Сите во политика, или политиката во сите

Сѐ станало црно бело. Ако не си со мене, против мене си. Или си од нашите, или си од нивните, трето нема. Политиката влезе во секоја пора од општеството. Таа - политиката, влезе и во парковите, во градбите, во дрвјата... Па и во хуморот влезе, та и хуморот ни го одзеде таа пуста. Па човек веќе не може да се пошегува, а да не биде обвинет за мешање во политика.

Негде долу централно на Балканите, во една се уште убава земја. И наша. Во едно време невреме, во пекара тазе отворена, пред година, две. Влегува човек во неа со намера да купи нешто за јадење.

-Добар ден, повелете - вели пекарот и се смешка мислејќи си: „Мора да е од нашите чим влегува кај нас, а не кај комшијата“.

-Добар ден, имате ли кифли?- возвраќа муштеријата и констатира во себе, „Мора да е од оваа власт, нова е пекарава инаку кој би му дозволил да работи.“

-Секако, повелете - ја подава кифлата размислувајќи во себе си „Оди на работа, има пари за кифла, сигурно има и партиска книшка, инаку од кај пари, работа?“

-Ау! Исушена е, не ми се допаѓа, нема потазе?- вели мислејќи во себе: „А бе кај ја ставив денес оваа кравата. Овој мисли дека сум од другите, гледајќи ми ја бојата на краватата, па ми потура исушена кифла.“

-Е нема друга, тоа е, ако сакате арно, ако не пријатно - одговара пекарот нервирајќи се во себе. „Забележа, изгледа, дека немам календар со национални мотиви, па помислил дека не сум од нивните, па ми се потсмева што не сум добил субвенции, па да имам поквалитетно брашно, поквалитетни производи.“

-Ништо тогаш, до гледање - поздравува муштеријата осудувајќи во себе „А бе кој знае колку субвенции добил од неговите, ама сигурно ги вложил во странство, на сигурно игра, а тука глуми жртва на власта.“

-Нема на што, до гледање - одговара пекарот со помисла „Тој ли најде да ме зеза? Ако е близок до нив, што не му дадат поголема плата па да јаде чорба, а не вака да купува суви кифли.“

И се разделија полни со сомнежи и омраза, а не се разбраа кој на која партија припаѓа. Можеби и не се во партија, ама бидејќи политиката стана составен дел на нашите животи, оваа прикаска се повторува кај сите нас секој ден, секој час. Сѐ станало црно бело. Ако не си со мене, против мене си. Или си од нашите, или си од нивните, трето нема. Затоа ваквите ситуации сѐ повеќе стануваат секојдневие. Политиката влезе во секоја пора од општеството. Таа - политиката, влезе и во парковите, во градбите, во дрвјата... Па и во хуморот влезе, та и хуморот ни го одзеде таа пуста. Па човек веќе не може да се пошегува, а да не биде обвинет за мешање во политика.

И сосема нормално за ова време - невреме, бидејќи секогаш во вакви ситуации така се случува. Онаму каде што излегувала економијата од контрола, таму влегувала политиката. Чисто поради баланс на контролата.
И мора човек да прати ситуација. Остануваш аполитичен, стануваш асоцијален и како последица на тоа отпуштен, а кога си без работа и сиромашен. Ама демек изборот е наш, демократијата е во наши раце, поточно во трите прсти што го држат пенкалото кое заокружува бројка на гласачкото ливче. Па така, понесени од таквото убедување, гласаме. Кога сме веќе почестени со можноста да управуваме со демократијата, гласаме за подобро утре, секој за својата опција. Само опасно е тоа што многумина потоа си вообразуваме дека со гласањето за победничката партија, стануваме дел од власта. А власта секогаш има поголема потреба од работна сила за време на избори (лобирање од куќа на куќа, лепење и делење на пропаганден материјал), отколку за време на практикување на власта. Така се случува, многумина што не биле забележани за време на изборниот процес, да треба дополнително да се потрудат со хвалоспеви и апологии на власта да се истакнат. Тоа ги прави таквите, "стручњаци" за политика. Делат памет повеќе и од владата и парламентот заедно. Не дека сегде по светов нема такви, ама кај нас се претерува. Не можеш да сретнеш аполитичен човек.

И како јас, или некој друг од црквата, да се зачува од ова опасно заразно политизирање? А сепак ќе се најде некој од споменативе да рече, не ти (ви) личи да се мешаш во политика. Па затоа, истите оние кои погоре ги споменав, како стручњаци за политика, застануваат во одбрана на политиката од црквата и поповите, спремни како лавови да се нафрлат најпрвин со деградирање, со повторување на веќе познатите приказни дека поповите се за да крадат и да не се мешаат во ништо друго. Се истакнуваат и во одредувањето што сѐ било политика, а што е духовно, притоа изричито забранувајќи да се мешаме во првото, како место кај што не ни е местото. На пример, ќе спомне човек дека сака и по некоја зелена површина низ град да остане и ќе јаде по капа. Велат, и тоа било мешање во политика.

Затоа сакам да замолам, некои од оние добро упатените во политика, а кои не се политичари, кои знаат што сѐ спаѓа во политика, знаат и што е духовност, и кои знаат кој сѐ може и за што смее да зборува, може ли да ги замолам да ни кажат нам во црквата за што можеме да зборуваме, дебатираме, мислиме, а за што не? Оти, нели, секуларна држава сме биле. И кој знае, нека ја исцрта границата преку која не смееме да преминеме ние од клирот. Ама нека има на ум дека и ние сме пред сѐ луѓе, кои се дел од ова општество, кои плаќаме придонеси во државата, имаме право да гласаме, нè има на избирачки списоци. Нека каже дали за нас во вакви ситуации не важи секуларноста. И нека размисли дали потоа немаме право да коментираме и критикуваме нешто што не ни се допаѓа или пак да пофалиме нешто, што ни се допаѓа. Или кога ќе ја завршиме нашата демократска и граѓанска должност со гласањето и плаќањето на придонесите и персоналниот данок, повторно се активира секуларниот карактер на државата и нè префрла повторно преку таа замислена граница. Некој чуден критериум, како да не сме ние луѓе, како да не сме ние дел од ова општество.

Настрана тоа што кога зборуваме за духовното, никој не нѐ забележува и слуша, бидејќи токму политичарите успеале да наметнат стереотипна слика за свештенството дека не се дел од народот и дека немаме право на размислување. Можеби се плашат од конкуренција? Без грижа. Не секуларниот карактер на државата ни го одзема правото да бидеме носители на политички функции, туку каноните на црквата.

И за крај уште една консултација ако може, пред повторно да згрешам и да се замешам несакајќи во политика.

Може ли во ваква ситуација, да споменам некои настани што се случија деновиве пред години? Да го споменам Вејце? Ќе биде ли мешање во владината коалиција, а тоа само по себе е мешање во политика, нели? Ќе смеам ли да помислам на еден настан од пред многу години, кој се случил околу овој датум, настан кој предизвика катастрофа од невидени размери и кој, верувам, никој на светов не би сакал да се повтори?

Имено, деновиве спомнувајќи си за жртвите од Вејце, си спомнуваме и за жртвите од Хирошима и Нагасаки. Бог нека ги прости и нека се смилува над нивните души. За жртвите си спомнуваме, а последиците и денес ги гледаме. Сепак еве, ги спомнувам и се молам за нив, ама сепак со страв. Како тргнала работава, ќе се најде некој да каже дека пак за политика правам муабет. И тоа и домашна и меѓународна. Да не испадне дека со ова не се согласувам и со американската политика, па да не се дигне после и Америка револтирана што не се согласувам со нив. Да не испадне дека треба да падне и тука некоја атомска. Оти, од кај знае некој од црква што е природа, што е општество, што е хуманост, што е политика, што е атомска и што последици може да има од неа.

13 август 2013 - 14:20