Не само Дениса... и

Ренато го нема

Со посвета на сите 92 лица кои во црните тефтери на МВР се водат како исчезнати. Со посвета на државата која во 2 000 000 луѓе, не доаѓа до траг за тоа во која црна дупка пропаднаа овие лица. Со посвета на исчезнатите, киднапираните, умрените и непронајдените. Со посвета на побитните прашања за тоа, на која страна ќе врти панорамското тркало, хотелите на Водно, парите од ММФ, кредити, статуи и глинени голуби. 

Тешко се пишува четиво кога се во прашање мачни човечки судбини. Тешки се зборовите, сите запирки, букви, согласки и самогласки кои се нижат со секоја нова и тешка реченица.

Тешки се мисловните конструкции, прстите кои бираат зборови по тастатурата, но уште потешки се деновите низ кои минуваат семејствата на исчезнатите и досега непронајдените тела на скоро 92 лица, вели МВР. Но, сепак, најтешки се неприфатливите објаснувања дека исчезнатите едноставно ги нема. 

А тежок беше и денот кога отидовме во домот на семејството Џељадини. Веста дека го нема веселото момче по име Ренато, проструи низ градот како молња. 

Новинарите гладни по нова сторија, се стрчаа во домот од чоколадни лимови направен. Ситната, трошна куќичка си го бараше своето милениче да се врати од депонијата во која со мама и тато, Ренато собираше пластични шишиња за на масата навечер да тропне лажица со манџа без месо.

Детето го нема. Тоа е единствената информација која сите ја знаевме. Што и да прашаш, залудно е. Како и да се поставиш, очајно е. Во тесните собички, од некој агол се слуша лелекање, измачени грла глас пуштаат, суви солзи се лијат на измачените лица на потесната фамилија.

А родителите?

Тие пусти да се, делуваа како да се умрени. Мајка му скоро и да беше изгубена, а сиротиот татко во обид да дојде до зборови, мешаше имиња и презимиња на сите знајни и незнајни кои може да му помогнат во пронаоѓање на своето чедо. 

Ренато го снема дента кога качени на мотокултиватор, заглавени во смет до гуша, под изгор сонце ги баравме шишињата во замена за ситни пари. Побара 100 денари за да јаде, се упати кон приколката и тука му се губи секаков траг, мумлаше неговиот татко.

Десет дена подоцна - ист одговор. Ден петнаести, Ренато го нема.

Кучињата душкачи го открија неговиот последен траг на 500 метри подалеку од местото на злосторот. Се правеа полиграфи, се испрашуваа сите сомнителни, но веќе цел септември, никој ништо не спомна повеќе за него.

Денес е 13 октомври. 

Од Ренато повторно ни трага ни глас. 

Облечен во црни тренерки и зелени гумени чизми, детето како да пропадна во земја од 8 август до ден денешен. Сите сомнежи дека е жив беа отфрлени дента кога полицијата со тешка механизација го преора местото од каде исчезна убавото момче, единствениот син на мама и тато. 

- Можеби го змечиле големите багери, вели татко му. Можеби е киднапиран, вели мајка му.

- Можеби е жив, но каде е, прашува вујко му.

Нема повеќе вести за него, но нема ни обид да се дојде до одговор, што со неговото и телата на сите исчезнати, што со нивните фамилии и сите страдања и надеж дека пак ќе тропнат на домашната врата.

Ренато, Ренато...

МВР сѐ уште ја нема објавено твојата слика во црните тефтери на сите исчезнати Македонци. Можеби те нашле, не знам, дај Боже.

За жал, и натаму покрај тебе како исчезнати се водат и трите мали дечиња кои ги снема во пролет 2010 година. На 19 март 2005 година, излезе од  од дома и повеќе не се врати Митат Ибраими од скопското село Средно Којнаре. Во моментот кога исчезнал, и тој како тебе, на себе имал зелена тренерка, сини фармерки и кафени чизми. Да беше жив, денес ќе имаше 11 години

Осум дена по малиот Митат, исчезна и Дане Мемети од вашата проклета кумановска населба Средорек, мој Ренато. На денот на исчезнувањето, палавото детенце носело бели сомотски пантолони и шарен дуксер. Денес ќе му славевме девет цели годинки.

Само 16 дена по него, исчезна и вашата другарка и врсничка од истата Twin Peaks населба, малата Мирсада Хелдовиќ, девојче со пречки во развојот. Нејзиното семејство по несреќата побарало азил во Франција и сега живее таму, знаеш ли за тоа Ренато?

И знаеш ли дека татко ти побара да се види со надлежната Министерка? И знаеш ли дека цело Куманово беше излепено со твојот лик? И знаеш ли дека прашувам скоро секој втор ден да не те најдоа случајно? И знаеш ли дека сите креваат раменици? И знаеш ли дека во овој момент ми текнува на тоа дека можеби сега си дома со избезумените мама и тато?

Прашајте слободно и вие исчезнати...

Ве бара ли некој воопшто?

Трага ли некој по вашите измачени души?

Прашајте зарем е побитно кај се трошат милиони евра кредити на ММФ, отколку фактот дека нечии деца ги нема, и ги нема?

Случајот е отворен. Затворен. Полуотворен.

Децата ги нема.

Ја нема и Дениса, и сите оние 98 - по сите изгледи, засекогаш исчезнати македонски ќерки и синови.

П.С

Ренато е само еден од вкупно девеесет и осумтте лица кои се пријавени за исчезнати од почетокот на годината, и еден од оние 29 лица кои сѐ уште не се пронајдени. Според податоците на МВР, од 2008 година наваму, распишана е централна објава за 863 лица (најмногу за минатата година, односно дури 160 лица), од кои 92 сѐ уште не се пронајдени.

Случајот на Ренато за мене е сѐ уште отворен. До денес, 09:10 минути, не добив одговор од надлежните дали момчето е живо, дали е најдено или...