Споредбени дискурси на куровото здравје

За македонските литературни божества, или што смееме да читаме

Океј, морам да подосаѓам малце на една тема. Добро, цела Македонија пишува поезија? Или тие што не пишуваат поезија, пишуваат загадочни некои собитија, напумпани со филозофија? Или пишуваат за некој друг што пишува? Или ако е фикција, онда нека е Александар Македонски?

Кај ви е комедијата?

Кај вие девојачката литература?
Кај ви е трилерот, бе?

Одамна се откажав дека еднаш, макар по грешка, ќе видиме македонски филм што не ги опишува црнилата на македонскиот народ, раскршените македонски семејства или „како да го упропастите својот живот во сто чекори, со кадри од грдите скопски фасади". Се откажав дека ќе начекам љубовна приказна, блесава комедија или недајбоже мистериозен трилер со M. Night Shyamalan крај. Ама не смееме ни такви книги да читаме? Или да се помириме дека таква книга само од странски автор се чита и точка.

Не може некој да ми каже, дека баш сите македонски автори увек за едно те исто се фаќаат. Постарите можеби имаат изградено стил, сме ги научиле, ама баш никој од вас во компјутер нема приказна каде што протагонистот е млад човек, на прагот од сериозниот живот што запаѓа во комични ситуации? Никој нема смислено детективска приказна, никој не може да склепа језива сцена со кловн-убиец? Или поголем е стравот дека книжевниот врв, успан во удобноста на својата фотеља од престижни книжевни награди од словенско потекло за кои што обичниот народ го заболе – нема да ги одобрат? Знам јас. Ќе кажат дека немаат уметничка вредност. Немаат вистина за животот. Немаат емоција. Е па, јас се извинувам на боговите на издаваштвото и литературната критика, ама баш у авион не ми се читаат црнила. Некои од нас ги живеат тие црнила, а во книга сакаат да избегаат со нешто поведро. Или позанимливо.

Кога ќе размислам, можеби и има такви наслови. Три. Може има и повеќе, ама каде е маркетингот? Штом некој ќе се помири со огорченоста на дежурната мрчаторска публика, и покрај сите ризици ќе реши да издаде нешто свое, веќе пола пат освоил. И тогаш, никој од тоа литературниот врв не застанува позади него. Никој не го тапша по рамо, никој не дига паника околу тоа. Веројатно затоа што се зафатени тапшајќи се меѓу себе и со честитање за 648-мата збирка млатење у празна слама. И кога конечно ќе се појави нешто ново и занимливо, нешто уникатно, нешто што привлекува внимание (и не ме занима дали е добро), седат они, од горе гледаат и се довикуваат со тие од калта најдоле, поддржувајќи се меѓусебно за тоа како кај овој новиов, фали смисла, како комерцијалата го уништува, како треба да биде грд, ќорав и досаден за неговото дело да добие на тежина, да добие кредибилитет. Немој да се занесувате дека само за Дарко Лешоски зборам. Да, најтазе е како пример, ама не е само он.

Сум прочитала јас дела од фиока на наши автори. Никад објавени. Авторите – анонимни. Сум прочитала приказна за кошмари на едно дете со описи што ќе го тераат Клајв Баркер да спие со мајка му. Од друга фиока сум прочитала мистерија со пресврт што ме тресна од земја. Па од трета фиока, приказна за млада жена што се бори со некакви first world problems, што ме искрши од смеење. Овие приказни се уште по фиоки. Зошто? Нема пазар за нив, кај нас. Преводите на светските бестселери од овие жанрови се продаваат како луди, ама чувај боже некако да се истакне еден ваков автор под нашево (книжевно) небо. Кај нас проаѓаат само тие укотвени имиња, само тие што имаат долгогодишен пријател со издавачка куќа, и само тие со стил што личи на долгогодишниот пријател на тој со издавачката куќа. И поезија на ангро. Фантастична, идиотска, прекрасна, ослепувачки глупа и секаква поезија. И се нема критериум. Ако е тоа име, тогаш е совршено делото по секоја цена. Па на еден Стивен Кинг, што е Стивен Кинг не може да му се верува од што никогаш не му е доработен крајот.

Какви се тие македонски литературни божества што немаа доволно доблест да отстапат место на свежа крв?

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

твитер

19 февруари 2014 - 16:09