Zomba Prison Project

Албумот снимен од затвореници кој е номиниран за Греми

Музичари-затвореници во иста категорија за награда со Анушка Шанкар или Жилберто Жил? Еден таков бенд од Малави сега е во таква ситуација, иако неговите членови веројатно не ни знаат за ова.  

Шеснаесет затвореници, главно осудени на доживотна робија за убиства, ја отслужуваат нивната казна во затвор во Малави, југоисточна Африка. Нивниот проект се нарекува „Зомба" по градот каде што се наоѓа затворот, а албумот кој го имаат снимено „Имам не сè тука" (I Have No Everything Here). Сега тој е номиниран за најдобар албум во жанрот „светска музика". Не е сигурно дали затворениците знаат за ова, бидејќи сите информации од надворешниот свет најпрвин минуваат низ филтерот на затворските органи. Но дури и да добијат Греми, тешко дека некој од нив ќе може да присуствува на доделувањето.

Проектот е поттикнат од продуцентот Јан Бренан, кој веќе има добиено Греми за албумот на групата Тинаривен од Мали (кои гостуваа и во Скопје). Тој со неговата сопруга, италијанската режисерка Марилена Дели, има правено и други вакви проекти по затвори во Руанда, Палестина, Јужен Судан и Алжир. Условот тие да бидат пуштени во затворот во Малави бил да потпишат договор за тајност, да не сликаат во одредени делови од затворот, и да одржат часови за превенција на насилство на затворениците.

Една од работите кои тие ја забележале била разликата помеѓу машкиот и женскиот оддел на затворот:

„Мажите веќе имаа организиран бенд и беа прилично прецизни околу тоа како треба да бидат снимени. Жените (главно затворени заради магесништво) немаа инструменти, освен тапани направени од кофи, и тие најпрвин рекоа дека не пишуваат песни и одбиваа да учествуваат. Но кога една од нив на крај стана и почна да пее, тогаш како да се сруши некоја брана, и почна поплава. Тие една по една почнаа да пеат и тоа трогателни лични песни како Веќе не убивам'“, изјавил Бренан.

Албумот бил снимен во мала просторија каде имало струја, веднаш до автомеханичарска и заварувачка работилница. Испеан е на локалниот јазик чичева, со одбран материјал од снимки што траат шест часа, што значи дека има доволно материјал и за втор албум.

Нивниот албум сега се наоѓа рамо до рамо со конкурентите - Лејди Блек Мамбазо, Анџелик Кидџо, Жилберто Жил и Анушка Шанкар. Освен што се прв затворски бенд кој е номиниран за Греми, тие се и први музичари од Малави кои го постигнале истото.

Албумот може да го чуете тука. Парите од продажбата одат за адвокатска помош на затворениците - до сега со нив им е помогнато на три жени да бидат ослободени.

Краток филм за проектот:

26 декември 2015 - 09:33