29 февруари, денот кога жените запросуваат

Во традиционално патријархалните средини само еден ден бил исклучок од правилото мажот да нуди брак. Се паѓал еднаш на четири години, и тогаш ергените морале да бидат на штрек.

Историјата на женското запросување во престапна година, токму на 29 февруари, не е сосема прецизна. Се спомнува закон донесен од шкотската кралица Маргарет, која во 1288 (кога имала само пет години!) наводно наредила секој 29 февруари да им се дава можност на жените да предлагаат брак. Доколку мажот одбиел, тој да морал да плати казна во вид на нов фустан, ракавици или бакнеж. Сепак, документ со ваква содржина не е пронајден.

Друга легенда вели дека идејата ѝ паднала на памет на ирска калуѓерка од шестиот век, Бриџид од Килдар, која го замолила свети Патрик на жените да им даде шанса да ги запросуваат срамежливите кандидати, кои инаку можеби никогаш не би се одлучиле на ваков чекор. Сепак, имало правило: жените кои имале намера да преземат иницијатива требало да носат црвена потсукња, како некој вид „воена опрема“ или сигнал за предупредување.

Традицијата била овековечена во популарни разгледници од почетокот на 20 век, кои на сатиричен начин го опишувале обичајот. Голем број од нив се чуваат во музејот на илустраторот Доналд МекГил во Рајд, Британија. На една од нив (слика најгоре) жената која си бара момче треба да бира помеѓу бигамист, поранешен затвореник, насилник или уметник (да, во истиот ранг на непосакуваност). На друга пак агресивна „бучи“ жена со боречки вештини го совладува својот иден сопруг. Или чека да го направи својот романтичен потег на запросување, со француски клуч.

 

29 февруари 2020 - 09:45