XXL меѓу корици

2015 - година на долгите книги

Според истражување кое зело предвид 2,500 книги кои се појавиле на бестселер листите на Њујорк тајмс, како и најдискутираните книги на Гугл, просечната должина на книгите (на англиски) од 320 страници во 1999 се зголемила на 400 страници во 2015. Што така?

Ваквиот раст не се случил преку ноќ, туку претставува релативно константен тренд, кој се забележува од година во година. Според Џејм Финлајсон од агенцијата којашто го спровела истражувањето, ова се должи на свртувањето на индустријата кон дигиталната продажба.

„Кога во продавница ќе земете в раце голема книга, тоа може да ве пресече. За разлика од ова на Амазон големината на книгата е само еден од многуте податоци, кој може и да го прескокнете, а за него да станете свесни дури кога книгата по пошта ќе ви стигне физички." 

Оние пак кои користат е-читачи исто така не се секираат околу големината на книгите, затоа што не мора да ги пакуваат кога одат на одмор.

Но овие практични аспекти, иако се важни, не ја објаснуваат целата приказна. Можеби сепак се работи за културолошки, а не само за логистички елемент - луѓето сакаат да читаат долги наративи во кои можат да бидат вовлечени (нешто како зависноста од нарациите на популарните ТВ серии), и на некој начин да избегаат (што подолго и што посигурно) од секојдневието.

Како илустрација на зголемувањето на бројот на страниците се посочува просечната должина на книгите кои добиле Букер. Првите пет години од доделувањето, кое започнало во 1969, победничките книги имале во просек по 300 страници. Но дури земајќи ја предвид и кратката „Чувство за крај" на Барнс (160 страници), во последниве пет години нивната просечна „тежина" изнесува 520 страници. Оваа година „краткоста" се содржеше само во насловот на делото кое ја доби наградата - „Кратка историја на седум убиства" на Марлон Џејмс, која инаку има 700 страници.

И издавачите се изненадени од овој тренд, и иако тоа за нив значи повеќе пари и работа (уредување, прелом, хартија превод), тие сепак се радуваат на подготвеноста на читателите да се посветат на читање долга приказна, што и на писателите им овозможува поширок замав со тастатурата.

„Голема книга го зафаќа просторот во кој се наоѓате - таа е физичко отелотворување на вашата намера да поминете време неопходно за нејзино читање", вели еден од нив. Истовремено ваквите книги бескомпромисно го бараат вашето внимание, да исклучите сè околу вас, и без оправдувања да им се посветите.

Звучи чудно, но најтешки за продавање во моментов се средно-долгите книги, кои како да ви велат „можеш, ама и не мораш да ми се посветиш“. 

10 декември 2015 - 16:22