Сė тече, а ништо не се менува

Хераклит, те побивме

Полош од еднопартискиот е двопартискиот систем. Можеби кога сите ќе се иселиме и ќе добиеме можност да гласаме во новите земји, ќе сфатиме зошто е тоа така.

Не знам дали е носталгија или е збунетост од тоа што ни се случува во опшеството, особено во медиумскиот простор, ама деновиве си спомнав за едни времиња кои ги нарекувавме времиња на диктатура, времиња на еднопартискиот систем, времиња на едноумието.

Е токму во тие времиња јас бев средношколец. Слободоумен и пркосен.

По некоја луда логика на тогашното социјалистичко општество, сите средношколци кои имавме петки по марксизам бевме упатувани на политичка школа. Покрај другите оценки (не дека со сила некој ме терал да го сакам марксизмот, ами поради тоа што ме импресионираше заедничката сопственост и непотребното трупање на капитал на сметка на осиромашувањето на оние кои поштено го вложуваат својот труд во развојот на општеството) и по марксизам имав петка, па така како доброволец по наредба, и мене ме следеше таа одлука да ја посетувам политичката школа.

Го посетив првиот час во ресенскиот Сарај. Ме натоварија со еден пакет социјалистичка литература од еминентни автори од домашна и источно странска провиниенција. Искрено не ми се виде баш интересен концептот на таа школа, арно ама, ми се виде интересно тоа што присуството не беше задолжително. Го искористив ова мое сознание за да не се појавам на следните часови. И заврши курсот успешно и без моето присуство таму.

Набрзо дојде денот на младоста и патронатот на школотото кое некако природно за тие времиња се викаше Јосип Броз Тито. Бевме советувани да поднесеме молби за прием во Сојузот на Социјалистичка Младина на Југославија. Не би навлегувал во тоа дека тој ден не бев на школо и дека некој друг ја напишал и потпишал мојата молба за прием, но, како и да е, дојде патронатот и нас ни ги врачија дипломите за завршена политичка школа и црвените партиски книшки.

А моето семејство како оштетено од национализацијата, и како судено за воено профитерство никогаш не го прифати тоа уредување. Знаев дека ќе реагираат чудно. Не се лажев.
Мојот дом беше неодминливо место на патот од гимназијата кон ресенската чаршија. Сите ученици поминуваа оттука. Мојот чичко (столар по професија) во моментот кога се симнувавме со дипломите и партиските книшки правеше пауза. Освен што беше антиопштествен елемент, беше и многу голем шегобиец. Штом ме виде, застана во став мирно и почна да ракоплеска и подбивно да скандира: Сотир партија, омладина, акција! Со црвената книшка во рака и со црвени образи од срам го замолив да прастане. Се насмевна и продолжи со: уууа коминист.

Не му се налутив. Знаев дека беше повреден од системот, дека тоа е револт за неправедната национализација која му скратила услови за школување, за интеграција на сметка на потомците на партизаните.

И покрај тоа што јас лично не ги чувствував тие репрекусии на своја кожа како трета генерација, сепак неговата реакција не ме остави рамнодушен.

Почнав да бранувам читајќи го "Млад борец" со фељтонот кој во тоа време го актуелизираше прашањето за стрелањето на партизанскиот одред на Кале кој се спротиставил на партиската одлука, наместо на Трст да оди на ослободување на Солун, кој преку фељтонот ја критикуваше социјалистичката диктатура. И малку беше тоа, туку почнав да ја читам и дистрибуирам низ школо и словенечката прогресивна "Младина".

Беа тоа времиња кога се надѕираше едно ново демократско општество кое ќе ни даде можност да размислуваме надвор од тогашната матрица, време кога ќе имаме право на поинакво размислување, време кога нема да бидеме санкционирани поради тоа што го мислиме. Но тие поинакви размислувања беа неизоставно поврзани и со развој на потиснатиот од страна на Југославија за ширење на македонски национализам.

За чудо, не бевме санкционирани ни кога неколкумина од нас ги вративме партиските книшки. Бевме зачудени, но набрзо ни стана јасно дека тоа несанкционирање се должеше на најавата за воспоставување на повеќепартискиот систем.

И дојде денот, и се воспостави и тој систем. Според убедувањата на моите претци, како оштетени од предходниот систем и лично разочаран од истиот систем дека нема демократија, дека нема право на сопствено размислување, по враќањето од ЈНА и по распадот на СФРЈ, се залагав на страната на националните партии. Верував во демократските принципи.

Минаа години.

Се помирив со фактот дека не секој од нас е за политика, дека не бил проблемот во општественото уредување, во принципите на социјализмот, во учењето на левицата, на комунизмот, туку во злоупотрбата на партиските позиции и ставањето на личните интереси пред партиските, пред општествените.

Го открив повторно општочовечките начела за заедничка сопственост и праведна распределба во Евангелието Христово, запишав Теолошки факултет и прифаќајќи го монаштвото како најсовршен начин на пркосење на искривеното општество, се повлеков во манастир.

Минаа години растоварени од опшествените неправди, но сепак и таму не бевме имуни на политичките влијанија. Таму, во манастирот, некако почесто доаѓавме во контакт и со политичарите и со обичниот народ кој се соочуваше со егзистенционалните проблеми. Радост беше тоа што, колку толку успевавме да балансираме помеѓу едните и другите. Новопечените политичари и бизнисмени под товарот на совеста знаеја да понудат помош кон црквата за своевидно перење на совеста, кое ние пак ја ползувавме за насочување на тие средства кон оние кои поради тој дисбаланс на опшеството и капиталот остануваа скратени од реално заработеното.

За жал, совеста на првите постепено затапуваше а потребите на вторите се повеќе се зголемуваа. Останувавме ние како свештенство, како црква, да пливаме некаде во таа средина. Можеби политичарите почнаа да сфаќаат дека не им треба таква средина и покрај декларативната демохристијанска определба, па почнаа на нас да гледаат само како декор, но не како и на фактор. Го спроведоа законот за денационализација, обештетија многу цркви, манастири, но почнаа да сметаат дека со тоа не задоволија, и дека веќе немаме право нити да побараме нешто, нити да брануваме, уште помалку да коментираме, а за критикување да не ни помислуваме. Кој не верува нека си спомне за 2013 - та.

Сега кога често патувам во странство, често ме отрезнува фактот дека не е ни до повеќепартизмот, нити до капитализмот за она што ни се случува во Македонија. Пак се враќам на констатацијата од средината на текстов дека ништо друго не ни е криво освен злоупотребувањето на партиските функции на оние кои ја практикуваат власта за форсирање на нивните лични интереси. Додуша, голем дел од одговорноста е и кај нас, кај народот, бидејќи ние ја даваме, ние ја поддржуваме, ние ја критикуваме или не ја критикуваме, но накрај, ние сме тие кои можеме и да ја одземеме таа власт, а сепак не ја одземаме. Оттука, се прашувам да не случајно нашите лични интереси од типот на работа во јавна администрација и бесплатен превоз низ град и скијање, ги ставаме пред општествените интереси и иднината на нашите потомци?

Имаме златна поговорка која лесно може да ни го реши проблемот која вели: кога двајца се караат, третиот користи. Проблем е само во тоа што двајцата (двете големи партии) се караат постојано, на моменти дури и недолично, а трет за жал немаме. Имаме само еден куп сателит партии кои се шлепаат во коалиции. Партии кои размислуваат дека им е подобро да имаат две - три места на изборна листа, да имаат некое заменик министерско или директорско место, отколку да бидат независни парламентарни критичари на власта за таа да не забегува.

Тоа го сметаат за подобро, без да размислат дека полош од еднопартискиот е двопартискиот систем. Можеби кога сите ќе се иселиме и ќе добиеме можност да гласаме во новите земји, ќе сфатиме зошто е тоа така.

Накрај, останува поразителниот факт (додека не ги сфатиме и примениме погоре споменатите размислувања) дека се смени времето, системот, се сменија и генерациите, а сепак ништо не се смени. Па констатирајќи го ова, јавно може да се пофалам дека ние Македонците ќе влеземе во историјата со тоа што го побивме концептот на Хераклитовата философија Panta rei.

Па во мое име ќе кажам само:

Хераклит, прости, ама те побивме (засега)