Грaѓанска инквизиција

Лов на вештерки

Дотаму стигнавме, што и оние кои сакаат да бидат свои во овој период треба да бидат нападнати, жигосани, осудени по име и презиме, затоа што се "тајни" поддржувачи на едните или другите.

Ај да ви попувам малце...

Не е баш некој израз оваа ''попувам",  ама не ми оди некако зборот да ви владикувам или митрополитувам, нели?

Штом се согласувате,  ај да ви кажам што ми е зборот.

Во православната црква важи едно начело: го мразиме гревот, а не грешникот. Ако не беше ова правило, и ние во средниот век би имале инквизиција. И ние би спалувале луѓе на клада. Сега некаде  би имале музеј на инквизиторски справи за вадење на гревот од грешниците, би имале позамашна колекција на запалки, ќибрити... Би имале мрачни подруми по манастирите. Ама немаме.

Си го имаме правилото- грешникот не само што не го мразиме туку напротив го сакаме та се обидуваме преку таа охристовена љубов да му покажеме дека не може тој толку да не мрази колку што ние можеме да го сакаме, па белким ќе се покае, и сам ќе се повлече наместо да го буткаме.

Раширените раце на Христос на крстот за да го гушне сиот свет, и грешниците, и покајниците, и праведниците, е прeобраз на оваа љубов за која што зборам.

Теоретски е така, ама поинаку изгледа во пракса. И многу ретко ќе најдеме некој христијанин што во својот живот го спроведува ова.

Ај ќе си се тешам дека христијаните православни можеби го заборавиле или не го чуле правилото златно,  па затоа и ретко го практикуваат. Повеќе сѐ за умирање на комшиската коза а може и на комшијата. А кога затапува совеста и љубовта кај луѓево кои се црквуваат и се декларираат како христијани, колку ли повеќе кај номиналните христијани, демохристијани или кај ригидните атеисти,  ова начело се доживува како теофилозофија и изгледа невозможно да се спроведе во животот?

И ете нѐ во суровата реалност во лов на вештерки.

Заокружување на луѓе со црвени ореоли на слики од протести, шегобијни монтажи на фотошоп, текстови со канонада навреди против конкретни личности, псовки до седмо колено на се живо и мртво од родот на личноста што според нас направила грешка, грев, погрдни имиња како комуњар, вмровчиште, шпиони, арамии, Србенди, Бугараши...

Сега барем имаме материјали за осудување на постапки, на местенки, притоа слушајќи ги бомбите или пак митинзите и трибините за одбрана на Македонија. И таму, и таму, ќе се изнаслуша човек и за крадење гласови, пари, и за соработки со странски служби и што ли уште не. Mалку ли има материјал за постапките, па наместо тоа, ние да судиме личности?

Дотаму стигнавме што и оние кои сакаат да бидат свои во овој период треба да бидат нападнати, жигосани, осудени по име и презиме, затоа што се "тајни" поддржувачи на едните или другите, и уживаат во својот конформизам. Доволно е тие да се поздрават со стар пријател од некоја партија за да се потврди поддршката и да ги спалиме на клада.

Сите ќе се согласиме дека не е убаво да се краде, лаже, мести, да се бара послушност и контрола врз сѐ како што се слуша во разговорите (ако се автентични). Не е убаво и да се соработува со странски служби (ако се докаже и тоа). Не е убаво, и грешно е, и треба да се осуди под хитно. Ама уште понеубаво е да се осудуваат личности. Верувам дека барем понекој ќе се соласи и со ова. Оние пак кои нема да се согласат сепак нека подразмислат уште еднаш, односно, дали е светот поубав без Галилеј, без Џордано Бруно? Дали светот стана поубаво место откако ги убија Гадафи, Садам Хусеин?

Но, сѐ тоа настрана. Она што најмногу ме плаши е тоа што веруваме дека со промена на личностите, ќе се промени ситуацијата, а не со промена на нашите страсти и карактери. Си спомнувате за една, не така далечна пролет на арапите? Ги броите ли жртвите на оние кои беа обесени за својот грев кон човештвото, и на оние кои ги обесија нив, и уште илјадници после нив?

Ај пак на домашна сцена.

Години наназад се изнаслушавме оправданија за цел криминал и неморал од типот: Па и тие пред нас правеа така, па и тие кога беа на власт крадеа, па и тие местеа, ние крадиме ама и градиме...

Е се изнаслушавме, и затоа тапкаме во место со години. И уште полошо не стоиме ни во место, туку така со забрзани чекори одиме наназад.

Не ловете вештерки, ловете го гревот во себе.

Вратете ми го оптимизмот за подобро утре. Не за мене, за оние што ќе останат после нас. Да не им оставиме наместо иднина мото: и тие пред нас правеа вака.

Отец Пимен