Само да не биде голо!

„Мулч“ или лек за плевел

Втора најчеста причина поради која ме ангажираат муштериите е плевење. Веднаш да кажам, не го сакам ич. Но, и тоа мора некој да го прави. Уште потешко и од самото плевење ми паѓа кога гледам дека некаде трудот е бесмислен бидејќи не се прават работите до крај. Ако не се покрие голата земја со некој мулч, џабе плевењето.

Плевењето е физички тешка активност. Работиш само со горната половина од телото (некои работат свиткани, други на колена), со мало мотиче или цепин (јас со тесла и мало трозабо гребло), внимателно околу разните дрва, грмушки, а најпипаво е околу цвеќињата. Нема побавна активност во дворот. За мене е најмачна и најдосадна. А тешко се гледа и сработеното. За исто време за кое ќе исплевиш неколку квадрати, ќе искосиш стотици со косилица.

И сега доаѓа НАЈголемата мака – сиот тој труд е само за неколку недели. После мора јово-на-ново. Кај нас така се работи. Има ли подобар пристап? Има. Се вика мулчирање.

Што е мулчирање? Тоа е покривање на голата земја. Како што нема смисла плевење без мулчирање, така нема ни обратното. За да има смисла мулчирањето, прво мора да се исплеви темелно, и тоа не еднаш туку барем двапати. Потоа, се распостила мулчот. Мулчот спречува да избиваат нови плевели. Ќе ти помогне да не паднеш во маѓепсаниот круг на бесмислено плевење по неколку пати годишно и осиромашување на земјата.

Што може да се користи како мулч? Многу работи од животинско, растително или минерално потекло: коскено брашно, компост (како да компостираш претходно пишував тука), дрвени деланки во боја (wood chips), струготини, борови иглици, мелени шишарки, цели шишарки, листинец, сено, слама, тампон (дробен камен), вулкански камен, и што уште не.

мулч од борови иглици

wood chips

слама како мулч

Од мулчот има и други користи (освен спречување на плевели). На пример, ја задржува многу подобро влагата во почвата за да ја искористат растенијата и да не „избега“ во сувиот, летен воздух. Бактериите живеат и работат подобро во повлажна и посвежа средина, под мулч. Тие прават храна за растенијата. Растенијата немаат конкуренција од трева или плевели па побрзо растат и појаки се во споредба со растенија со трева и/или плевел околу нив или само гола земја. Органскиот мулч на крај станува и компост (се претвора во хранлива земја).

Неколку стапици со мулчирањето кои треба да се избегнуваат:

  • Не прави хумки околу растенијата (mulch volcanoes). Треба да се остави слободен простор околу дрвата и грмушките едно 10цм, инаку разни габи и инсекти може да почнат да ја нагризуваат кората на растенијата како што го разградуваат мулчот.
  • Општо земено, дебелината на мулчот не треба да биде над 10цм никаде.
  • Немој да ставаш мулч ако не си исплевил добро. Не можеш со мулч да го угушиш плевелот.
  • Плеви редовно и натаму; многу лесно се вадат новите плевели од мулчот.
  • На некои повисоки места и места што држат вода до касна пролет, мулчот треба да се користи поумерено.
  • Треба да се знаат добро потребите на различните растенија, како и особините на различните видови мулч. На пример, некои цвеќиња кои растат на камен и на песок не трпат мулч кој ослободува киселини.  

На сите што сакаат да дознаат повеќе им ја препорачувам “No-Work Garden Book” (од Ruth Stout). Ја има и на хрватски (“Vrt bez motike”).

Сум видел некои што ставаат прво најлон, па после некој мулч. Но, така се губат многу придобивки од мулчот. На пример, водата многу малку ќе продира до растенијата, а многу слабо ќе се суши. Почвата ќе биде поладна. Нема да доаѓа храна од распаднатиот мулч до корењата. Нема ни воздух. Сето тоа се понеповолни услови за бактериите во земјата и за корењата на растенијата. Алтернатива за најлон е филц (или флис), или некој текстил што пропушта вода. Сепак, најдобро е како во шума, само растителна прекривка врз исплевена земја.

Тревата и повеќегодишните плевели се конкуренција за растенијата што ги одгледуваме. Но, решението не е само во плевење. Голата земја е анатема за градинарите. Гледај да не остане голо! Користи соодветен мулч.

27 декември 2016 - 15:33