Игра на прозорец

Го затворам и ајпадот, мојот верен другар во овие осамени ноќи. Знам дека тој верно ќе ги чува овие мои исповеди кои веќе утре ќе ги прочитате и вие.

Нов ден, и вообичаено веќе ново патување за мене.

Патување кое трае просечно по 7 - 8 часа дневно и воедно седење во кола, или во превод 700 - 800 километри за еден ден.

На тој пат, низ автомобилскиот прозорец се менуваат пејзажи и годишни времиња скоро на секои 10 - 20 километри. Од убаво сончево време на тргнување, до силен ветер кој ги гони облаците по широкиот хоризонт кое како палаво овчарче ја претвора катадневната задача во забавна игра, па кога одеднаш ќе им здосади на овците, ќе се стуткаат една до друга, и изморени од играта ќе се групираат во стадо кое не се подмрднува од место.

Така и облаците...

Ќе застанат, ќе се намуртат, ќе посиват и ќе гргнат во пороен дожд, и така ќе ме следат со километри и покрај тоа што автомобилот се движи, а мене ми се чини дека сè стои,  и тие,  и четирите тркала, и јас заедно со нив.

Ќе си спомне тогаш човек за Ајнштајн и теоријата за релативитетот.

Се движиш со автомобилот, но не се движи и километражата. Не се намалува. Непрестано погледнуваш во неа, разговараш со возачот а воедно и зет од сестрата,  на милион теми. Зетот -возачот патем речено, без никаква надокнада ги минува истите километри како и јас, затоа што ме сака мене, ја сака црквата и Бога. Погледнувам стопати на телефонот и проверувам дали некој ми ѕвонел, дали некој ми пратил порака, барајќи си така одговор на тоа дали некој си спомнува за мене на овие бескрајни патувања...

Времето не минува, а јас фаќам белешки на ајпадот за мојот следен текст, играм бесмислени игри на истиот, задремувам и се будам повторувајќи ја во себе секогаш актуелната Исусова молитва: "Господи Исусе Христе, помилувај ме мене грешниот"...

И ќе мине тој пат, таа дневно - здодевна етапа.

И одеднаш уморот од напорните патувања ќе се претвори во радост слеана со веселите лице на верниот народ кој со нетрпение ме чека да сподели радост, тага и проблеми со мене.

И ги гушкам, ги споменувам по име, им сведочам дека не сум ги заборавил сите нив и нивните радости и таги. И се давам безрезервно...

И минува денот, и уморот, пак и пак ме стигнува.

Се довлекувам до хотелот или куќата на мои драги другари и пријатели каде што сум сместен, и ја чувствувам таа соба како дом, и покрај тоа што знам дека ќе е мој дом само на неколку дена, на неколку саати. И ќе го отворам мојот куфер, мојот спакуван живот во него и ќе заблагодарам на Бога за уште еден ден, за уште една помината етапа, за тоа што пак имам пристоен кревет во кој ќе дремнам и ќе наполнам батериите за утре кога веќе пак тргнувам на пат, и на следниот, и на следниот...

И пред да си легнам, ќе застанам на прозорецот. Ќе погледнам низ него и ќе се вратам во детството.

Тоа е таа игра на прозорецот

Ќе се насмевнам уморно, и ќе се запрашам: ''Bеше ли тоа само наслов на една детска книга од трето оделение на Генади Болиновски или е тоа мојот секојдневен живот"?

Ќе залутам во детството ми.

Зарем она што некогаш како дете сум го посакувал низ прозорецот да гледам постојано различни светови, ми станало стварност?

Еден ден тоа е центар на некоја метропола и под мојот прозорец минуваат илјадници автомобили и луѓе со своите животни приказни правејќи на моменти неподнослива врева. Друг ден е тоа периферија на некое мало градче кое тоне во спокој после 22 часот, третпат тоа е поглед кон идилична шумичка низ која само некоја верверичка или исплашен зајак ќе претрча и ми покажува дека не гледам во некој пејсаж од некоја стара скапа слика од Сезан...

Понекогаш, како и оваа ноќ, со оглед на тоа што се приближува Нова година, во далечината ќе чујам како пукаат петарди кои ја наговестуваат радоста и еуфоријата на децата од претстојниот празник. Понекогаш идиличноста на снегот или дождот и тишината во ноќта ќе ми го вратат спокојот кој сум го изгубил нафаќајќи се да го сведочам Словото Божјо меѓу моите браќа и сестри распрснати по светот, во надеж дека ќе го реализираат сонот за поубав и посреќен живот.

Понекогаш...

Или скоро секогаш низ таа игра на прозорец Му благодарам на Бога што сум останал дете кое има можност својата радост да ја сведочи секаде каде што патува, да ја дарува таа радост, да ја сее на илјадници хектари земја Господова, и истата кога ќе наиде на добра почва да дарува стократен плод...

Го затворам прозорецот.

Го затворам и ајпадот мојот верен другар во овие осамени ноќи. Знам дека тој верно ќе ги чува овие мои исповеди кои веќе утре ќе ги прочитате и вие.

Утре ќе биде нов ден кој ќе заврши на некое друго место, на некој нов прозорец кој ќе ми открие нов хоризонт, нова игра на прозорецот.

И знам дека тоа нема да биде само моја осамена игра на тој прозорец, туку и ваша читајќи ме.

O. Pimen

21 декември 2014 - 22:48