Исповед 10

De Monumentis

Пред некоја година, прошол некој наш, нов и храбар Македонец, на искурзија во Рим, ја видел Фонтана ди Треви, застанал, гледал, фрлил паричка... и ја видел годината на споменикот, 1762-ро лето, и му светнало... Па нели има една црква во Скопје, во Центар, Св. Димитрија... и пред неа ништо? Само еден тапа паркинг? Да направиме таму плоштадче, си помислил тој, и на него статуи со фонтани, троа покрупни...

   Во последно време... станав малку алергичен на споменици... од разбирливи причини. А не сум ни единствен, впрочем. Сепак, чувствувам потреба да напишам уште нешто за темава, оти противречностите се големи и сериозни, а не знам кој би можел да ги разреши. Да бидам искрен, не ни очекувам да бидат разрешени... ама сепак да си го кажам своето.
     Ерго... има еден град, се вика Рим... и во него споменици неброени од различни времиња. Има таму и една фонтана, на составот на три улици, на стариот аквадукт на Агрипа, и ја викаат Фонтана ди Треви. Според записите на самото место, споменикот на фонтаната е спонзориран од папите Климент XII, Бенедикт XIV и Климент XIII, а завршен е... ви се верува ли... 1762-ро лето. Не се зезам, стварно е таа година. Еве, вака пишува: POSITIS SIGNIS ET ANAGLIPHIS TABULIS IUSSU CLEMENTIS XIII PONT. MAX. OPUS CUM OMNI CULTU ABSOLUTUM A. D. MDCCLXII. Ова е последната барокна фонтана во градот, и според многумина „најубавата на светот". Оригинал барокна, не е нео-барокна, да се разбереме. Може е и убава... не знам!? Господ знае.

     Нејсе, на овој споменик-фонтана од 18-от век се претставени три фигури од грчко-римската многубожечка, паганска митологија... имено, во средината е статуата на ОКЕАН, кој е божество-персонификација на огромната река што ја обиколува Земјата и од која произлегуваат сите извори на вода. Тој е син на Уран и Веста, и од неговото соединување со Тетида се родиле сите извори. Пред неговата се статуите на два ТРИТОНА, и два коња. Коњите ги симболизираат мирните и разбеснетите води... како потенцијал. А Тритон е грчки бог, син на Посејдон/Нептун и Амфитрита, гласник на морето.

    Десно од централната фигура на ОКЕАН е статуата на божицата на ИЗОБИЛИЕТО, која во раката ја држи "корнукопијата" - кошницата или рогот на изобилството. Во неа се содржат секакви овошја, плодови и јадења. Лево од ОКЕАН пак, е статуата на божицата на ЗДРАВЈЕТО, со ловоров венец на главата, и во раката држи широк сад од кој пие една змија. Тоа се основните фигури претставени на оваа фонтана, порачана од тројцата папи, поглавари на римокатоличката црква во тоа време. Има и многу други, помали фигурички и рељефи, ама нема да се задржуваме на нив. Доста е и ова. Наспроти фонтаната е една црква од 1650 г., католички храм посветен на Св. Винсент и Атанасиј. Запомнете го ова... со црквата карши спомениците... ова е битен момент.
Статуите на фонтаната се убаво изведени, нема збор... прецизно и складно... и среќните туристи фрлаат парички во водата... ама има една противречност, да не речам лудило. Прашањето ми е... што имале римски папи да спонзорираат и да се фалат со ваков споменик? Нели тие биле поглавари на христијанството? И зарем христијанството не е еднобожечка религија? Без разлика, католици или православни... или протестанти... христијаните веруваат во Света Тројца (Отецот, Синот и Светиот Дух), и што бараат вакви статуи во престолнината на западното христијанство? Во столицата на Петар? (инаку, овде не станува збор за  владиката од Битола, туку за првиот владика на Рим, Св. Петар, оној со клучевите) Нели христијанското учење, независно источно или западно, ги отфрла грчките богови и нивните римски пандан-плагијати како безбожништво и демонска прелест? И нели во христијанството има 10 заповеди, од кои првите две се:

 1. Јас сум Господ твојот Бог, да немаш други богови освен мене.

 2. Не прави идол или слика на она што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; не им се поклонувај и не им служи...

    Изгледа, овие тројца римски папи биле големи визионери и со умот биле далеку пред времето... оти знаеле дека ќе настапи постхристијанска Европа, каде новите богови ќе бидат шведската маса, секојдневното туширање и полниот фрижидер, супремаркетите со нац'цкани полици и задоволството од хотелите и одморите и разновидните јадења и пијачки што толку ги сакаат новите верници. Оти голем дел од муабетите на мојата урбана генерација кога ќе се вратат од одмор е кој што јадел, и каков бил базенот или плажата, и каков бил хотелот во кој спиеле... и ако биле во "ол инклузив", како можеле да пијат и јадат колку и што сакаат... и виски и пиво и меса и специјалитети... и колку било добро... и колку било супер... и тоа било Запад. А на кого му е гајле што си јадел и што си пиел, и каква ти била собата во хотелот? Неохедонизам - неоварваризам – неопаганизам. Се сведе човекот на најпримитивните телесни задоволства – јадење, пиење и секс – а успехот во животот би го претставувала можноста за неограничено прејадување, препивање и курвање. Уште и дрогичка да се додаде во корнукопијата и ќе биде цело оти има сè. Оти така и треба: "да јадеме, да пиеме, да се веселиме... оти утре ќе умреме". Филозофија на предхристијанскиот Рим (оној што пропадна од первертираност) за која пишува Св. Павле.

Ерго, одиме понатаму... пред некоја година, прошол некој наш, нов и храбар Македонец, на искурзија во Рим, ја видел Фонтана ди Треви, застанал, гледал, фрлил паричка... и ја видел годината на споменикот, 1762-ро лето, и му светнало. Видел и црква таму, спроти фонтаната... па се израдувал тој, и во миг на апсолутен и голем проблесок... имал видение. Па нели има една црква во Скопје, во Центар, Св. Димитрија... и пред неа ништо? Само еден тапа паркинг? Да направиме таму плоштадче, си помислил тој, и на него статуи со фонтани, троа покрупни... и ете... Си имаме сега и ние супер нов плоштад, Карпошово востание, од неодамна пуштен за минувачи, и на него статуа од ТАТКО... спроти таткото МАЈКА (или мајки, оти има неколку жени, поточно четири, а и Филип навистина бил многуженец, и тоа сериозен) ...а на другиот плоштад, преку мостот... СИН. Цело свето семејство: татко, мајка и син. Новата света тројца на новиот европски Македонец... Да си се идентификува со нив, и гордо да си цапа во светлата иднина.

    Само, овие од МПЦ не ги разбирам... не ми се јасни... синодот, свештениците... не верувам дека се до толку неуки, толку дибидус - не може. Ама зошто молчат? Си се градат спомениците пред Св. Димитрија и никому ништо. Се кренаа до небо... повисоко од камбанаријата на црквата - и пак никому ништо. Тоа што власта веројатно нема да ги стави ни под разно нивните поплаки... ако... ама сепак треба да си кажат... Не оди да се клаваат споменици-фонтани на антички предхристијански пагански херои пред православна црква... оти тоа е провокација и резил... и глупост. Оти народот наш на попис во огромно мнозинство се изјаснува православен. Иако веројатно, повторно со големо мнозинство, "православните" Македонци на црква одат за Велигден само, или ако некој се венчава од семејството или пријателите... и не знаат баш ни што е тоа: Символ на верата. А символот на верата е кус текст во кој се кажува во што веруваат христијаните. А христијаните не веруваат во култови на „национални семејства", макар тие биле и од античка МК. А денес, кај нас, да си православен малку е и мода... и супер е, и патриотски е... како што беше и да си член на СКМ... и поборник на социјализмот, братството и единството, секуларната религија на СФРЈ, во едно не толку дамна минато време. Сега, секуларната религија е вулгарниот национализам.

   А како за крај - и ова. Олимпија, која седи спроти Филипа Вториот... т.е. статуата нејзина (или статуите нејзини, сеедно) спроти статуата негова... во книгата за Александар Велики од Плутарх... е опишана како чудна жена. Просто чудесна. Имено, таму стои дека еднаш Филип ја видел како си лежи во тревата со другарките, и како по нив разголените си лазат змии. Оти била припадничка на оргијастички култ посветен на Дионис, поврзан со обожување змии... Оттогаш тој не сакал да си има ништо со неа. Оти помислил дека едно дебело змииште со кое таа страствено се галела е никој друг туку самиот грчки бог, престорен змија. По оваа случка ѝ се плашел малку, а и се згрозувал над неа, малку повеќе. Тој бе, тој... Филип Втори од Македонија. А и таа, Олимпија, што му била четврта, а не една и единствена жена, многу не го љубела.

Значи, пред Св. Димитрија стои споменик на жена која не само што била добра мајка и сопруга... и го организирала атентатот над некогашниот ѝ сопруг (Филип II) за да го осигура тронот за сопствениот син (Александар III), туку по малку била и... изопачена... и настрана. Гнасни култови со змијчиња си терала. Не е апсолутно докажано дека таа го најмила Павсаниј телохранителот да го прободе Филипа, ама имала најголем мотив за такво нешто. Оти Филипчо, непосредно пред тоа си имал земено и нова женичка, уште една во низата од многуте негови жени пред и по Олимпија, и му се родил и нов син... значи си имал бебенце. Впрочем, по смртта на Филип, таа го отепала ова бебенце, полубратчето на син ѝ, и мајка му, а му подигнала споменик на убиецот Павсанија, па затоа многу историчари ја сметаат одговорна за смртта на маж ѝ. Олимпија, од Епир. Ама ако, терајте си вие, мислете си дека народот е овца... создавајте му култови по мера на новото време. Патриотски култови, мислам. Верувам дека министерката за култура наскоро ќе нарача нови книги од врвните ни писатели, во кои ќе се опише семејната среќа на светото и доблесно македонско семејство... и сè ќе си дојде на свое место.

    А на достоинствениците од МПЦ ОА, им предлагам, под итно да го преместат храмот Свети Димитрија на друго место, да го откорнат ако може, целиот, сосе камбанарија, и да го преселат... или во спротивно, да го отстапат да биде прв храм на идната МИЦ (македонската идолопоклоничка црква), која по сè изгледа наскоро ќе биде формирана. Ако може Марадона да има црква, оти па да не можат Александар, Филип и Олимпија? Нели се и тие тројство? Важно, овие од синодот на МПЦ ОА да не ги остават работите вакви какви што се. И само да креваат рамења и „мудро да молчат" за сѐ. Оти е срамота.

п.с.1. Инаку, како што прочитав, сегашната ни министерка за култура докторирала во февруари 2012, во Скопје, на темата "Европскиот културен модел и културно-интеграциската политика на Република Македонија". Докторската не сум ѝ ја читал, може ѝ е добра. Не знам. Ама, знам дека никогаш не е џабе толку школо да се има. Знаењето без имплементација е ништо. Со најновата брилијантна и нео-барокна монументална уметност, особено со прекрасните статуи што се креваат на новиот плоштад пред Св. Димитрија, Р Македонија несомнено и експресно културно се интегрира во храбриот и нов свет на Европа. Да. А и министерството за култура сосе високо учените советници прешло во рококо-католицизам, без тоа да го соопшти на јавноста (рококо - вид развиен барок). Да.

п.с. 2. Неколкумина од постарите владики во синодот на МПЦ ОА своевремено биле испратени на дошколување во Рим... може тогаш и таму им се развила љубов за статуите... и фонтаните. Па не им пречи ни ова пред Св. Димитрија. Биле млади... и си останале млади... вечно млади. Moжеби ја нашле  фонтаната на вечната младост токму во Рим!? Да? Има нешто. 

На сликата, од лево кон десно: сидрото, камбанаријата на Св. Димитрија, мојата смиреност, таткото на воинот, светите сесловенски просветители. Бронзена рамнотежа. Поздрав. 

*  *  *  *  *  *  *   *   *    *     *    *   *   *

И сосема за крај. Oва го видов денес, три дена по пишувањето на првобитниот текст во бавчата. Морав да го додадам. Простете, не издржав. Не можев да одолеам. 

Е, мори... ЕПИРСКА ПРИНЦЕЗО. 

 

13 мај 2013 - 19:14