Манастирските мирни денови

Православие во 14 слики

Не мора многу да читаш за да го запознаеш Бога. Доволно е и ова што го прочита денес. Малку читај ама многу спроведувај од она што ќе го прочиташ.

Великите Велигденски пости само што не беа почнале. Тој дојде од никаде. Поточно дојде од карневал. Се чудел што христијанско има во сè она што го видел викендот таму. А сакал да верува, сакал да знае многу за Бога, па рече.

- Него не го најдов таму, напротив го дозагубив. Каде да го најдам Бога оче?, прашуваше постојано. Колку ли треба да учам, многу ли треба да прочитам?

Младиот старец само се насмевна и му даде знак да го следи.

Влегоа во малиот и само од пламенот од кандилцата мистично осветлен параклис. Отецот запали свеќа од кандилото кај Христовата икона. На ѕидовите почнаа појасно да се оцртуваат ликовите на светците од фреските.

-Ќе ми кажеш ли нешто големо за Него сега? - беше љубопитен.

Старчето ја приближи свеќата кон фреската на светиот маченик Јустин филозофот. На свитокот што го држеше филозофот имаше мал текст. Го прочита на глас:

"Јас сум премногу мал за да кажам нешто големо за Него."

Тогаш кој ќе ми каже? Кој е Он, што е Он?, се обидуваше да извлече одговор.

Без да изусти збор,  отецот само тргна тивко кон Престолот. Под престолот ја осветли фреската на која што беше претставен Христос како е положен во гробот.

Се наведна и прочита:

"Јас сум Добриот Пастир. Добриот Пастир си ја полага душата своја за овците свои."

- Ох, а како ли да те славам Добар Пастиру?- овојпат прашањето го насочи кон Бога.
Не чекаше долго на одговор.

Само што ја подигна главата и во очи му падна тоболецот на светиот Григориј Палама:

"Достојно и праведно е, Тебе да те воспеваме, да Те благословуваме, да Те фалиме, да Ти благодариме и да Ти се поклонуваме на секое место..."

Во ред е да Ти благодарам, да Те воспевам, но... Но што е со Крстот? Кај е адот? И кој ќе ме ослободи од гревот и смртта, и нели Он воскресна? -не престануваше да прашува.

Пламенот од свеќата веќе го беше осветлила светиот Василиј Великиот на чиј што свиток веднаш го најде одговорот:

"И кога слезе со крстот во адот за да исполни со себеси сė, нė ослободи од смртните страдања и воскресна во третиот ден."

- Јас глас сè уште не чув. Кој ли патот ќе ми го покаже - се обидуваше да извлече збор следејќи го и понатаму движењето на старецот со свеќа во рацете.

Кога застанаа го виде Крстителот. Во неговите суви, аскетски раце беше нацртан лист на кој што пишуваше:

"Јас сум глас на Оној што вика во пустината, израмнете го патот на Господа и..."

- Добро, ќе го израмнам патот. И? Што потоа да барам, што ако тој пат ме донесе повторно пред затворена врата? Што ќе добијам тогаш? - веќе и сам почнуваше да си поставува прашања, не престанувајќи да го следи пламенот од свеќата кој се запре кај светиот Макариј Велики:

"Оној што бара и тропа на вратата и истрајува до крајот во прозбата, според Господовото слово, ќе го добие она што го бара."

- Но како ќе го добијам, па мојот ум не е чист.... почнуваше да ја согледува својата грешност.

Низ веќе насолзените очи го прочита свитокот на светиот Максим Исповедникот и прочита гласно:

"Чист е оној ум којшто излегол од незнаењето и којшто се просветува од божествената светлина."
Посака да измоли нешто од Бога, но остануваше без збор. Крикнувајќи кон Бога:

- Еј Господи Цару, продолжи да ја чита на глас молитвата на светиот Ефрем Сиријскиот -"дај ми да ги согледам своите прегрешенија, за да не го осудувам братот свој."

- А неопходен ли е постот, постојаното одење на богослужби, молењето?

Веќе разбра дека одговорите ќе ги најде на ѕидот а не во гласот на отецот, па затоа само чекаше каде ќе застане пламенот од свеќата.

"Во сецелото наше служење Бог ги сака и видливите начини на изразување богобојазливост " - беше одговорот што беше испишан меѓу раширените дланки на свети Исак Сириецот.

- А зошто оче вие монасите сепак не сте се откажале од сè, зошто уште некои земски работи ги гледам кај вас? - не откажувајќи се да извлече одговор од старецот.

Низ насмевката на отецот виде дека и овој одговор е веќе испишан на ѕидот. Го виде светиот Јован Лествичник и почна да чита:

"Неразумно сиромашниот монах трпи двојна штета се разделува од сегашните добра, а се лишува и од идните."

Се поднасмевна, не очекуваше дека и ова е одамна одговорено.

- Ме фаќа страв, умирам од страв во овој ден... зошто оче? -упорно чекајќи збор.

Свеќата се дигна негде горе над вратата. Кај патронот на кој што беше посветен параклисот. Великиот Антониј од пустината. И тој имаше поука:

"Умирај секој ден за да бидеш жив, зашто кој се бои од Бога ќе живее вечно."

- Ми станува појасно веќе. Уште кога би знаел како можам да се стекнам макар и со последното место во Царството небесно... - праша убеден дека ќе го здогледа негде одговорот.

Не требаше долго да мине. Во два чекори старчето веќе го осветли ликот на светиот Нов Богослов Симеон и му го покажа и овој одговор:

"Сметај се помал од сите созданија и тоа ќе те покаже прв во Царството Небесно. " - се насмевна задоволно како сите прашања да му беа исцрпени. Сепак не се откажуваше и нешто лично да го праша отецот, нешто што ќе чуе од неговата уста, а не пак да прочита низ фрескоживописот.

- Старче, кажи ми како можеш да си ваков? Како можеш на сите да ни бидеш близок, како можеш на сите да ни дадеш одговор? Кажи ми те молам. Кај го научи тоа? - кога и ги начули ушите за да чуе одговор.

Наместо збор повторно се слушнаа само неговите три чекора и шушкањето на веќе излитената мантија. Застана пред светиот Павле и со насмевка повторно покажа кон тоболецот:

"На сите им станав сè, та по каков и да било начин да го придобијам."

- Јасно ми е. Морам да ти кажам благодарам. Ти благодарам оче, но уште ова. Што да Му кажам на Бога за сите овие одговори? - праша без да забележи дека му остана уште еден непрочитан свиток.

Барајќи го со поглед отецот кој нагло се заврти, го запре погледот врз фреската на великиот апостол Петар:

"Господи, Ти сè знаеш, Ти знаеш дека те сакам", застана грутка во неговото грло при читањето на последниот одговор. Кога се обиде да ја голтне, една врела солза се стркала по неговиот образ. Никој не ја виде бидејќи старецот веќе ја беше изгасил свеќата. Часот заврши.

- Не мора многу да читаш за да го запознаеш Бога. Доволно е и ова што го прочита денес. Малку читај ама многу спроведувај од она што ќе го прочиташ. - конечно прошепоти старецот.

Отец Пимен

П. С. Ликовите и настанот се измислени. Параклисот и братството што се црквува во него не се измислени. Тие се секогаш таму и спремни се да одговорат на илјадници ваши прашања. Ако веќе не ви е се јасно и од овие прашања и одговори.

20 март 2016 - 21:24