ВИП

Сте приметиле дека, покрај обавезно семејство, роднини и пријатели, мора да имаме неизбежни ликови во секојдневието што се како по калап правени и личат едни на други? Ако си роден под ова небо, не може да не си ги сретнал и не може да не си имал никаква интеракција со нив. Не мора да постојат во твојот живот, не се по рецепта, ама ги има. Некои се од помош, а некои се само тука да створат баланс, ако ти е премногу добро. И од некои се фаќаш за глава, ама сфаќаш дека сепак се јаки

 

Забарот.
Јас немам. Добив уплав кога бев мала од идиотски забари и од тогаш, максимално им се потресувам, како не би ми се расипале забите, од пасти со бебешки солзи во нив, до конци, до пазење, само за да не морам да одам. Така што, освен повремено полирање на заби, каде што со страв прашувам да не има нешто за поправање (И НЕМА, РАДОСТ!), забар немам на список. Али сите имаат. И си го сакаат, без разлика што забарот го заболе за тебе и ти прави муабет за одморот во камп во Сутоморе, додека си ти во една незавидна положба и крајно деградирачка, со отворена уста и реагираш на неговата прича со црногорски џандар како да си претрпел излив, цитирам: „Ааа. Ахааа", завршен цитат. И он завршува со тоа дека на крај му дал 20 евра, да го пушти, а ти си викаш „Господе, земи ме, овој спрема инекција". Забарот е многу често семеен забар и дава попуст ако отидете 15 души. Или те чека да платиш за цела вилица неколку месеци. Некад ќе се пребиете и во гајба со нешто од куќа у село. Или во фармерки. Све имам чуено.

Гинекологот.
Увек е твојот најдобар. Да, ама мојот е во Систина. Е па, мојот е во Ремедика. Е, мојот е во државна, а знаете дека во државна најдобрите останаа. Ама јас сум многу блиска со мојот. Ама, јас кај мојот идам на кафе. Bottom line, гинекологот често прашува дали ќе те мажиме додека проверува на што тој иден маж може да налета, таму во непознатото. Или те ремети. Не мора да си на бокс, кога те ремети. Јас мојот го сретнав во Капиштец и ме праша „кога свадба". Кога му реков да не ме потресува, ми рече „Ајде ма, да раѓаме, шо". Гинеколог е супер ствар. Посетувајте го.

Докторот.
Докторот е комбинација од забарот и гинекологот. Све што важи за нив, важи за докторот. Докторот е често семеен пријател. И докторот прашува за свадба. И докторот прави рандом муабети додека ти брца шпатула во грло, а тебе гад и траума од дете. И ако имаш среќа, најчесто ти вика „ништо не ти е, не замарај".

Дежурниот комшија.
Кај една другарка пиевме кафе во двор и го игравме кучето. Во еден момент, кучето изгуби интерес за топче и заџвака нешто. Наскоро констатиравме дека заџвака скапан глушец, приложен од мачката која е исто така член на тоа семејство. Мораше одма интервенција. „ЧИЧКО ГЛИГОР, ТЕ МОЛАМ ДА ДОЈДЕШ, НЕ МОЖАМ ЈАС ОВА, ГАД МИ Е, ТРГНИ ГО, ЌЕ ПОВРАЌА КУЧЕТО, КОЈ ЌЕ ЈА СЛУША МАЈКА МИ, ТЕ МОЛАМ, ТЕ МОЛАМ!!!" Чичко Глигор го реши проблемот по кратка постапка. Тоа се тие сонца комшии.

Дежурниот комшија 2.
-СТЕ МИ ЈА СКРШИЛЕ ГРАНКАТА ОД ДРВОТО.
-Не, комшо, гранката се скрши сама и јебига, падна кај нас у двор.
-ДО ГРАНКАТА ЛИ ВИ ДОЈДЕ?!
-Да, баш до гранката ни дојде, многу сакаме гранки.
-БЕЛ ДЕН ДА НЕ ВИДИТЕ, ГОСПОД ЌЕ ВЕ КАЗНИ.
-Кога си више тука, со оградава што си ја поместил кај нас у двор, што праиме?
-АА, ЗА ЗЕМЈА ЛИ ЌЕ СЕ КАРАШ? КОЈ БАРА ЗЕМЈА, У ЗЕМЈА ЌЕ ИДЕ!
И такви комшии, да. Комшии што те мразат без причина. Или со причина, која што е, имено, затоа што се карале со баба ти дур била жива. Така бива тоа.

Фризерот.
Не толку фризерниците каде што се знае дека се седи под хауба и се оговара. Имаш маалски фризер каде што сите седат, без разлика што не чекаат ред за шишање. Се симиња комшија Зоки од прв спрат и оди да чита весник КАЈ ФРИЗЕРОТ. Деца играат надвор на љуљашки и доаѓаат да пијат вода КАЈ ФРИЗЕРОТ. Фризерот често не ни ги размуабетува вечните станари. Се шали со тебе додека седиш на стол. Ти ги знае глупите ќошеви на главата и ти ја пази фризурата да не ти искочат. И уз муабет ти вика „еве, прашај го Зоки, и он виде", и Зоки дига поглед од весникот и вика „Да", и пак се уќутува. Ликови како Зоки се бескрајно точни и предвидливи и веќе ги гледаш како фикуси. Уствари и Зоки заслужува посветен дел, ама ете, го ставам во комбинација со фризерот.
И имаш Фризерка, што не секогаш пази дека си рекол „само два прста". Не можам да сфатам, што тоа фризерките ги оглупува кога ќе треба да решат што се „два прста". Седнуваш со надеж дека нема да се примети шишањето, стануваш лустер. Излегуваш од фризерница, плачеш. Се шишаш сам во наредните неколку години, додека не се упропастиш скроз и пак мораш на фризер.

Маалскиот бакалџија
Он знае и што треба и што не треба. Не мора да е машко, нека и е продавачка. Трепка и се смешка и ти се удвара кога пазариш, прашува како се твоите (а знае дека синоќа се расправале зашто не е платена сметката за струја), знае дека сте кречеле и дека молерот ве ошурил и дека ви го капнал телевизорот со поликолор (иако никој од твоите дома не бил во продавница месец дена), и кога ќе го прашаш дали има битолско млеко, он ти вика „А бе, земи си Алпско, боље е". И кога ти му викаш дека битолско ти се свиѓа/поздраво е/децата дома само такво пијат, он ти е малце љут. Следниот пат влагаш во продавница, добар ден – добар ден...
-Дај ми сок, леб и зејтин.
-Еве, еве, каков зејтин сакаш?
-Зејтин.
-Еве овој е најдобар (најскап), ваков ќе ти дадам.
-Фала.
-...Брат ти се разведе, а?
-!
-Штета... Деца имаа?
Бакалџија, дами и господа. Брзопотезно ја сврстува снаата во курви и те праќа збунет дома со скапиот зејтин.

Ете така. Филмски ликови што ни на филм не ги гледаш. Можда треба да се сними. И знам дека има уште и ќе ми текне, и можда нареден пат ќе им посветам и на нив заслужено внимание.

Јана

 

16 септември 2013 - 11:12