150 години од периодниот систем на елементи

Малку познатата врска меѓу Менделеев и санскритот

Одамна беше кога ја изучувавме таблицата која Дмитри Менделеев ја создал пред век и половина. Она што малкумина го знаат е дека принципот врз кој се базира неговиот систем е инспириран од - лингвистика.

Елементите во периодниот систем денес се подредени според бројот на протони, односно според нивниот атомскиот број. Металите се лоцирани главно на лево, а неметалите на десно. Колоната најдесно ги содржи благородните гасови, именувани така заради отсуство на нивна склоност да се мешаат со другите елементи.

Но кога Менделеев ја вовел таблицата не се знаело што има внатре во атомот, па таа се базирала на атомската тежина, и служела за подредување на тогаш познатите 63 елементи според нивните својства. Легендата вели дека тој бил инспириран од играта пасијанс (кај нас добро позната по компјутерската верзија „солитер“) во која картите се редат хоризонтално според симболот, и вертикално според бројот. За да воведе ред во своето проучување на хемиските елементи, Менделеев го употребил истиот систем на карти, на кои ги запишал имињата, атомската тежина и својствата на секој елемент.

На 17 февруари 1869 седнал да ги реди картите додека чекал попладневен воз. Продолжил така и следните три денови и ноќи, сосема заборавајќи дека треба да оди на пат. Исцрпен во еден момент заспал. Подоцна се сеќавал: „Во сон видов таблица каде сите елементи беа соодветно подредени. Кога се разбудив веднаш ја запишав. Подоцна направив само една корекција“. Така настанал периодниот систем на елементи.

Она што е најинтересно е дека во таблицата оставил празни места предвидувајќи откривање на осум нови елементи. За нивните имиња го користел санскритскиот префикс ека-, дви- и три-, што на санскрит означува прв, втор, трет. На пример, предвидел елемент ека-алуминиум, кого го лоцирал под познатиот алуминиум. Подоцна тој е идентификуван како галиум.

Со давање на санскритски имиња на се уште неоткриените eлементи, Менделеев сакал да искаже почит кон древните лингвисти кои создале софистицирани јазички теории, базирани на дводимензионални модели на основните звуци. Хемичарот бил пријател со изучувачот на санскритот, Ото фон Бетлинг, кој во тоа време подготвувал второ издание на својата книга за Панини, древно индиски лингвист од 4 век пне. Наречен и татко на лингвистиката, тој напишал трактат во форма на сутри со 3.959 „стихови“ или лингвистички, синтаксички и семантички правила кои се однесуваат на санскритот, но и на проучувањето на кој и да е јазик. Во дефинирањето на овие правила тој користел технички мета-јазик или алгоритми, логички правила и техники кои и денес се сметаат за релевантни во модерната лингвистика.

Врската помеѓу неговиот и периодниот систем е во тоа што Менделеев дошол до откритието преку „граматичките“ својства на елементите - исто како што Панини ги организирал санскритските звуци во редови и колони согласно нивната фонетска сложеност (изговорот на секој звук), така и Менделеев ги подредил елементите според растечката атомска тежина. Атомските броеви на хемиските елементи на некој начин се споредливи со својствата на консонантите (односно дали звукот се изговара повеќе „од грло“ или со користење на јазикот и устата). Како што два соседни хемиски елементи имаат слични својства, така и два елементи во системот на Панини имаат фонолошка сличност.

Не е јасно дали самиот Менделеев го изучувал санскритот, но некои од брилијантните европски умови - негови современици - го проучувале санскритот во 19 век, а нивните текстови биле објавувани и во истото списание на Петерсбуршката академија на науки каде објавувал и Менделеев. Ова, како и пријателството со спомнатиот лингвист, направиле Менделеев да е прилично упатен во неверојатно софистицираните теории на јазикот на санскритските граматичари, на кои сакал да им оддаде чест.

14 јануари 2019 - 09:49