Археологијата потврдува: злосторството на носење сандали со чорапа има древни корени

Обично ги поврзуваме со туристи од северот, кои од шубе да не настинат или заради некаков извитоперен моден вкус, ги носат по морските шеталишта. Ама историјата на чорапосандалата е малку подолга, а географскиот опсег поширок.

Околу 300-тата година децата од Египет трчале по улиците со стапала обвиткани во чорапа поделена на две - палецот на едната, четирите други прсти на другата страна. А таа пак најверојатно била носена на сандала.

Еден пар од овие египетски чорапи денес се наоѓа во збирката на Британскиот музеј во Лондон. Радиојаглеродното датирање покажува дека таа потекнува некаде од третиот или четвртиот век од наша ера, време на римско владеење во Египет. Направени се со користење на една игла - деловите за прстите се исплетени одделно, а потоа споени. Боите се пак добиени со потопување на волницата во природни бои, како на пример таква добиена од растението Rubia tinctorum (на македонски - брос).

Но едно е да ги проучуваш древните предмети, а друго е да се обидеш сам да ги направиш. Археологот Сели Поинтер од Јужен Велс е експертка за реконструкција на делови од облека за филмови и театарски претстави, но и за подучување занаети од минатото.

Таа ги изработила овие чорапи котелец по котелец идентично со египетскиот оригинал, и ги промовира како можен тренди додаток на современиот чорапо-сандало-носец. Во нашиве краишта сепак ги препорачуваме традиционалните чорапи со опинци - ако ништо друго тие барем не изгледаат ко козја чапунка.

22 јануари 2019 - 17:40