Човекот кој има уште бензин во резервоарот

Автобиографија и нов албум на Том Џонс

Kнигата „Преку врвот и назад" и албумот „Одамна загубениот куфер" излегоа истовремено, и се надополнуваат како книжевно-музичка приказна. Тие зборуваат за корените на славниот пејач, кој на 75 години звучи како да има уште многу за возење.

„Неверојатно компетентна" е описот на книгата на Џонс, која почнува со неговото детство во рударско велшко гратче, болен од туберклоза и со дислексија, што го принудува да замине од училиште и да работи во фабрика за ракавици. Со остар „кат" таа потоа преминува на дружењата со Елвис, Мик и Џенис, настапите пред преполни сали и купот искушенија во вид на тинејџерки фрлени пред неговите нозе, кои често го доведуваат во прашање (но никогаш не го раскинуваат) неговиот брак со сопругата со која е веќе 55 години.

Па сепак, автобиографијата никогаш не станува претенциозна, што се припишува на умешното перо на ко-авторот Џил Смит, кој има помогнато и во пишувањето на автобиографијата на Род Стујарт. Или, како што вели еден од критичарите, „Книгата ќе ми беше поубедлива да имаше во неа барем ронка машка социопатија, страст, срам или што и да е од тој тип, нешто како сер Том Џонс од Ларс фон Трир. Наместо тоа тој останува совршено кул, како и секогаш".

Што се однесува до албумот, тој е полн кавери, главно балади кои одлично му лежат на ветеранот со „свечен глас". Ја има тука прекрасната „Шанса за плачење" на Вили Нелсон, „Девојката од фабриката" на Стоунси, „Сите сакат возови" на Лос Лобос, „Зошто не ме сакаш како некогаш" на Хенк Вилијамс и уште неколку блуграс класики, како и психоделичен блуз посветен на Елвис, преработка на песна на Џилиан Велч.

Еве две песни со оригиналите, а сите во моментов се достапни на сајтот на NPR.

Opportunity to Cry - Tom Jones

Оригиналот на Вили Нелсон (ретка демо снимка)

Аудио за Factory Girl 

Оригиналот на Ролинг Стоунс

1 декември 2015 - 08:14