Топлес зад волан

Или во последно време во јавноста лежат премногу информации за носење на коекакви закони, или јас доволно пораснав за да ги забележам истите. Или, трето, како народ сме многу креативни за трач - закони. Онака, уз пут, како Јеремија, звоцаш „проклета влада" и после тоа го врзуваш со временските услови.

Како и да е, неодамна начув дека постои закон со кој се забранува возење кола без маица/кошула, или како веќе гласи. Не сум сигурна дали го има кај нас, ама знам дека постои негде во комшилук. Веројатно се алудира на мажи овде, иако ќе ми беше појасно да се алудираше на жени. Не дека сме виделе ние гола жена зад волан, но секако ќе имаше повеќе сообраќајки, затоа што, дури да провериш дали стварно има цицки во другата кола некако губиш фокус од патот пред тебе.

Да се вратам на муабетот, далеку од тоа дека би сакала да начекам полугол, испотен маж до мене на семафор, како ми праќа ишарети, но, сепак?

Што правиме со најхрабрите борци во сообраќајот, луѓето што трпат некој језив „стокец" од времето кога единствен начин да постигнеш климатизирана просторија беше да отвориш прозор? Кај треба претходно да трпи колата да си го оправда името („стојадин", во превод „101 мука", според Википедија), кај му е жешко, уште да го запреш и да му пишеш казна дека на цела мука решил да се олади со отворен прозор?

Да, МНОГУ е глупо да возиш гол, признавам.

Исто така е глупо да им кажуваш на луѓето што да прават во сопствена кола.

Колку тоа луѓе возат топлес, за да се има потреба од закон против тоа?

Се прашувам јас ако возам топлес дали ќе ме казнат...

А фер биле со закониве сепак, онака, полово гледано. Со месеци уназад ме гњават луѓе дека било забрането и да се вози со штикли. Верувам дека ова не се однесува на граѓани од машки род, иако би сакала да присуствувам на сцена каде што фрапиран џандар пишува казна, додека шоферот, онака длакав, нервозно цупка со штикличката по асфалт.
Како да ви кажам, о мои законодавни тела, јас сум мал човек. Мене штиклите ми помагаат да стиснам педаља во мојата машка кола. Плус, верувам дека читателките ќе се сложат со мене дека да магистрираш на вожња со штикли е нешто со кое секоја фина дама со возачка дозвола се гордее. На страна тоа што, кога гледаш дека колата пред тебе прави тешки глупаштини обично ја вози жена.

И вака ќе се распискаат и ќе пуштат трачеви дека се казнува и да џвакаш мастика во кола (?!) или што знам, да мрднеш со лева веѓа и слично, а јас се изнервирав и решив да го проверам Законот за безбедност во сообраќајот.
Резултат?
Ни мастики, ни топлес, ни штикли, дури ни оној вкоренет мит за апостолките.
Просто ме заскокотка помислата на министри и државни службеници мртви озбилни како бараат најбезболно решение да го вметнат зборот „апостолки" во законот.

Bottom line, престанете да се фаќате ко слеп за стап за вакви работи. Ни јас не сум поарна, пет месеци смислувам што ќе му кажам на џандар ако ми рече да излезам од возилото да провери што кондури носам. Све затоа што мајка ми слушнала чаршиски муабет па нонстоп ме кара за тоа.
Мислам, замислете го муабетот.

-Излезете од возилото.
...
-Баргала, а?
-Не, Бата...
-...
-...
-Зашо прајте вакви работи, бе? Дај возачка и сообраќајна, ајде...

Уште една bottom line, од моментот кога ќе положиш, престануваш да возиш поштено и школски.

А проблемите во сообраќајот не се ни од топлес, ни од штикли, туку од глуперди, занес и преголема самодоверба.

Пред да ми рипнат сопствените другари да ме реметат - не сум ни јас некој опасен шофер. Сакам да кажам, еднаш, паркирајќи се зад другар ми, ја оставив колата во лер, па за кратко време колите нежно се пољубија. Дека сум многу паметна.

 

Бидете умни,
Јана

 

18 април 2012 - 14:49