Four legs good, two legs bad

Еднакви меѓу еднаквите

И имаше резултат. Се случија промени. Се даде шанса на демократијата да си го покаже вистинското лице. Дојде денот кога се врати демократскиот повеќепартиски систем. Тогаш обесправените побожни патриоти станаа демохристијани, искусните дотогашни социјалистички функционери станаа социјалдемократи, оние помеѓу станаа либерали и веќе можеше да почне со градењето на новата Фарма, овојпат наречена Македонија.

 

Кај си сега Орвел да дојдиш

Едно време, кога бевме деца и кога не сакавме да се замараме со сфаќање на некои состојби и оценување на карактерите на нашите ближни, школството ни ја ставаше како задолжителна литература книгата ''Басни на Езоп''. И така... Езоп преку неговиот литературен обид басната и задолжителното наравнучение на крајот од секоја басна, ни покажуваше на забавен начин различност на карактери на луѓето преку усталените знаења за однесувањата на животните. Научивме дека лисицата е итра, магарето тврдоглаво, лавот по службена должност е привилегиран и секогаш е цар, кучето е верно, бувот е мудар, свињата лакома, овцата наивно глупа, кокошката такуѓере... Научивме и дека сите басни се всушност вистини од животите на луѓето. И ете низ забава учевме да препознаваме карактери.

Растевме трудејќи се да бидеме само како добрите и позитивни животни. Колку сме успеале во тоа, е друго прашање. Потоа мислејќи дека сé знаеме, полека се опуштавме и некако наеднаш, почнувавме да веруваме во искреноста на сé, а не сакавме да веруваме во лицемерието. Лицемерието не само на луѓето, ами и на цели институции, на цели партии, па и општества.

И тогаш, обично во средношколските денови или можеби малку подоцна повторно откривавме една современа басна од 45-та година, од Џорџ Орвел која не враќаше во детството и која не опоменуваше дека треба повторно да погледнеме со детските очи на луѓето и на политичките ситуации, и повторно да се споредиме со животните, и да се најдеме негде во нивните однесувања.

И ете, согледувавме дека и покрај убедувањата на не многубројните тогашни медиуми и журнали пред кино проекциите, нешто како денешниве владини реклами, дека сме равноправни народи и народности, и дека самоуправувањето е најидеалното општесво, и дека дури и фабриките и машините се наши, заеднички, и дека нема класи во општeството, туку дека сите сме еднакви пролетери и сите заеднички владееме на Фармата наречена Југославија, дека не е баш така. Согледувавме дека многумина забораваат на еднаквоста, попримаат карактеристики на Орвеловиот ''Наполеон'', и стануваат малку поеднакви од другите. Болеше тоа сознание, и раѓаше во нас желба да ги препознаееме поеднаквите и системот пак да го вратиме на принципот на еднаквост.

И имаше резултат. Се случија промени. Се даде шанса на демократијата да си го покаже вистинското лице. Дојде денот кога се врати демократскиот повеќепартиски систем. Тогаш обесправените побожни патриоти станаа демохристијани, искусните дотогашни социјалистички функционери станаа социјалдемократи, оние помеѓу станаа либерали и веќе можеше да почне со градењето на новата Фарма, овојпат наречена Македонија.

И гласавме, и избиравме, и станувавме демократски еднакви. И секогаш без искучок во еднаквите кои победуваа се будеше Наполеон и стануваа поеднакви од еднаквите. И пак револт и незадоволство и нови избори, избирање на нов еднаков ''Сноубол'' кој набрзо стануваше Наполеон.

И цела среќа беше што секогаш остануваше по некој Бенџамин (мојот омилен лик од фармата) кој никогаш не сакаше комплетно да влезе во прикаската, туку секогаш од страна филозовски мудро ја надледуваше ситуацијата, па таквите Бенџамини знаеја да опоменат дека повторно и повторно застрануваме.
И секогаш ќе има ликови како Боксер (коњот од фармата, олицетворение на исчезнатата средна класа) кои ќе сакаат само чесно да работат, да произведуваат и на грб да ја носат фармата, но, за жал, таквите сè повеќе ја губат силата.

Страшно е тоа што во принцип секоја Фарма која функционира во такви услови, сама од себе ќе пропадне. Во такви услови кога никој не сака да работи туку од страв од казната на сопственикот на фармата ќе се прилепува кон политиката, кон владеењето, кон администрацијата наместо кон производството, неодминлив е колапсот. И тогаш повторно ќе се враќаме рамноправно на избори. На тој ден, на изборите, сите ќе бидеме еднакви, ќе веруваме дека нашиот личен глас тежи колку и тој на идниот мандатар за составување влада.
И веќе после неколку дена ќе сфатиме дека победниците се поеднакви од поразените.

И пак така со години...

И за да не бидам обвинет дека пак бистрам политика, да кажам, за жал, дека оваа еднаквост поеднаквост не нé одминува ни нас во Црквата, и покрај учењето на црквата дека сите сме еднакви пред Бога и пред луѓето, дека ни свештениците, ни владиците, дури ни поглаварот не е над народот.

Ќе биде подобро еден ден, не е сè така црно. Секогаш имаме можност и време да си погледнеме во срцата свои, да се пронајдеме во некоја басна, и ако сме негативен лик или лик кој станал еднаков меѓу еднаквите,  да дигнеме рачна и да се отрезниме, и повторно барем за некое време да сме еднакви со сите.

Ако сфатиме во тие моменти на искреност кон самите себе и желбата за подобро утре дека промените не се случуваат со промена на личности, туку со наша внатрешна промена во стремеж за еднаквост а не надменост, има надеж. А ќе има и подобро утре. Верувам дека не е само кај нас така. Верувам дека и на други места низ светов фармите минуваат низ кризи. Ако е така, се чита ли Орвел на други места во светов?

П.С.

Пишувајќи ја завршницата на текстов, пилотот најавува слетување во Женева. Затворам компјутер и подигам глава. Не можев да поверувам дека одговорот на штотуку поставеното прашање ќе го добијам во истиот момент. Човекот кој седи пред мене сè уште чита на својот I-pad. Од љубопитност, ѕирнав што чита. Џорџ Орвел - Животинска фарма. Занемев. Ама и ми олесна. Отворив компјутер и го допишав овој чуден момент.

Та не сме саде ние, та не сме само тука...

9 октомври 2013 - 11:27