Како Д. Ф. Валас ги победи ВМРО и СДСМ

Aнтологискиот говор што за малку немаше да се случи

На денешен ден, 21 мај 2005, познатиот писател Дејвид Фостер Валас зборуваше пред дипломците на колеџот Кенион. По неговото самоубиство, три години подоцна, тој говор е постојано вклучуван во антологиите на најдобрите на сите времиња. Но малку фалело тој да не се одржи.

Валас во својот краток живот објавил куп кратки раскази, есеи и роман од 1076 страници, добивајќи голем број книжевни награди. Па сепак, има луѓе што слушнале за него само заради овој говор.

Комитетот студенти на последната година од студирањето на колеџот Кенион, составен од 12 членови, предложил кандидати за говорници на традиционалната свеченост за дипломираните, по што следело гласање. Звучи необично за толку млади луѓе, и за ваква тема, но набргу се случила поделба по политичка линија. Републиканците гласале против демократските кандидати, а демократите ги одбивале предлозите на другиот табор. Хилари Клинтон, која тогаш била сенатор, и поранешниот астронаут кој станал републикански сенатор, Џон Глен, отпаднале токму поради оваа сдсм/вмро логика.

Но не само што Валас никогаш не бил врзуван за некакви политички групации, туку голем број од луѓето воопшто и немале слушнато за него. Мередит Фармер, студентка која го предложила и лобирала за Валас, тука ја видела својата шанса. Таа делела летоци низ кампусот со цитати од негови дела и интервјуа во кои тој зборува за вредноста на образованието, илустрирајќи ги со фотографии на кои е со познатата марама и со бушава коса, за на студентите повеќе да им личи на рок ѕвезда отколку на сериозен академски граѓанин. На крај комитетот гласал за него, иако всушност не знаел за што гласа.

Тука почнала втората фаза од голготата - Валас не сакал да ја прифати поканата заради тремата од зборување пред голем број луѓе. После подолго убедување на крај прифатил, под еден услов, да игра тенис со професор од Кенион кого го познавал. Иако имало и друга причина - темите со кои се занимавал во говорот се блиски до оние во „Бледиот крал", неговиот недовршен роман кој излезе постхумно, пред сè идејата да се биде свесен за она што го правиш во навидум банални моменти, кои вообичаено ти минуваат незабележано и несвесно.

„Ако некому му доаѓа да се поти, слободно, бидејќи јас сигурно ќе го направам тоа. Добредојдовте и честитки за дипломците од генерација 2005 на колеџот Кенион" - вака почнува говорот што во целост го објавивме тука

Валас навистина се потел под тешката факултетска одора на мајското сонце, но издржал. По неколку дена транскрипт од говорот проциркулирал меѓу студентите по мејл и на Фејсбук, а видеото од настапот го виделе над 1 милион луѓе. Самиот Валас бил изненаден од ваквата популарност на говорот - „Да напишев академска книга, па уште една, тие никогаш немаше да привлечат толкаво внимание", изјавил човекот кој знаел што е вода.

Осврт за „Крајот на турнејата", играниот филм за Валас тука

21 мај 2016 - 10:29