Aстрологот кој помогнал да се победи Хитлер

Интересна приказна за писател, по хоби астролог, кој станува продолжена рака на британското разузнавање. Неговите „предвидувања“ всушност имаат за цел не да прорекуваат, туку да ги предизвикуваат настаните. Кој знае колку такви астролози има меѓу нас денес.

Годината е 1941, а еден германско-унгарски астролог, на возраст од скоро 40 години, корпулентен и во ексцентрична облека, станува мега-популарен помеѓу Американците. Се работи за Луи де Вол, кој беспрекорно точно ги предвидувал настаните во неговата колумна „Ѕвездите претскажуваат“ (Stars Foretell), која се објавувала во американските весници од тој период.

Како што бројот на негови читатели растел, така тој почнал да предизвикува внимание кај државните органи. Федералната комисија за комуникации во август 1941 ја прекинува својата долгогодишна забрана за појава на астролози на телевизија, и емитува ексклузивно интервју со човекот кого го нарекуваат „Модерниот Нострадамус“. Само неколку недели подоцна, за прв пат во историјата на САД, тој е и дел од вестите, секојдневен информативен журнал кого за време на војната го гледале 39 милиони луѓе.

Само што во приказната има еден детал - де Вол, иако имал знаење од астрологијата (откако станал популарен наплатувал и по 1200 денешни долари за приватни читања на хороскопи), не бил баш некој „пророк“, туку работел за - британското разузнавање.

Неговата колумна била дел од детално осмислена кампања на „црна пропаганда“, чија цел била да се сврти американското јавно мислење во корист на Британија, и САД конечно да влезат во војната против Германија. Во реалноста де Вол работел за Ем-ај 5, со јасни инструкции неговите предвидувања да се фокусираат на заканите од нацизмот. Текстот после кој неговата слава веќе била недвосмислена датира од јуни 1941. Во него тој напишал: „Еден моќен соработник на Хитлер, кој не е ни Германец ни нацист, ќе полуди. Тоа ќе се случи во Јужна или Централна Америка, најверојатно близу Карипското море“. Три дена подоцна американските весници објавиле дека високиот комесар на француските Западни Инди, адмирал Џорџ Роберт, навистина полудел, и морал да биде отстранет од позицијата. По ова и читателите и медиумите „полуделе“ по де Вол - милиони Американци со нетрпение го очекувале секој негов збор.

Всушност измамата на британските разузнавачи била двојна - откако де Вол ќе напишел колумна базирана на нивни информации, тие истата таа „вест“, само со мало одложување, им ја сервирале и на американските медиуми. Така излегувало дека де Вол предвидел нешто што се случило неколку дена подоцна, а кое реално воопшто не се случило. На пример, високиот комесар на француските Западни Инди никогаш не полудел. Но Американците ниту имале начин како тоа да го проверат пред да го објават, ниту пак веројатно сакале да се заморуваат со такво истражувачко новинарство, во ситуација кога публиката била гладна за уште.

Целата кампања се покажала како ефективна. Изолационистите (оние кои сметале дека Америка не треба да се меша во Втората светска војна) претходно биле бројни, но и тие почнале да веруваат во натприродните моќи на „пророкот“ и да го менуваат ставот кон целата работа. Дури и да имало сомничави околу американското учество во војната, по бомбардирањето на Перл Харбур, кога Хитлер им објави војна на САД, Америка веќе активно војува, а де Вол е повлечен во Британија.

Следните неколку години тој е користен повторно како астролог, но овој пат внатре нацистичка Германија. Едно од неговите „предвидувања“ било дека Хитлер ќе биде предаден од најблиските соработници. Лажните ѕвездени констелации и хороскопи кои предвидувале брз пад на фирерот биле вклучени во речиси идентични реплики на германско астролошко списание забрането од страна на нацистите, наречено „Зенит“, а кое било внесено во Германија од страна на сојузниците по подземни канали. Идејата било да изгледа дека списанието е тајно објавувано во Германија од страна на германските окултисти, на кои голем број луѓе им верувале на збор. Но планот пропаднал бидејќи списанијата биле начекани од Гестапо во пристаништето Штетин.

Де Вол починал во 1961. Заради своите заслуги по војната добил британско државјанство (инаку бил Унгарец со еврејско потекло, роден во Берлин). Иако уште во 1930-тите имал објавено голем број романи, а 16 од нив биле адаптирани за германската кинематографија, тој подоцна се посветил исклучиво на религиска литература, пишувајќи драматизации на животи на католичките светци, како и детална историја на Католичката црква.

Авторка: Ени Џејкобсен, новинарка и авторка на „Мозокот на Пентагон“ (финалист за Пулицеровата награда за историско дело во 2016)

10 април 2017 - 21:36