Букбокс интервју

Алек Попов: „Ако земеме малку да поќутиме, нештата можеби сами ќе си дојдат на свое место“

Еден е од најпознатите и најпреведувани современи бугарски автори е ко-сценарист на новата сезона од популарната ТВ серија „Преспав“, која наскоро треба да почне со емитување. Во интервју за Букбокс зборуваме за тоа како гледа на македонско-бугарските соработки, за второто продолжение на романот „Сестрите Палавееви“, врската помеѓу митологијата и идеологијата, и прабаба му од Прилеп. 

Разговорот го водиме во актуелен момент за македонско-бугарските односи. Заедничка прослава на Илинден, иницијативи на линија МПЦ-БПЦ, договори за „пријателство и соработка“... Во меѓувреме нема воз од Скопје до Софија, малку знаеме за она што се случува кај вас на полето на литературата, филмот или музиката, најпосетуван објект од поновата бугарска историја за Македонците стана софијска Икеа, а најкликани статии за бугарски матурантки.

Дали во Бугарија се зборува и пишува нешто за Македонија вон историско-политичкиот дискурс и туристичките посети на Охрид? Што македонско ви е вам познато и блиско, а да не е балканско талент шоу?

Многу малку се пишува и се знае, вон параметрите кои ги посочувате. Тешка е сенката на историјата, и тешко ќе се отргнеме од неа. Па сепак друг начин нема, ако не сакаме да останеме заложници на минатото. Секојдневната човечка комуникација ни дава пример за тоа какви треба да бидат односите. Кога луѓето работат заедно ретко се задлабочуваат во историјата, и брзо сфаќате дека во основа она што ги поврзува е многу повеќе од она коешто ги разделува. За мене живите луѓе се сто пати поинтересни отколку туристичките атракции и историските споменици. За да има вистински интерес треба да правиме повеќе нешта заедно, особено во уметноста - кино, театар, музика, книги, изложби.

Кај нас до сега е излезен само вашиот прв роман „Мисија Лондон“, а во кината беше прикажуван и филмот во кој Македонија беше копродуцент. Обете во Бугарија рушеа рекорди - книгата доживеа преводи на 16 јазици и седум изданија во Бугарија, а за филмот статистиките велат дека во Бугарија бил гледан повеќе од тогашниот хит Аватар. Дали ваквиот успех на дебитантски роман (не)свесно го условува авторот да почне да пишува со комерцијалниот ефект на ум, или напротив, делумно го ослободува од финансиски грижи за следното дело и му обезбедува креативна слобода?

Кај мене таква дилема не постои - дали пишувам комерцијално или не. Едноставно си пишувам во таков стил. Не можам да кажам дека правам некакви компромиси во името на тоа да им се бендисам на што е можно повеќе читатели. За мене спротивставувањето на поп-културата и на некаква висока, елитна уметност е вештачко и крајно непродуктивно. Како последица на тоа во филмот и во литературата се креваат ѕидови, се формираат некакви мали изолирани групи, коишто не сакаат да комуницираат помеѓу себе. Сè повеќе доминираат критериумите за политичка исплатливост, коишто немаат ништо заедничко со духот на уметноста. За мене нарацијата секогаш ќе биде водечка, независно од коњуктурата. Никој никогаш нема да ме убеди дека здодевноста е белег на високата литература.

Вашиот трет роман, „Сестрите Палавееви“ (осврт тука), кој пред само неколку дена во Бугарија доживеа и продолжение, се занимава со теми кои се контроверзни во сите некогашни социјалистички земји во регионот - односот кон сопственото народно-ослободително минато, придобивките и злосторствата направени во име на црвените револуции. Вие им пристапувате пародично, деконструктивно и црнохуморно. Сепак, дали сметате дека сведувањето на големите историски настани на човечка мерка може лесно да се „слизне“ во вулгаризација, и на младите генерации да им сигнализира дека „нема ништо свето“? Дали макар малку, суптилно контролирана митологија ѝ е потребна на секоја заедница, за да го одржи континуитетот и самата себе, својот идентитет?

Она што е свето е слободата. Колку подолго нешто било табу, толку тоа станува поранливо. Митологијата и идеологијата се поврзани. Во моментот кога човек престанува да верува во идеологијата, започнува да се однесува критички и кон митологијата на која ѝ служи. Сепак сум забележал дека вистинските нешта остануваат: стремежот кон слобода, храброста, великодушноста, солидарноста, пријателството, личното достоинство. Отпаѓаат лажниот патос, шпекулациите, манипулациите и лагите. Понекогаш кризите на идентитетот се корисни, тие ни помагаат да ја истребиме вистината од заблудата и да пораснеме како личности. Освен тоа, тие се и неизбежни. Секоја криза ни дава можност за нов почеток. Идентитетот често се покажува како илузорен, но личноста е нешто на коешто можеш секогаш да се потпреш.

Се обидов да истражам еден многу болен историски период низ призмата на хуморот и на апсурдот. Наспроти црно-белите клишеа. Сметам дека тој начин функционира подобро во уметничка смисла, отколку морализаторскиот патос. Сега двата дела на романот образуваат една голема епска приказна за епохата. Нешто како апсурдна трагикомична сага. За мене тоа беше чин на ослободување. Се надевам дека ќе биде така и за читателите. Минатото не може да се промени. Но ние секогаш можеме.

Неодамна, заедно со Делјана Манева, театарска режисерка и професорка со која имате соработувано на голем број проекти, бевте поканети да го напишете сценариото за втората сезона од серијата „Преспав“, во продукција на ОХО. Освен занаетчиски и креативно, дали ова на двајцата ви беше и културолошки предизвик, да „преведете“ одреден вид хумор, семејни односи, социјален контекст или средините се сепак преблиски за ова да биде проблем?

Отсекогаш сум го разбирал Балканот како единствено културно пространство и не се сомневав дека ќе најдеме заеднички јазик. Балканскиот хумор е специфичен, во него секогаш доминира карневалот, тревистијата, гротеската. Високото и ниското постојано си ги разменуваат местата, што е основата на пародијата. Културните комплекси - исто така. За нас тоа беше шанса да докажеме дека на Балканот може да се работи во многу пошироки граници, да се работи на квалитет на идеите, вон тесните рамки на националните јазици.

Може ли да ни откриете, без спојлери, нешто од серијата? Дали го следевте нејзиното снимање, и дали сте задоволни од продукцијата, актерите и од тоа како ќе изгледа вашиот текст на малите екрани? Како ви звучи македонскиот?

Македонскиот ми звучи многу живо, блиско и забавно. Иако го пишувавме сценариото на бугарски, од време на време спонтано се појавуваа фрази на македонски, се обидувавме да си претставиме како ќе звучи текстот на македонски и тоа ни помагаше подобро да ја осетиме динамиката на дијалогот и на дејствието. Ми се допаѓа тоа мешање на јазиците, и со оглед на тоа што не сум пурист сметам дека тоа го збогатува изразот - го прави поколоритен и богат. Во одделните епизоди се осврнавме претежно на апсурдните ситуации, а и насловите се доволно илустративни: „Романтичен викенд“, „Резиденција за писатели“, „Нудистичко летoвалиште“, „Крвна одмазда“, „Преси“. Имавме можност да бидеме на сетот и многу се забавуваме. Одлично се разбравме и со македонската екипа сценаристи.

Како изгледа еден ваш работен ден? Имате ли некој рецепт за писателска самодисциплина?  Дали, како што велите во збирката есеи „Сопатник на радикалниот мислител“ објавена во 2005 (осврт тука), вашиот основен проблем е што сте „бугарски писател“, или таа фаза е надмината?

Редактирам и одново пишувам - тоа е рецептот. Колку страници ќе напишам, толку и исфрлам. Не се плашам да променам. Секогаш може да стане поубаво, но треба да знаеш и кога да сопреш. Невидливи се патиштата до успехот. Се случува да напишеш нешто добро и публиката да не го оцени како такво. Се случува да напишеш и нешто не толку добро, и да биде многу успешно. А понекогаш се случува ем да е добро, ем да има успех...Јеби га! Човек не треба да стане роб на успехот. За мене рекламата никогаш нема да биде поважна од самиот текст. Најдобрата реклама за една книга си останува самата книга.

Во еден разговор рековте дека баба ви била од Прилеп. Имате ли некаква семејно-емотивна врска со Македонија? Би извадиле ли македонски пасош?

Прабаба, поточно. Не сум бил никогаш во Прилеп, за жал. Сè некако останува настрана. Но се надевам догодина најпосле ќе го посетам. Претпоставувам дека тоа ќе ми ја активира фантазијата и ќе вроди со емотивна приказна. Инаку, да си Бугарин е доволно сложено. Па озгора на тоа и Македонец - тешко ќе ми дојде. Too much identity!

Дали бугарско-македонскиот спор околу јазикот би можеле да го надминеме со воведување нов меѓусоседски јазичен поредок, пишувана комуникација само со емотикони, ама такви прилагодени на локалните прилики? Или повторно би настанал спор околу тоа чиј е на пример емотиконот „шупелка“, симбол за глуп човек?

Тој спор лично не го разбирам. Јазиците постојано се менуваат и еволуираат во зависност од различни фактори - политички, економски, демографски. Зборовите им припаѓаат на сите oние коишто знаат како да ги користат. Јазиците следствено се средство за комуникација, но на Балканот почесто биле повод за неразбирање. Ние од караници не можеме да се слушнеме кој што кажува. Понекогаш си мислам дека ако земеме малку да поќутиме, нештата сами ќе си дојдат на свое место.

И, како во сите интервјуа кои претендираат на Пулицер, кои се вашите идни планови? ТВ серија според „Сестрите“ или трето продолжение од книгата? Можеби нов, контроверзен роман за македонско-бугарските односи? Блокбастер за супер херојот Самуил, чие тајно оружје е третото, фосфорно око?

Во моментов бавно и полека почнуваме работа на едно сценарио со Делјана, коешто подоцна може да се претвори во роман. Тоа е во стилот на „Мисија Лондон“ - политичка сатира со авантуристички елементи. Темите се демографија, миграција, идентитет врз фонот на проѕирно политичко калкулантство. Можно е да има и македонска врска. Местото на дејството - Далечниот Исток. Мислам дека со ова дело ќе го завршам циклусот на деконструкција на посткомунистичката митологија, и ќе се насочам кон друг вид теми. Здравје и живот!

Илина Ј.

10 декември 2017 - 15:38