Атињаните ќе оживеат река крај која предавал Сократ

Има една изрека, дека водата „секогаш си го наоѓа патот“ и дека дури и кога човек мисли дека ја скротил таа може да избие на неочекувани места. Во случајов се работи за цела река.

Реката Илисос, чие име означува полубог, син на Посејдон и Деметра, во антиката течела непосредно до одбранбените ѕидови на Атина. Платон во „Критија“ напишал дека реката претставува една од границите на древните ѕидини. Нејзините брегови обраснати во платани со пријатни сенки биле идиличен пејзаж, каде Сократ ги носел своите ученици на прошетки и муабет.

Таа постои и денес во Атина, поточно под градот, каде била потисната во текот на пост-воениот развој заради градење надземни трамвајски линии и широки сообраќајници - потег кој и денес дел од жителите на Атина го сметаат за едно од големиот број урбанистички злосторства направени во име на прогресот. Локални активисти и претходно се обидувале да ја „ослободат“ реката и да ја вратат во своето природно лежиште, но сега таа самата изгледа ќе си ја заврши работата.

Децении лошо одржување, како и природната ерозија, сега го затворија сообраќајот долж трамвајската траса, со оглед на тоа што реката се заканува да го урне тунелот низ кој поминува под две големи авении. Наместо да се трошат милионски суми за негова реконструкција, експерти по урбан дизајн сугерираат едноставно да ѝ се попушти на реката, која очигледно победува во битката инаетлив човек : природа.

Атинските транспортни компании, како и водоводот, се согласуваат со предлогот, кој би создал можност за отварање диретна пешачка рута од храмот на Зевс до Националните градини. Оваа стаза одамна е желба на Атињаните но секогаш имало нешто поважно во моментот од неа - најпрвин летната Олимпијада од 2004, а потоа и финансиската криза од 2008.

28 февруари 2019 - 08:37