Ако 2020 е ТВ сценарио, како би требало да заврши?

Основната премиса на замислената серија би била - што се случува кога врз постоечките светски проблеми ќе се накалеми смртоносен вирус? Содржината, пак, би била толку комплицирана што најверојатно би се откажале од гледање по втората епизода.

Годината која никој не ја посакуваше хронолошки оди кон финале, иако како атмосфера сигурно ќе се прелее и во следната. Дали таа ќе има наративен крај и ако да, каков?

Вашингтон пост прашал неколкумина автори на познати серии за нивното мислење. Брус Милер, еден од сценаристите кои работеле на „Приказната на слугинката“ вели дека помеѓу пишувачите вклучени во серијата и пред пандемијата често се вртело едно прашање - кога сите лудила кои се случуваат во светот би биле шоу, каков жанр би било тоа? Одговорот во контекст на актуелните случувања не е баш така едноставен, затоа што во него би требало да се преплетат политичка и правна драма, комедија, сатира, дистописки трилер, хорор, медицински стории и апокалиптична фикција.

Како поинаку во едно да ги вметнеш вирусот, карантините, Џорџ Флојд, смртта на Коби Брајант, австралиските пожари, терористичките напади? Како сето ова да се моделира во нешто што е разбирливо и гледливо?

„Би му рекла на сценаристот ’Еј, олабави малку!’“, вели Ели Ати, од тимот на „Вест винг“, серија на Ен-би-си и авторка на говорите на поранешниот заменик претседател Ал Гор. „Покажи ни кои се луѓето, извади една приказна од мноштвото заплети, и остави ја да дише“.

Како и во животот, на човек му треба време да процесира што се случува во некоја серија, особено ако заплетот е комплициран. Никој не сака да го загуби гледачот на сред пат поради тоа што тој не знае каде се наоѓа - кои се ликовите, како тие се поврзани меѓу себе, и што е генералната идеја. Но ова постојано ни се случува со вестите со кои сме бомбардирани, често ни се сервира некаква информација, а потоа нема продолжение на приказната, како таа никогаш да не се случила. Ова не може да помине во квалитетното фиктивно раскажување, во кое секој внесен елемент мора да има своја разрешница.

Низата на луѓе и приказни кои на овој начин дефилираат низ нашите глави ја прават 2020 многу различна од ТВ шоу. Иако има многу пресврти кои нè оставаат со подзината уста, нештата како постојано да се доведуваат до точка пред кулминација, но никогаш целосно не се расчистуваат. Ова според Ден Шкофилд, писател и продуцент на The Good Place (NBC) ги прави нештата „полоши од лоши“, бидејќи дури и неквалитетните серии нудат некаква катарза.

Она што речиси со сигурност се знае е дека доколку оваа година би била ТВ шоу, таа тешко би можела да се сервира како комедија, освен црна. Дури ни дистописки трилер не би дошол предвид, бидејќи по првичните возбуди целата работа станува прилично здодевна, со повторување на бројки, графикони и протоколи, менување на закони и предупредувања. Во секојдневниот живот пандемијата е бавна и ѝ недостасува акцијата потребна за возбудлив заплет каде некој вид зараза прави луѓето да паѓаат мртви по улици. Евентуално доаѓа предвид зомби хорор шоу, во кое да речеме претседателот на САД го фаќа вирусот, го пренесува на различни луѓе кои би требало да го преземат претседателствувањето во случај на негова смрт, но и тие стануваат зомби. Завршната сцена би била во Конгресот, каде сенаторите се јадат едни со други.

За ваква луда приказна како 2020 сценаристите можеби би посегнале по очајни решенија, како deus ex machina - неочекуван актер кој менува сè во последната минута. И тој најверојатно би требало да биде вонземјанин, затоа што обичен смртник има проблем да го разбере сето она што се случува. Уште помалку да го разреши, дури ни со алатките на мисловниот експеримент наречен фикција.

30 октомври 2020 - 08:23