Секако, Мидлтон не ја измислил самиот идејата на „белоста“, но фактот дека кој и да е можел да биде автор на ваквиот израз покажува дека расните концепти се историски условени и дека во нив нема ништо суштинско. Бидејќи Европејците не мислеле отсекогаш за себеси како за „бели“, има добра причина да се мисли дека расата е социјален конструкт, кој е базиран не на некаква биолошка реалност туку на општествена потреба на оградување на „нас“ од „другите“.

Имено, има повеќе начини да се категоризира човештвото, а користењето на бојата на кожата е релативно нов начин. „Белоста“ вистински постои само кога е во контрапункт со „црноста“ - како бинарни опозиции тие си се потребни едни на други за да имаат смисла. И иако „бело“ и „црно“ не се однесуваат на точно дефинирани групи, туку се апстрактни формулации, тие се уште имаат реални ефекти врз вистински луѓе.

Колку е oправано да се категоризираат Сицилијанците и Швеѓаните во иста група како „бели“, а припадниците на Игбо и на Масаите како „црни“? Овој вид расно категоризирање произлегол од колонијалната експанзија и трговијата со робови. Така, раните модерни Европејци започнале да се сметаат за „бели“ не во смисла на Англичани или христијани, туку во смисла на супериорност и морална оправданост на неморалната трговија со други, поинакви, и да, црни, луѓе.

Што е најважно значењето на опозицијата „бели“/„црни“ во времето на Мидлтон нема голема врска со реалниот број Африканци кои живееле во тоа време во Англија. Сфаќањето за расата било прилично неодредено, па егзотичните ликови во тогашната книжевност можеле да бидат опишани како „темни“, „загасити“ или „кафени“ (dusky, dun, sable, dark..). Така, Темната дама од 130-тиот сонет на Шекспир има „загасити гради“, а во сонетот 12 тој ги опишува нејзините „темни локни“. Тој е пример на автор кој ја деконструира дотогашната ренесансна традиција на концептуализирање на женската убавина преку нејзината светла кожа, коса и очи.

Наскоро идејата за постоењето различни раси е толку нормализирана што тврдењето дека некој измислил толку очигледен израз како „бели луѓе“ денес звучи чудно. Но тоа е така - не толку одамна во историјата на човештвото белите луѓе не биле „бели“, а црните не биле „црни“. Можеби Мидлтон не бил свесен, но неговата публика од моментот кога ја чула репликата во споменатата драма почнала да го дели светот на бел и не-бел. За жал, и ние денес живееме во него.

15 септември 2017 - 08:37