Банана-протести против цензура во Полска

Полската национална галерија, поради „морални причини“, отстрани видео инсталација која прикажува „интеракција на жена со банана“. Луѓе излегоа на улица јадејќи банани, за да протестираат против она што тие го нарекуваат цензура.

Стотици луѓе јадеа банани пред националната галерија во Варшава во понеделникот, 29.04, во знак на протест против отстранувањето на видео инсталација од просториите на оваа институција. Нејзиниот наслов е „потрошувачка уметност“, авторката е Наталија ЛЛ, а датира од 1973. На снимката девојка прави сензуални гестови (со устата) и на крај јаде и банана.

Новиот директор на галеријата, Јержи Мизиолек, за полските медиуми изјавил дека се противи на прикажување на дела „кои можат да ги иритираат сензитивните млади“ и дека главен поттик за забраната биле жалби на посетители. Исто така е отстрането и видео од 2005 на Катаржина Козира, кое прикажува жена како држи на поводник двајца мажи облечени како кучиња.

„Некои теми поврзани со родот не треба да бидат експлицитно прикажани“, рекол Мизиолек за весникот Газета Виборшча, ветувајќи дека видеата по барање на јавноста сепак ќе бидат вратени во мај. Но со оглед на тоа што во тоа време галеријата треба да биде реновирана, шансата дека тоа навистина ќе биде сторено е минимална.

Новиот директор е поставен од десничарката влада на „Закон и правда“. Министерот за култура, кој е исто така од оваа партија, изјавил дека нема никаква врска со отстранувањето на делата.

Протестите со јадење банани беа поддржани и на социјалните мрежи, со хаштазите #jesuisbanana и #bananagate.

А еве го „контроверзното“ видео:

2 мај 2019 - 10:19