97-годишниот филозоф кој се премисли за смртта

20 години откако напишал книга во која тврдел дека стравот од смртта е тотално неоправдан, еден американски филозоф го менува мислењето, и тоа не само за смртта, туку и за смислата на животот. Вели дека дури сега, на 97, ништо не му е јасно.

Во 1996, кога имал 75 години, филозофот Херберт Фингарет напишал книга под наслов „Смрт: филозофски размисли“. Во неа, анализирајќи го третманот на смртта кај 13 други филозофи и писатели, од Толстој, преку Расел до Конфучие, тој тврдел дека стравот од смртта е крајно ирационален, и дека се должи на воспоставените метафори за неа како за разделба, длабок сон или крај на патот. Откако ќе умреме, напишал тој, нема да има ништо. Тогаш зошто би се плашеле од отсуството на бидување, кога нема ни да бидеме „таму“ за да страдаме?

Но дваесет години подоцна, на 97 години, сега многу поблиску до крајот, Фингарет сфатил дека не бил во право. Смртта почнала да го ужаснува, и не можел да престане да размислува на оваа тема. Филозофот кој 40 години предавал на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара, и дел од својата кариера посветил на истражувањето на самоизмамата, почнал да се прашува - дали цело време се мамел себеси за смислата на животот и на смртта?

„Да се има 97“ е краток документарец на режисерот Ендрју Хас, внук на Фингарет, со кого тој бил многу близок како мал. Бидејќи живеел далеку, дедо му му испраќал по пошта касети на кој се снимал како раскажува приказни, за малиот да може да му го слуша гласот пред да заспие.

Филмот е тивка опсервација на губењето на физичките и менталните способности, течењето на времето и - што е поентата на човечкиот живот? „Понекогаш се движам низ станот (со помош на држач со тркалца) и се прашувам ’Што е смислата на сето ова?’ Веројатно нешто пропуштам. Би сакал да знам“, вели тој во осмата минута од филмот, во кој сепак е крајно луциден и речит.

Ден пред да почине, при крај на 2018, по неколку часа тишина, Фингарет ги отворил очите и рекол „Па, тоа е доволно јасно. Ајде да појдеме горе и да провериме?“ Можеби непосредно пред смртта сепак нешто му се разјаснило.

Филмот „Да се има 97“ (18 мин.)

18 јануари 2020 - 14:02