Пердуви, трепки и вреќи

Не знам кој ја зачна таа блесава идеја дека паметната и ангажирана жена не треба да троши време на шминкање, на усогласување на гардеробата, на разголување во пристојни количини и на кондури.

Гледам се вртка по Фејсбук еден цртеж... На него еден куп плавуши, секоја иста, дотерана, секоја со различно парче шминка во рака, затрепкана, со duckface. Меѓу сите нив, една бринета, со кратка коса, со старки и дуксер и задлабочена во книга. Ботом лајн, цртежот сака да каже, као, повеќе вредат паметни од глупи, разбирам јас. Тоа што не го разбирам е, од кога бре тоа дотерани и средени се исклучиво плитки, а вреќасти и ненашминкани се исклучиво паметни?

Демек, дотераните не можат да бидат паметни, а тие што немаат време за тривијалности како разубавување не можат да бидат ослепувачки глупи?

Вака луѓе мои. Разбирам јас дека често зад пластични усни, две кила пудра и цицки уз врат се крие шуплива глава. Али не секогаш е величината на штиклата еднаква на коефициентот на интелигенција, не е шминката малтер и плавата коса не пие мозок, ма колку и да сакам јас да се шалам дека оглупев кога се исшатирав еднаш. Не знам кој ја зачна таа блесава идеја дека паметната и ангажирана жена не треба да троши време на шминкање, на усогласување на гардеробата, на разголување во пристојни количини и на кондури. Тотално е глупо животот да ти се врти околу тоа, али уште поглупо е да мислиш дека си над тие основни потребштини на една жена.. Далеку од тоа дека би советувала да се шетаме у фустанчиња од полиестер и прозирни штикли во два на пладне, али би можеле да се чешламе понекогаш.
И сево ова, не за да му се допаднеме на светот. Не за да ми се допаднеме мене или на некаков маж. За себе, бе. Зошто да не?

Не мора да се става пудра, ама може да се негува лицето за да не личи на шмиргла. Или да се негуваат усните за, при поздрав пријателот, или недајбоже партнерот да не помисли дека се бацува со брусилица. И може, за име божје, да се депилираат раце! А ако треба на некој да му се каже дека и нозе се депилираат, тогаш, тука ќе запрам...

Како и да е, не е мое да им судам на жените што решиле да не се улепшаваат, и тоа не ги прави ни подобри ни полоши личности, ниту поквалитетни, ниту поспособни, бидејќи се доаѓа од внатре и све тоа како иде по ред.

Ме нервира фактот што се суди и се создава една свест дека жена која обрнува внимание на својот изглед не може да се смета за доволно способна и мудра. Просто како да се заборава фактот дека вредноста лежи во жена која има време и да работи и интелектуално да се надоградува и истовремено да предизвикува пријатност со својот изглед. И да биде среќна кога ќе се погледне во огледало.

***

Јас морам да ви признаам дека лепам трепки многу, многу често. Уствари, не морам да ви признаам, бидејќи се толку ДОЛГИ што е очигледно. Имам розеви и црвени штикли, и се плашам дека дури имам и круна дома, што ми ги држи шишките, тоа сум кажала? Комшиите чудно ме гледаат, да.
Имам наметка со црни пердуви.
Имам и лепеза со розеви пердуви.
И кратка црна перика.

А ако сето ова значи дека сум глупача, тогаш, каде да потпишам?

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

30 септември 2012 - 01:30