До љубовта како желба последна

Оваа сочинение не е за споделување. Не е ни за читање, и вреди колку и молбата сите да сме бесмртни.

Дојде ред сине на оној свет да одам. Тоа беа нејзини зборови. Тешки, а така проклето вистинити. Свесни и неизбежни. 

А нема ни две години како со нејзиниот сакан се збогувавме. Мислевме силна е таа, ќе мора некако без него да остане да живее. Со внуците. Со рожбите. Со пензијата. Ние мислевме, а таа веќе решила да си оди до него. Елем, така испаѓа, по љубов загубена бетер жал било на стари години.

Болештина се разви, црна проклета. Тука удрила жалта и стравот од самотија старачка. Како сакаш речи го, пак така испаѓа. Таа по загубата се разболе. Не се снајде. Не знаеше како сама да живее. Не знаеше ништо повеќе откако љубовта во неповрат и замина. Глумеше пред нас дека Господ така сакал тој прв да отиде. Ете постар бил, лесна смрт го задесила. Но, од пекање по љубовта, болеста подло си најде свое уточиште. Кога е најкревко, тогаш удира.

Надвјасаа оние денови. Тешки и неизбежни.

Неисчешлана, отидов oчите зелени да видам. На раат да се збогувам. Без понадица. Без зборови утешни. Тие неколку минути, цел век пред очи отчукаа. 

Со смртта отидов да зборувам. Така испадна. Ништо не слушнав освен молба страдањата побрзо да завршат. Срамота било да била болна и истоштена. Се немало сила за повеќе, а и време е. Смртта од нејзините усти збор по збор излегуваше. Отидов со злокоб да зборувам за да научам да живеам. Ми требаше неизбежно соочување.

По љубов повеќе се пекало на стари години.

Сликата на саканиот до креветот исправено стоеше. Во црно бела техника. И во добро и во зло, заедно, па макар и врамено. Усти корави, шест ќебиња врз неа. Тишина. Без одговор на прашање како си, сал едно просто барање слики од вујче да види на мобилен. А и тој болен е. На двеста метри еден од друг далечина, а толку бесконечна. Иста крв, иста болештина. 

Сува солза низ нејзин образ се сли. Солза тешка и со скриена порака. Нема веќе да се видиме. И поп си викнала. Сака причестена таму некаде да замине. Храброст ли е тоа човечка? Соочување со вистината дека сè да ти било лага, освен смртта гордо дочекана.

Нејќе тело веќе да голта лекови. Храна не прима. Нит вода. А јас секој ден прашувам, галиба чудо очекувам да слушнам. Дека се исправиле нозе на земи, дека тетин не ја бара повеќе. Чекам чудо за да овој реквием не го пишувам. А свесна сум дека за одбројани денови овде со солени прсти топам редови и букви. А и бројки кои ги броиме. До заминување. До темното чекање и допир на ровка земја.

Тоа се тие денови кога чекаме за да се збогуваме. Глуво сега лелекаме. И така броејќи, се изнаплакавме, на триста божици се помоливме: Напразно. Се шири канцерогеното, се храни од солзите наши од очи уморни, исцедени. Чекаме невиделина.

Љубовта чиниш на стари години повеќе на човека му требала. Не знаев. Дознав кога пропаст нечија по љубов загубена посведочив.

Не знаев, но се уверив дека и со смртта се зборувало. 

Со смртта отидов да зборувам, за љубовта и животот нешто повеќе да научам. Отидов за да почнам да ја почитувам. Отидов, оти знам свесно и често под нозе да ја тапкам и подгазувам. Две работи јасни станаа. Никогаш не вели никогаш, ама и засекогаш...

Дојдоа тие денови кога јасно станува...

Љубов пуста по стари години повеќе требала.

Сандра

 

 

25 октомври 2015 - 23:40