Некогаш револуционерниот прирачник за жени ќе престане да се печати

„Нашите тела, ние самите”, прв пат објавена во 1970-тите, предизвикала револуција заради третманот на до тогаш табуизираните теми. Сега, организацијата која ја издава книгата повеќе од 50 години изјавува дека ќе престане со печатење нови примероци. Oбразложението - жените веќе не зависат од книги за да се информираат за сопственото здравје и сексуалност.

„Нашите тела, ние самите” произлегла како резултат на курсеви за зголемување на свесноста на жените одржувани во Бостон во доцните 1960ти. Членките на групата правеле презентации во врска со “забранети” теми како мастурбација, проблеми по породувањето и контрацепција, која тогаш била нелегална за немажени жени во Масачусетс.

Потоа презентациите се претвориле во статии во книшка под наслов “Жените и нивните тела”. А следната година таа е повторно издадена но во проширена форма, како “Нашите тела и ние самите”, и е продадена во над 250.000 примероци. Првото комерцијално издание е објавено во 1973 од страна на Сајмон и Шустер. Најновото и последно освежено издание излезе во 2011.

Првите читателки на книгата биле шокирани колку не ја познаваат сопствената анатомија. Мајките не зборувале на овие теми со ќерките, а можеби и самите не биле информирани. Примероци од книгите кружеле по студентските кампуси, и биле читани додека книгата не се распаднела. Пристапниот стил, но и авторитативниот тон, мешавината на анегдоти од реалниот живот со научно издржани информации, создавало доверба кај читателките. До денес книгата се има продадено во над четири милиони копии, и е преведена на повеќе од 31 јазик.

Но сега е време да се запре со издавањето, и организацијата да се посвети на други активности. Причината за ова според самите издавачи најмногу лежи во интернет, кој сега е најчестиот извор на информации за адолесцентите, кога тие немаат кого друг да прашаат за она што ги мачи - телесните промени и емоционалните турбуленции. Истото важи и за женското здравје и сексуалноста воопшто. Така, не само оваа, туку и голем број други книги на слична тема кои со години биле препечатувани, сега одат во историјата.

16 април 2018 - 20:05