„Анима“: краток филм за новиот соло албум на Том Јорк на Нетфликс

Режисер е Пол Томас Андерсон, а ова е негов прв проект по „Фантомската нишка“ од 2017. Филмот, или филмчето, е наречено „еднокотурно“ (one-reeler) во чест на ерата на немиот филм.

„Анима“ премиерно се прикажа на 20 јуни на Нетфликс, а критиката го нарече „светкаво парче луксузна содржина“, што ќе каже дека 15-минутниот „филм“ всушност е само поскап и пософистициран видео спот.

Атмосферата во него е дистописка, мрачна, нема дијалог, но затоа пак има кореографија, при што модерен балет игра дури и самиот Јорк. Тој е истовремено и извршен продуцент на делото во кое се вградени три негови нови песни: Not the News, Traffic и Dawn Chorus. Во интервју за Варајети, режисерот Пол Томас Андерсон изјави дека поттикот за краткиoт филм бил надреалниот хорор „Суспирија“ на Лука Гвадањино од 2018, за кој Јорк ја напиша музиката, а за кој кореографијата ја правеше Дамиен Џалет, истиот кој е ангажиран и на „Анима“.

Нарацијата почнува во подземна железница, со патници кои се депримирани и уште рано сабајле изморени. Целиот дизајн неодоливо асоцира на Орвеловата „1984“, иако освен изедначените костими на „обичните“ луѓе нема други знаци на тоталитарен контекст. Во еден момент погледот на Јорк и на една девојка се вкрстуваат, и тука почнува развојот - потрагата по неа во толпата, при што пејзажот често е како во сон, геометериски извитоперен, со движења кои асоцираат на отпор кон повисоки сили кои лесно можат човека да го истуркаат кон работ, а оттаму во бездната.

Музиката одлично оди со естетиката на спотот, но недостасува поента, како се да било подредено на дизајнот и на кореографијата, при што се подзаборавило на тоа дека тој има, или треба да има и приказна. Но упатството за гледањето на филмот убаво вели - да се пушти на погласно.


 
28 јуни 2019 - 10:18