Актерот кој стана симбол на чесност

100 години од раѓањето на Грегори Пек

„Никој од Гaри Купер наваму нема речено 'Да т'ибам' на екран со поголема убедливост од Грегори Пек, којшто понекогаш, заради неговиот едноставен изглед, е нарекуван Линколн од Беверли Хилс".

Вака почнува уредничкиот коментар во изданието на Лајф од 1947, на чијашто насловна се најде токму Грегори Пек. На неговата тогашна возраст од 31 година, згодниот и талентиран актер веќе бил познат по неговиот прв филм „Денови на славата" од 1944 каде играл руски партизан, но и по двете последователни номинации за Оскар за „Клучеви на кралството" од 1946 (за улогата на католички свештеник во Кина) и „Годиначе" (The Yearling) од таа, 1947. Сепак, требало да поминат уште 15 години не само за по пет номинации конечно да го добие Оскарот, туку и да ја одигра улогата која многумина сметаат дека е негова животна - онаа на Атикус Финч од „Да се убие подбивната птица", лик кој во 2003 е прогласен за најомилениот во изминатите сто години од страна на Американскиот филмски институт.

Сериозен, умерен и интелигентен, иако никогаш не и премногу возбудлив - вака гласеше неговиот некролог објавен во Гардијан во 2003. Неговите карактерни улоги, контролираниот баритон, но и реалната личност на Пек зрачела со емпатија и грижа на „чесен либерален човек". По таквите улоги останал и запаметен - оние на негативец, како во неколку вестерни и во улогата на Менгеле во „Момчињата од Бразил" со Лоренс Оливие само маргинално се споменуваат во неговата биографија.

Почнал да студира медицина, но кога стигнал речиси до дипломирање се откажал и со 160 долари во џеб заминал за Њујорк. Имало моменти кога спиел и на улица, сè до добивањето помали театарски улоги и снимањето на првиот филм. Последниот пак му е од 1991, „Парите на другите луѓе", каде игра бизнисмен кој се обидува да си ја спаси компанијата од агресивниот извршител од Вол Стрит, кого го игра Дени де Вито. Како негово последно појавување на екран се смета серијата направена врз основа на еден од неговите најпознати филмови, Моби Дик, каде го играл отец Мејпл, со Патрик Стујарт како капетан Ахаб (улогата која претходно во филмот ја играл Пек). 

Слично како и Џејмс Стујарт и Гари Купер, Пек со самото присуство изразувал толку многу што немало потреба ни да глуми. Неговата кариера покажува дека помалку во актерството значи повеќе, но и дека она што останува запаметено не се само улогите, туку комплетната личност на актерот. Кога слушнала дека починал, Харпер Ли, авторката на книгата по која е правен филмот за кој Пек доби Оскар, изјавила: „Грегори беше прекрасен човек. Атикус Финч му даде можност да се игра себеси".

Подолу антологискиот говор на адвокатот Финч, бранејќи го Том Робинсон пред расистички настроената порота во Алабама, кој е класичен текст за важноста на судскиот систем и еднаквоста на сите пред законот

5 април 2016 - 15:40